Писмо од затворот во Бирмингем (1)

16.01.2013 13:39
Писмо од затворот во Бирмингем

„Писмото од затворот во Бирмингем“ е текст напишан од истакнатиот американски политичар и борец за граѓански права, Мартин Лутер Кинг, во 1963 година, кога тој бил лишен од слобода во градскиот затвор во Бирмингем во Алабама, САД. Писмото претставува одговор на изјавата дадена од осум бели духовници од Алабама на 12 април истата година, насловена како „Повик за единство“. Духовниците се согласиле дека расните и социјалните неправди постојат, но го бранеле ставот дека војната против расната сегрегација треба да биде водена само во судниците, а не на улиците. Одговорот на Кинг е дека без снажни ненасилни директни акции како неговите, вистински граѓански права никогаш нема да се постигнат. Како што тој самиот вели: „Тоа ’чекај’ речиси секогаш значеше ’никогаш’“. Кинг вели дека граѓанската непослушност не е само оправдана со оглед на неправедните закони, туку исто така е и морална одговорност.

Писмото од затворот во Бирмингем ја вклучува и познатата сентенца, „Неправдата нанесена некаде е закана за правдата секаде", како и зборовите што му се припишуваат на Вилијам Гладстоун а се цитирани од Кинг: „Премногу долгото одложување правда е одбивање на правдата".

Текстот на Кинг под наслов Letter from Birmingham Jail прв пат бил објавен во јуни 1963 во Liberation, а малку подоцна и во списанијата The New Leader и The Atlantic Monthly. Целосната содржина на писмото Кинг ја вклучил во својата книга Why We Can't Wait (Зошто не можеме да чекаме), издадена во 1964 година. Во меѓувреме, писмото на Кинг стана еден од најцитираните текстови на сите времиња.


Почитувани колеги свештеници:
Додека ја отслужувам казната во затворот во Бирмингем, наидов на вашата недамнешна изјава во која моите сегашни активности ги нарекувате „погрешни и ненавремени“. Јас ретко одвојувам време за да одговорам на критика за мојата работа и за моите идеи. Ако се обидував да одговорам на сите критики што стигнуваат до моето биро, моите секретари ќе имаа малку време во денот за друга работа освен за таква кореспонденција, а јас воопшто немаше да имам време за конструктивна работа. Сепак, бидејќи сметам дека вие сте луѓе со добра волја и дека вашата критика е искрена, ќе се обидам смирено и разумно да одговорам на вашата изјава.

Мислам дека треба да ја наведам причината зошто сум тука во Бирмингем, бидејќи гледам дека вие сте под влијание на ставот кој се противи на „доаѓањето на аутсајдери“. Јас имав чест да бидам претседател на Јужно-христијанската лидерска конференција, организација која работи во сите јужни земји, со седиште во Атланта, Џорџија. Ние имаме околу осумдесет и пет сродни организации ширум Југот, а една од нив е и Христијанското движење за човекови права на Алабама. Со нашите сродни организации често ги делиме персоналот, образовните и финансиските ресурси. Пред неколку месеци, една сродна организација лоцирана овде во Бирмингем од нас побара да биде вклучена во програмата за ненасилна директна акција, доколку се јави потреба. Ние воодушевено се согласивме, и кога дојде часот го исполнивме нашето ветување. Па така, јас - заедно со неколку членови на мојот персонал – стигнавме овде, бидејќи бевме повикани да дојдеме. Јас сум овде бидејќи тука имам организациски врски.

Она што е поважно е дека јас сум во Бирмингем поради неправдата што постои тука. Исто како што пророците од осмиот век п.н.е. ги напуштиле своите села и ја ширеле вербата дека „така рекол Господ“ надвор од границите на нивните родни градови, исто како што Апостол Павле го напуштил своето село Тарсус и го ширел евангелието на Исус Христос во најоддалечените делови на грчко-римскиот свет, така и јас се чувствувам обврзан да го ширам евангелието за слобода подалеку од мојот роден град. Како Павле, така и јас морам постојано да одговорам на македонскиот повик за помош.

