Духот на племето во агонија

15.01.2013 13:24
Духот на племето во агонија

СДСМ има историска шанса ем конечно да стане сериозна и профилирана политичка организација, ем одново да ја врати смислата на политиката во центарот на јавната кауза. Во тој контекст, кризата што Македонија ја живее може да се покаже, како и други историски кризи, како отрезнувачка. Зашто во криза во моментов не се само институциите на власта, туку целото општество. Не е само ВМРО ДПМНЕ злокобна карикатура на политичка партија (претворена во монструозен микс меѓу лоповска банда и агенција за односи со јавност); целокупниот политички и општествен живот во моментов наликува на злокобна карикатура. Главната јавна сцена (телевизиите и повеќето весници) е окупирана од страна на режимот, а во периферните делови на јавната сцена дебатите се површни, кавгаџиски, вжештени и без основни ориентири. Во игра е голата борба за опстанок. Таквата екстремна ситуација, таквото радикално продлабочување на кризата, велам, може да создаде потемелна промена на атмосферата во земјата; таа промена на атмосферата може да помогне за менување на вредностите на граѓаните и за едно поинакво разбирање на политиката кое, во крајна линија, ќе создаде попартиципативен политички систем и пофункционални институции, овојпат насочени кон потребите и интересите на граѓаните, а не на забеганите бандитски елити (таквата ситуација ја имаме во моментов: сите институции се во функција на одбрана на интересите на една мала политичко-мафијашка дружина).

За СДСМ да може да одговори на историскиот предизвик тој мора да се отвори кон општеството и однатре да ги акумулира и реорганизира снажните политички енергии. СДСМ треба да направи коперникански исчекор кон посуштинска децентрализација и демократизација на партијата. Токму кризава покажа дека насекаде низ Македонија сè уште има храбри, срчани и ангажирани луѓе кои нема туку-така да потклекнат пред едноумието што го диктира власта. (Со групата ГЕМ, Граѓани за европска Македонија, изминативе години одржавме неколку десетици јавни дебати ширум земјава; и низ тие среќавања со граѓаните се уверив дека во Македонија сè уште има и енергија и памет земјава да биде подобра, за сите свои граѓани, од сегашниот кошмар.)

Ако груевистичкиот режим политички ја уназади Македонија за барем десетина години (и финансиски ја заглави за барем следните дваесет години), сенародното антигруевистичко движење има шанси да ја врати земјата на некој понормален историски колосек. Во тоа, меѓу другото, лежи важноста на опозициското излегување на улица, надвор од институциите. СДСМ и целокупната опозиција имаат шанса да го примат и политички да го артикулираат антисистемското расположение на граѓаните кое периодов го гледавме во Грција, Словенија, Шпанија, Африка, насекаде. Без посуштинско менување на системот речиси ќе биде бескорисна смената на забеганиов режим. Ломовите после Груевски, огромните финансиски дупки, огромната превработеност во државниот апарат, огромната невработеност надвор од државниот апарат и застрашувачката сиромаштија дури тогаш ќе ја дотолчат земјава бетер од грчкото сценарио.

Затоа СДСМ и сите други опозициски и слободарски ориентирани луѓе во моментов не смеат да спијат. Во моментов треба да се создава идна Македонија. Не треба да се чека урнатините на Македонија груевистите да ни ги отстапат на користење за понатамошно глодање. Во таа смисла, опозицијата има огромна предност во однос на режимот. Точно е, сите ресурси, целата пропагандна машинерија, сите репресивни механизми се на страната на режимот. Но, точно е и тоа дека режимот е исклучиво одговорен за стотиците дупки низ кои во моментов вода продира во бродот. И секој ден власта мора да ги крпи тие дупки или да глуми дека крпи. А тоа им одзема време и сила. Опозицијата, пак, има чист простор да се посвети исклучиво на борбата за слобода и на изградбата на поправеден и повклучувачки систем.

