Стерилен отпор

14.01.2013 10:39
Стерилен отпор

„На Персеј му требаше невидлива шапка за да ги преследува чудовиштата. Ние длабоко ја натиснуваме невидливата шапка преку уши и преку очи за да можеме да го одречеме самото суштествување на чудовиштето“ (Маркс).

 

Одговор на ставот „Е затоа толку отпор!“ од Златко Шарчевиќ

Почитуван сограѓанин Шарчевиќ,
сакам да ви кажам дека го споделувам вашето мислење дека оваа власт треба да си замине (по ѓаволите, по можност), но морам да ви забележам дека не разбирате дека суштински ништо нема да се промени за мнозинството на народот ако отпорот го сведеме на разменување тупаници (зборуваме фигуративно, но ако сакате и физички деструктивно). Вие без да сфаќате, тупаниците ќе ги разменуваме со непријателот сè додека постои основата за борба меѓу нас и другите. Штом ја отстраниме таа основа, нема да има потреба од борба од проста причина што ќе нема судир на интереси. Маалскиот месија, на кој вие алудирате, според тоа, е само олицетворение на истата основа. Тампонот и розовите очила се токму таа основа. Тие не се материјални па за да можеме да ги згмечиме и уништиме со тупаницата туку апстрактни. Значи, нашиот непријател е невидлив. А, неговото име е г-дин Капитал. Тој е тампонот на нашиот непријател, но во исто време и розови очила за народот. Отпорот против него е плукање спроти ветрот. „На Персеј му требаше невидлива шапка за да ги преследува чудовиштата. Ние длабоко ја натиснуваме невидливата шапка преку уши и преку очи за да можеме да го одречеме самото суштествување на чудовиштето“ (Маркс).

Демократија, макар ги забоделе во низа сите пратеници на ДПМНЕ низ мечот на Александар Тиранинот среде плоштад, врз основа на производство заради апстрактно богатство е лага за наивни деца и шарлатани (свесни шарлатани кои ја злоупотребуваат оваа лага против народот и несвесни шарлатани кои се најопасни по благосостојбата на народот токму бидејќи се несвесни „просветители“). Злото на парламентарните системи или либералната демократија се состои во тоа што власта е во рацете на професионални политичари и државни чиновници, а не обичниот народ. Правото да се гласа не е исто што и правото да се користи власта. Ќе треба многу години пред граѓаните да можат да ги отповикаат ненародните политичари како Груевски и Црвенковски кои ветуваа и реализираа амнестија за политичари инволвирани во најгрубо кршење на неприкосновеното право на живот на граѓани на Република Македонија. Македонските политичари заеднички одлучија да ги зголемат своите плати, платени од граѓаните, па кој ги спречи? Македонскиот парламент не го претставува населението во однос на возраст, пол и класа. Тоа е причина граѓаните да имаат ретко, ако не и воопшто, збор во одлуките на политичарите, коишто влијаат на нив и животите на нивните семејства. Главните спорни прашања како оданочување, војна и мир, се решаваат без да се повикува на јавното мислење. Тоа може да се случува само во парламентарен систем во којшто владеат професионални политичари, а не обичните луѓе.

Американските револуционери, на пример, го избрале римскиот модел на државно уредување, бидејќи САД биле создадени како држава од робовладетели. Дури и уставот на САД бил составен од робовладетелски џентлмени како Џорџ Вашингтон. Римскиот модел на држава со економска база на паричен капитал ги преобразил САД во република на малигни метастази од профити и нивни персонификации во Калигулски лунатици. Тие лунатици се сенаторите како класа на професионални политичари од богаташка клика. Значи, наемниот работник нема никакви можности да стане сенатор, бидејќи тој со годишна заработка од 32.000 долари се обидува да не се разболи или повреди, а не размислува да добие превентивна нега. Сенаторската класа или нашава елита на професионални политичари проклето лаже кога тврди дека владее во името на народот, кога таа ја носи во џебот својата општествена сила. Според тоа, нивните политики ќе ги фаворизираат капиталистите, а не работниците.

Ако во VI-тиот век пред Христос, демократијата значела целото население да се собира на градскиот плоштад со цел да гласа, во XXI-от век демократијата ќе значи целото население да гласа електронски за важни прашања после гледање телевизиска дебата од страна на претставничко студио-собрание. Тоа е овозможено со моќта на технологијата, со мобилните телефони и интернетот. Овие гласачки средства ќе бидат бесплатни според уставно право кое ќе гарантира дека електронското гласање би било општо.

Во едно демократско општество нема да има влада, премиер, претседател, државен водач. Народниот суверенитет ќе се потпира на Народното собрание. Тоа треба да биде граѓанско тело, а не хиерархија на високо платени елитни политичари. Членовите треба да се соочуваат со избори секоја година, како и да се ограничи нивната служба на максимум од 2 години за да се спречи формирање на класа на професионални политичари одвоени од јавноста. Парламентот треба да се избира случајно, а не, како сега, врз основа на систем од партиски списоци. Демократија без професионални политичари е возможна и од технички поглед. Софтверот за електронско гласање веќе го поседува Министерството за внатрешни работи. Компаниите „Хјулит-Пакард“ и шпанската фирма „Скај тел“ веќе имаат понудено целосен проект за воведување на електронското гласање во Македонија, односно гласачки машини, софтвер и друга неопходна опрема. Во демократијата луѓето се крајните носители на моќта. Тие гласаат за да се оданочуваат себеси и да му доверат буџет на демократскиот совет за да произведе бесплатни услуги.