Освен тоа, свесен сум за меѓусебната поврзаност на сите заедници и држави. Не можам да седам безработен во Атланта и да не се грижам за она што се случува во Бирмингем. Неправдата нанесена некаде е закана за правдата секаде. Ние сме заробени во необјаснива мрежа на взаемност, врзани во една преслека на судбината. Она што некого директно го засега, индиректно ги засега и другите. Никогаш повеќе не смееме да дозволиме да живееме со тесната, провинциска идеа за „надворешниот агитатор“. Секој кој живее во Соединетите Држави не може да се смета за аутсајдер каде било во рамките на САД.

Вие изразивте жалење за демонстрациите што се одвиваат во Бирмингем. Жал ми е што морам да кажам, но вашата изјава не успева да пренесе слична загриженост за условите коишто доведоа до демонстрациите. Сигурен сум дека ниту еден од вас не би бил задоволен со површна социјална анализа којашто повеќе се однесува на ефектите, а не се зафаќа со основните причини. Жално е тоа што во Бирмингем се случуваат демонстрации, но уште пожално е тоа што белите структури на моќ во градот не ѝ оставија друга алтернатива на црнечката заедница.

Во секоја ненасилна кампања постојат четири основни чекори: собирање на фактите, за да се утврди дали постои неправда; преговарање; самопрочистување; и директна акција. Во Бирмингем, ние ги минавме сите чекори. Никој не може да го побие фактот дека расната неправда е широкоприсутна во оваа заедница. Бирмингем е можеби најтемелно сегрегираниот град во Соединетите Држави. Неговото грдо досие на бруталност е познато насекаде. Црнците се соочуваат со ужасно неправеден третман во судовите. Во Бирмингем има многу повеќе нерешени случаи на бомбардирање на домовите и црквите на црнците, отколку во кој било друг град во земјата. Ова се тешките, брутални факти на реалноста. Во такви услови, црнечките лидери се обидоа да преговараат со градските татковци. Но овие постојано одбиваа да се впуштат во добронамерни преговори.

Потоа, минатиот септември, се појави можност за разговор со лидерите на економската заедница во Бирмингем. Во текот на преговорите, трговците дадоа одредени ветувања, на пример, дека ќе ги отстранат понижувачките расни знаци од нивните дуќани. Врз основа на овие ветувања, пасторот Фред Шателсворт и лидерите на Христијанското движење за човекови права на Алабама се согласија на мораториум за сите демонстрации. Како што минуваа неделите и месеците, сфативме дека сме жртви на неисполнето ветување. Неколку знаци, отстранети само кус период, повторно беа вратени, а другите останаа. Како и многупати претходно, нашите надежи беа скршени и сенката на длабоко разочарување нависна над нас. Немавме друга алтернатива освен да се подготвиме за директна акција, во која своите сопствени тела ќе ги користиме за презентирање на нашиот случај пред совеста на локалната и на националната заедница. Свесни за тешкотиите што се поврзани со таков потег, одлучивме да направиме процес на самопрочистување. Започнавме серија на работилници за ненасилство и постојано се прашувавме: „Дали сме подготвени да примиме удар, без да возвратиме?“ „Дали сме подготвени да истрпиме и затвор?“ Одлучивме нашата програма на директни акции да ја закажеме за време на велигденските празници, сфаќајќи дека по Божиќ, тоа е главниот период за пазарување во годината. Свесни дека програма на силно економско повлекување ќе биде нус производ на директната акција, сметавме дека овој период е најдобар за извршување притисок врз трговците за потребната промена.

Потоа ни текна дека во март наближуваат изборите за градоначалник на Бирмингем, и набрзина донесовме одлука за одложување на акцијата за еден ден по изборите. Кога откривме дека Комесарот за јавна безбедност, Еуген „Бикот“ Конор, собра доволно гласови за вториот изборен круг, одлучивме повторно да ја одложиме акцијата за еден ден по изборите, со цел демонстрациите да не бидат искористени за да се помати изборниот процес. Како и многумина други, го чекавме поразот на г. Конор и за таа цел постојано го одложувавме денот на демонстрациите. Помагајќи ја оваа потреба на заедницата, сметавме дека нашата програма за директна акција не може повеќе да се одложува.