На земјава, значи, ѝ е потребен темелен демократски пресврт, враќање кон корените на општественото организирање, заедничкиот договор. Отпорот спрема неправедната моќ секако е важен, за него постои потреба во секоја заедница. Но, тој ја задржува поимската поделба на „нив“ кои имаат моќ и виновни се, и нас, кои даваме отпор, но не сме одговорни. Давањето отпор не е цел и не е доволно. Барањето „тие" да се присилат на тоа да ја променат „нивната" влада и политика сè уште не ги препознава владата и политиката како (потенцијално и својствено) наши, како нешто што се однесува на секого од нас. Затоа Хана Арент беше во право кога инсистираше дека она што ни е потребно е политизацијата, придвижувањето на оние кои сега се потчинети, повлечени, или немаат одговорност, спрема нивните сопствени можности, потреби и одговорности. Политизацијата овде не го подразбира ниту растечкото управувачко навлегување во приватните животи на луѓето, ниту должната потчинетост спрема официјалните авторитети, туку, напротив, таа подразбира одговорно и делотворно учествување во самовладата кое им се обраќа на стварните проблеми и потреби.

Деновиве на Окно имаше интересен текст за разликата меѓу повеста и историјата. „Повеста ја менува историјата. Историјата ѝ се спротивставува на повеста. Затоа духот на паланката, како што објаснува Радомир Константиновиќ, е дух на племето во агонија, зашто тој тежнее да ја сочува историјата, иако нема освојување на слободата без повесни чинови. Коренот на паланечката агонија е во тој, психоаналитички речено, заборав на слободата. Филозофот Милан Кангрга вели: заборав на иднината. Тоа е исто. Константиновиќ во својата ’Историја на паланката’ вели дека паланечката свест го спречува она-што-уште-не-е, со тоа движејќи се, како што би рекол Кангрга, исклучиво внатре во постојното како нешто дадено еднаш засекогаш.“

Та така и нам, сега и овде, ни претстои да се избориме за своите повесни чинови кои ќе ја променат историјата на Македонија. Ќе мораме богами пожестоко, оти веќе нема каде, да му се спротиставиме на „духот на племето во агонија“ (и Блаже Конески зборуваше за кобноста на „смачканото племе“).

За крај ставам уште еден важен подолг цитат од текст од писателот Филип Давид деновиве исто така објавен на Окно, Освојување на слободата, пишуван во ужасната и воена 1994 година:

Нагласената аполитичност во авторитарните режими е полоша и поопасна од обичниот конформизам: тоа е одобрување на сите оние валкани работи кои се прават токму пред нашите очи: од бесното производство на лаги до создавање концентрациони логори и извршување воени злосторства. Во 1934 година, поттикнат од ситуацијата во Германија, Томас Ман пишува за опасните режими кои применуваат „методи на безгранично лажење и оглупување“. Кога на Ман му замериле дека со ваквата директна критика ја напушта својата книжевна етика на иронија и дистанца, тој, само за неупатените неочекувано, одговорил дека во моменталните околности „бранителот на чистата книжевност изгледа жално, зашто политичката борба во сегашните услови е позначајна, поодлучна и подостојна за почит од целокупната поезија“. Оваа „политичка борба“ која ја споменува Томас Ман не е ништо друго освен морален став. Во системите на заглупување и автодеструкција за чесниот човек нема избор - мора да застане наспроти измамите кои ги нуди режимот. Единствена цена на ангажманот е вистината. Лагата ги парализира и заглупува поединците, но и цели народи. Нацистите и за нив приврзаните родољуби и патриоти го обележале Томас Ман како предавник. Ханс Магнус Енцесбергер многу години подоцна во својот „Прилог кон теоријата на предавството“ пишува за неизбежноста на предавството. „За логиката на овој поим“, вели тој, „попрво е пресудно тоа што под одредени историски околности секој мора да стане предавник“. Особено во оние системи на владеење кои се изедначуваат со државата и народот правејќи злоупотреби во нивно име, па дури и полошо: злосторства. Ништожниците кои стојат на страна поради презир кон секојдневието, божем чувајќи ја чистотата на уметноста и науката, подеднакво од својата позиција прават воен профит како и оние кои го рават тоа јавно и бескрупулозно. Освојувањето на слободата не е колективен, туку индивидуален чин, Слободниот поединец кој ја нагризува семоќта на авторитарната политичка елита, е најголема опасност за насилната држава. Да се живее без слобода, или да не се тежнее кон слободата, значи да се биде без сопствена волја, морална нула, соучесник во злосторствата.

Фотографии: Hanne Hvattum

 

ОкоБоли главаВицФото