Грабежот на џебот на граѓаните е злодело на двете најголеми политички партии во оваа држава. Затоа Шеќеринска и Астеруд кога во една прилика зборуваа за правата на работниците повеќе ликуваа отколку протестираа и тие се лакеи на капиталот, предавници на нацијата, но не и пријателки на народот. Затоа отпорот кој го сугерирате сограѓанине Шарчевиќ заради спас на нацијата не бидува. Во истражувањето насловено „Обезвреднување на трудот“ (2010) има два биланси, биланс на владите предводени од СДСМ во однос на намалувања на работничките права и биланс на владите предводени од ДПМНЕ во однос на истите намалувања. Ние ќе се задржиме на намалувањата на работничките права кои удриле по џебот на граѓаните, а на што aлудира сограѓанинот Шарчевиќ. Така во 1993, 1997, 2003, 2005 и 2006 се изгласа драстично намалување на времето за кое се исплатува паричниот надоместок за невработените лица (Закон за вработување и осигурување во случај на невработеност); во 1997, 2003 и 2005 се изгласа намалување на износот на испратнината за лицата прогласени за технолошки вишок (Закон за работни односи); во 2004 се изгласа укинување на одредбите со кои се регулира правото на работниците на учество во управувањето со акционерските друштва. И друштвата во државна сопственост со што фактички е оневозможено остварувањето на ова право (Закон за трговските друштва); а во 2005 се изгласа намалување на средствата кои се издвојуваат за вработување на инвалидните лица (Закон за вработување на инвалидни лица) итн. Каде беа социјалдемократките како Астеруд и Шеќеринска во 2005 година да даваат отпор на одумирањето на социјалната демократија во Република Македонија кога значително се отежна остварувањето на правото на штрајк и се воведе можност за забрана на дејствување на синдикат! Веројатно Шеќеринска беше „презафатена“ околу својата магистратура на американската школа за дипломатија и право Флечер, а Астеруд „пишуваше“ учебник по предметот „Вовед во право“, додека правата на работниците, уште на прв поглед одбиваат, па тоа се криви дрини и нив ниту јакобинецот правник Робеспјер не може да ги исправи. Не, не може така, на општествената интелигенција мора да ѝ се случат „Нирнбершки судења“ поради својата историска одговорност што ѝ наметна на нацијата економски фашизам!

Не постои објективен, реален медиум за народот во услови кога медиумите се во рацете на г-дин Капитал. Тие мораат да му слугуваат нему, а да предизвикуваат кај народот екстаза и делириум во зависност од моменталните ќефови на тој ист г-дин, но и да ја продолжат онанијата, пардон, филозофијата на државата, правото и сопственоста напишана и озаконета така што ќе промовира и штити експлоатација на безимотните. Според тоа, нема разлика меѓу „Нова Македонија“ на Минчо Јорданов, „Вест“ на Срѓан Ќерим, „Време“ на Рамковски и медиумите на Љубисав Иванов. Исповедта (25.05.2011) на вработен новинар во некогашен дневен весник „Време“ доволно зборува за заблудата на сограѓанинот Шарчевиќ.

Драг Захов,

Во грч поради тоа што не ти ја објавив колумната и дури не те известив за тоа што се случува овде... жалам што ти и други како тебе извесно време ќе бидат жртви на уредувачката политика. Читај што се објавува и ќе ти стане јасно. Јас, се разбира, не сум креатор на таквата политика. Напротив. Но, не можам сам ништо да изменам. Ти ќе знаеш каков суд да донесеш за тоа. ...

Сограѓанину! На оние „селски факултети“ предава истиот кадар на научни работници кој предава на Факултетот за природно математички науки, некогаш Рударско-геолошки факултет при Универзитетот Кирил и Методиј. Академските граѓани кои зрачат од професионализам и ентузијазам бегаат во странство – не поради, како што вие тврдите, штанцаните дипломи на Универзитетот Гоце Делчев преку кои партиските војничиња грабаат унапредувања и добиваат решенија – туку поради фактот што владата на Груевски, најголемиот непријател на нацијата, води погубна макроекономска политика која го спречува зголемувањето на бројот на жители на Република Македонија, а чие зголемување е најзначајниот просперитет за која било земја. Заклучокот од вашиот став – дека кадрите кои зрачат од професионализам и ентузијазам треба да се вработуваат во државната администрација – не е логички, туку со иста мера погубен. А тој нелогички заклучок од вашиот став произлегува од тоа што не ја сфаќате улогата на јавната администрација. Нејзиното ширење е пропорционално на обезвреднувањето на општественото богатство кое се акумулира и репродуцира во приватниот сектор на македонското стопанство. Зошто една таква улога на паразит? Бруто домашниот производ е сума од вредности додадена од сите економски субјекти, односно разликата помеѓу вредноста на производството и потрошените инпути (енергетски трошоци, суровини итн.) Значи, додадената вредност е всушност составена од два главни делови: плати и профити. Но, за јавната администрација, вредноста на производство не ни е на располагање бидејќи јавните услуги генерално не се купуваат од која било страна на пазарот. Според тоа, ние немаме реална проценка или ако сакате метод да го утврдиме реалниот придонес на јавната администрација во зголемување на општественото богатство на нацијата, и според тоа, неговата благосостојба.

Во тој случај, сограѓанине Шарчевиќ, ве молам како еднаков социјалдемократ на вас, да ги предупредите хероите кои деновиве извикуваат „Che morto per la liberta“ дека тој умрел за слободата на работниците, на трудот од прангите на капиталот (во лицето на фабрикантот, банкарот и земјоделскиот рентиер) и дека кога зборовите ќе го изгубат своето значење, луѓето ќе ја изгубат својата слобода (Кунг Фу Це). Таква траурна последица има и по извиканиот Че и криците за правда и слобода на народот – заглушувачки.

Е затоа отпорот е толку стерилен!

Слики: Paul Helm