Можете да прашате: „Зошто е потребна директна акција? Зошто да се излегува на ненасилни протести, маршови и слично? Нели е подобро да се преговара?“ Во право сте кога повикувате на преговори. Навистина, тоа е самата цел на директната акција. Ненасилна директна акција се обидува да создаде таква криза и да негува таква тензија што заедницата којашто постојано одбива да преговара е принудена да се соочи со проблемот. Таа се обидува да го драматизира прашањето за тоа да не може повеќе да биде игнорирано. Моето упатување на создавање тензија како дел од работата на ненасилниот отпор може да звучи прилично шокантно. Но морам да признаам дека јас не се плашам од зборот „тензија“. Јас сериозно се противам на насилна тензија, но постои еден вид конструктивна, ненасилна тензија којашто е потребна за развој. Како што Сократ сметал дека е потребно да создаде ментална тензија за поединците да можат да се кренат против робувањето на митовите и на полу-вистините за да стигнат до неограниченото кралство на креативната анализа и објективното оценување, така и ние гледаме потреба од ненасилни обиди за создавање на еден вид тензија во општеството која ќе им помогне на луѓето да се избават од темните длабочини на предрасудите и расизмот и да ги достигнат величествените висини на разбирањето и на братството. Целта на нашата програма за ненасилна акција е да создаде ситуација на огромна криза којашто неизбежно ќе ја отвори вратата кон преговори. Оттука, јас се согласувам со вашиот повик за преговори. Предолго нашите сакани јужни земји се нурнати во трагичниот напор да живеат монолог, наместо дијалог.

Една од основните поенти во вашата изјава е дека акцијата којашто јас и моите соработници ја презедовме во Бирмингем е ненавремена. Некои прашаа: „Зошто не ѝ дадовте време на новата градска администрација да дејствува?“ Единствениот одговор кој можам да го дадам на ова прашање е дека новата администрација на Бирмингем мораше да биде ставена на тест, исто како и онаа што е во заминување, уште пред да дејствува. Во заблуда сме ако мислиме дека изборот на Алберт Боутвел за градоначалник, во Бирмингем ќе го донесе новиот милениум. Иако г. Боутвел е многу подобра личност од г. Конор, и двајцата се сегрегационисти, посветени на одржување на статусот кво. Јас се надевам дека г. Боутвел ќе биде доволно разумен да ја сфати бескорисноста на огромниот отпор кон десегрегацијата. Но, тој тоа нема да го види без притисок од активистите за граѓански права. Пријатели, морам да ви кажам дека ниту една придобивка во полето на граѓанските права не е направена без посветен правен и ненасилен притисок. За жал, историски факт е дека привилегираните групи ретко се откажуваат од своите привилегии доброволно. Поединците може да ја видат моралната светлина и доброволно да се откажат од нивните неправедни позиции, но како што Рејнхолд Нибур нè потсетува, групите претендираат да бидат понеморални од поединците.

Од болните искуства знаеме дека обесправувачот никогаш доброволно не ја дава слободата; неа мора да ја бараат обесправените. Искрено, јас допрва треба да се впуштам во кампања за директна акција којашто е „добро темпирана“ според оние кои задолжително не страдаат од болеста на сегрегацијата. Со години веќе слушам „почекај!“ Со остра познатост, тој збор одѕвонува во ушите на секој црнец. Ова „почекај“ речиси секогаш значи „никогаш“. Како што вели еден наш истакнат правник, мора да сфатиме дека „правдата која предолго се одложува, е одбиена правда“.

