Обид да се мисли слободоумно

15.01.2013 11:15
Обид да се мисли слободоумно

Додека илјадници побожни муслимани се борат против присилната исламизација на нивната влада во Египет и додека илјадници искрени христијани се спротивставуваат на притисокот на групата Tea Party да се христијанизира нашата влада, морам да размислам дали сум навистина против организираната религија, што отсекогаш мислев дека сум, или само против црквата која се меша во државните работи - против религијата која сака да ги контролира практичните одлуки и интелектуалната сфера, што уште од времето на Просветителството ѝ е ускратено.

Волтеровата непреводлива и непроценлива парола, écrasez l’infâme! - згазете ја бесрамноста! - не се однесува на религијата, како што би сакале милитантните атеисти. Се однесува на политиката и дејствувањето на католичката црква. Тоа што тој страсно го мразел црковното спречување на слободоумието не го спречувало да биде деист, ниту да ја прими последната причест во црквата во која е роден. L’infâme не е религија туку злоупотреба на религијата, религија претворена во контрола, деградирана со „моќта за“ на „моќта над“. L’infâme се нападниот поп и свештенстото, црквата која се прогласува себеси за влада над политичката влада и ја поставува слепата послушност над индивидуалната совест, клучниот елемент на државата која се стреми кон демократија и слобода.

Во Уставот на САД не се спомнува бог. Уставот единствено се повикува на Слободата. Оваа земја не е заснована „под Бога“. Луѓето кои го пишувале Уставот главно ја признавале вредноста на религијата во нејзината сопствена сфера, како голема сила во зачувувањето на заедницата и водич за духовна пракса, понекогаш и за морален избор, но остро ја бранеле разликата меѓу верскиот и политичкиот домен и ја потврдиле нужноста на оваа дистинкција во првиот амандман на Уставот.

Обидите таа да се замагли со дозволување или барање на молитва и повикување на бог во државните процедури зачестија во последните шеесет години. Стремежот Америка да се претвори во христијанска држава е засилен со десничарското поистоветување со фундаментализмот. Фундаментализмот, сфаќањето на религиите не како слободно избрани заедници на мисли и обреди туку како беспоговорно слушање на свештеничките барања и учења, од религиите прави противници на какво била заедница или држава освен заедницата на свештенството и политичарите кои ѝ служат.

Не постои начин таквото „сè или ништо“ хиерократско уредување да функционира напоредно со демократијата. Ова е трагедијата на Израел, а можеби ќе биде и трагедија на Европа.

Црквата која ја контролира војската и полицијата е страотно моќна. Но, фундаменталистичкото свештенство може да го присили и заплаши дури и значајното мнозинство припадници на црквата да го прифати фанатичниот екстремизам, обично држејќи го половина паство, т.е. жените, во незнаење и во подредена положба; заканувајќи се и казнувајќи ги непослушноста и ересот; и поттикнувајќи конфесионални предрасуди и омраза.

За жал - и тоа е она што сега ме мачи - таквото свештенство може да се потпре и на предрасудите на другите конфесии и другите религии, како и на предрасудите на нерелигиозните, на потсмевот и презирот кои од секоја група прават заедница полна со омраза и суета, спремна да ја претвори самоодбраната во заслепена агресивност.

Затворената група опстанува благодарение на оние надвор од неа. Ние не постоиме без Нив, без оглед дали ние ги прогласуваме за други, или тие нас.

Израелците кои го поддржуваат Нетанјаху, екстремното крило на Муслиманското братство, реакционерно-религиското американско движење моментално отелотворено во движењето Tea Party, сите тие дејствуваат во рамки на самонаметнатото убедување дека нивната религија е единствената валидна и дека таа мора да биде водич за политичко дејствување. Но, нивниот фанатизам истовремено е резултат на либералните предрасуди, кои пречесто ги ставаат сите Евреи во ист кош, или сите муслимани, или сите христијани. Поистоветувањето на бројните мирољубиви верници со неколку опасни фанатици значи да се размислува милитантно - Ние вечно против Нив - и одбивање на секаков компромис, секаква надеж за мирен соживот, а камо ли демократска соработка.

Луѓето со слободен ум не смеат да дозволат злоупотребата на религијата да ги сврти против секаква религија. Можеби сè уште најдобриот одговор за луѓето кои сакаат да нè натераат на поделби и раздор е - непоколебливото молчење на Уставот.

Извор: Book View Cafe
Слики: Joana Kruse

ОкоБоли главаВицФото