Повеќе од 340 години ние ги чекаме нашите уставни и од Господ дадени права. Нациите во Азија и Африка со голема брзина се движат кон стекнување политичка независност, но ние сè уште одиме нога пред нога. Можеби за оние кои никогаш не ги осетиле острите стрели на сегрегацијата лесно е да се каже „почекај“. Но, кога сте виделе гневни топли како ги линчуваат вашите мајки и татковци по сопствена волја и како ги дават вашите сестри и браќа од хир; кога сте виделе гневни полицајци како ги пцујат, удираат, па дури и убиваат вашите црни браќа и сестри; кога гледате како мнозинството од вашите дваесет милиони црни браќа се гушат во тесниот кафез на сиромаштијата, а живеат во богато општество; кога одеднаш ќе сфатите дека јазикот ви е врзан и пелтечите кога се обидувате на вашата шестгодишна ќерка да ѝ објасните зошто таа не може да оди во новоотворениот забавен парк што се рекламира на телевизија, гледате како солзи се собираат во нејзините очи кога ќе и кажете дека забавниот град е затворен за обоени деца, и ги гледате заканувачките облаци на инфериорност што почнуваат да се формираат во нејзиниот мал ментален свет, па гледате како таа почнува да ја менува својата личност преку развивање несвесна горчина кон белите луѓе; кога мора да го смислите одговорот за вашиот петгодишен син кој прашува : „Тато, зошто белите луѓе толку лошо ги третираат обоените?“; кога ќе тргнете на пат низ земјата и ќе сфатите дека секоја вечер мора да спиете во неудобноста на вашиот автомобил бидејќи ниту еден мотел не ве прифаќа како гостин; кога ден за ден сте понижени од висечките знаци на кои пишува „белци“ и „обоени“; кога вашето прво име станува „црнец“, вашето средно име станува „момче“ (без оглед колку сте стари), а вашето презиме станува „Џон“, а вашата жена и мајка никогаш не ја добиваат почесната титула „госпоѓа“; кога сте ограбувани преку ден и прогонувани преку ноќ од фактот дека сте црнец, постојано одејќи на прсти, никогаш незнаејќи што можете да очекувате следниот ден, и сте преплавени со внатрешни стравови и надворешни јадови; кога постојано се борите со дегенерирачкото чувство на „ништовност“ – тогаш ќе разберете зошто ни е тешко да чекаме. Во еден момент чашата на истрајност се прелеа, и луѓето веќе не се подготвени да бидат втурнати во амбисот на очај. Се надевам, господа, дека можете да ја разберете нашата легитимна и неизбежна нестрпливост. Вие искажувате голема нервоза за нашата подготвеност да ги прекршиме законите. Се разбира, тоа е легитимна грижа. Бидејќи ние со сите сили ги повикуваме луѓето да ја почитуваат одлуката на Врховниот суд од 1954 година во која се забранува сегрегација во јавните училиште, на прв поглед може да се чини парадоксално тоа што свесно ги кршиме законите. Некој може да праша: „Како може да се залагате за кршење на некои закони, но за почитување на другите?“ Одговорот е во фактот дека постојат два вида на закони: праведни и неправедни. Јас би бил првиот кој ќе се залага за почитување на праведните закони. Ние имаме не само правна, туку и морална одговорност да ги почитуваме праведните закони. И обратно, имаме морална одговорност да не ги почитуваме неправедните закони. Јас се согласувам со Св. Августин кој вели дека „неправеден закон воопшто не е закон.“

Сега, која е разликата меѓу овие две? Како да се утврди дали еден закон е праведен или неправеден? Еден праведен закон е кодекс развиен од човекот кој е во согласност со моралниот закон и законот на Господ. Еден неправеден закон е кодекс кој не е во хармонија со моралниот закон. Да се послужам со зборовите на Св. Тома Аквински: Неправедниот закон е закон на човекот кој нема свои корени во вечното право и природниот закон. Секој закон кој претставува одраз на човечкото е праведен. Секој закон кој го деградира човечкото е неправеден. Сите статути за сегрегација се неправедни бидејќи сегрегацијата ја искривува душата и ја оштетува личноста. Тие на оној кој сегрегира му даваат лажно чувство на супериорност, а на сегрегираниот му даваат лажно чувство на инфериорност. Сегрегацијата, според терминологијата на еврејскиот филозоф Мартин Бубер, го заменува односот „јас и тоа“ (предмет кој го користиме или искусуваме) со односот „јас и ти“ (постоење на однос) и завршува со врзување на луѓето за статусот на нештата. Оттука, сегрегацијата не е само политички, економски и социолошки неоснована, таа е и морално грешна и претставува грев. Пол Тилих рекол дека грев е одделувањето. Нели сегрегацијата е егзистенцијален израз на трагичната одделеност на човекот, на неговото ужасно отуѓување, неговата ужасна грешност? Затоа јас можам да ги повикам луѓето да ја почитуваат одлуката на Врховниот суд од 1954 година, бидејќи таа е морално исправна; и затоа можам да ги повикам да не ги почитуваат прописите за сегрегација, бидејќи тие се морално погрешни.

Да видиме еден конкретен пример на праведни и неправедни закони. Еден неправеден закон е кодекс според кој мнозинска група, по бројност или моќ, обврзува малцинска група да ја почитува, но истото не го пропишува како обврска за себе. Тоа претставува легализирање на разликата. Според истата логика, еден праведен закон е кодекс според кој мнозинството го обврзува малцинството да следи нешто, но и самото е подготвено да го следи истото. Тоа претставува легализирање на рамноправноста. Дозволете ми уште едно објаснување. Еден закон е неправеден ако тој се наметнува врз малцинството кое, како резултат на негирањето на неговото право на глас, не учествувало во донесувањето или подготовката на законот. Кој може да каже дека законодавците во Алабама коишто ги утврдуваат државните закони за сегрегација биле демократски избрани? Ширум Алабама се користат секаков вид девијантни методи за да се спречат црнците да бидат регистрирани гласачи, а постојат и земји каде, иако црнците се мнозинско население, ниту еден црнец не е регистриран. Може ли еден закон донесен во такви околности да се смета за демократски структуриран?

Понекогаш, еден закон е праведен во својата форма, но неправеден во својата примена. На пример, јас бев уапсен под обвинение дека сум протестирал без дозвола. Да се разбереме, нема ништо погрешно во постоењето на пропис кој налага добивање дозвола за протест. Но ваквиот пропис станува неправеден кога се користи за да се одржи сегрегацијата и на граѓаните да им се негира привилегијата дадена со првиот амандман за мирно собирање и протестирање.

Се надевам дека можете да ја видите разликата што се обидувам да ви ја посочам. Во ниедна смисла јас не се застапувам за заобиколување или за негирање на законот, како што тоа би го правел еден бесен сегрегационист. Тоа би довело до анархија. Оној кој прекршува неправеден закон, тоа мора да го стори отворено, со љубов, и со подготвеност да ја прифати казната. Признавам дека поединец кој го крши законот за кој неговата свест му вели дека е неправеден, и кој волно ја прифаќа казната затвор со цел да ја покрене свеста на заедницата за нејзината неправда, во суштина покажува најголема почит за законот.

Се разбира, нема ништо ново во ваквиот вид на граѓанска непослушност. Тоа е благородно докажано со одбивањето на Седрах, Мисах и Авденаго да ги почитуваат законите на Навуходоносор, поради почитување на повисок, морален закон. Ова учење било одлично практикувано од раните христијани, кои биле подготвени да се соочат со гладните лавови и со страшната болка на претстојната смрт отколку да се подложат на неправедните законите на Римската империја. До одреден степен, денес академската слобода е реалност бидејќи Сократ практикувал граѓанска непослушност. Во нашата нација, Бостонската чајанка преставувала масивен чин на граѓанска непослушност.

Никогаш не смееме да заборавиме дека сè што Адолф Хитлер направил во Германија се сметало за „легално“ и дека сè што унгарските борци за слобода направиле во Унгарија било „нелегално“. Во Хитлеровата Германија „нелегално“ било да се помогне и да се утеши Евреин. Дури и ако тоа е така, јас сум сигурен дека доколку јас живеев во Германија во тоа време, јас ќе им помагав и ќе ги тешев моите еврејски браќа. Ако денес живеев во комунистичка земја каде одредени принципи толку драги на христијанската вера се потиснати, јас отворено ќе се залагав за непочитување на анти-верските закони на таа земја.

16 април 1963 година
(продолжува)

Слични содржини

Општество / Активизам / Историја
Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Квир / Живот
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото