Отворено писмо до Брижит Бардо

17.01.2013 09:45
Отворено писмо до Брижит Бардо

Почитувана госпоѓо Бардо!

Пред некое време и’ се заканивте на француската и светската јавност дека доколку управата на лионскиот циркус одлучи да ги убие своите два болни слона, во истиот миг од претседателот Путин ќе побарате руско државјанство. Во таа прилика исто така рековте дека претседателот Путин направил повеќе за заштита на животните отколку сите француски претседатели заедно. Ќе се спротивставам на вашето тврдење и ќе се обидам да ви објаснам дека тоа во најмала рака не е точно.

Навистина, претседателот Путин сака да ја демонстрира својата власт над животните, но тоа го прави од истата причина поради која средновековните самодржци во своите дворци држеле лични ѕверилници. Сите апсолутисти, а посебно оние на кои власта сосема им го испила мозокот, биле многу склони да се доживуваат себеси како Светиот Цар кому животните и птиците слепо му се потчинуваат. Светол пример за тоа денес е нашиот претседател Путин. Тој лично им закачи околувратник и на амурскиот тигар, и на снежниот леопард, и на белиот кит, и на белата мечка; тој лично, за потребите на науката, испука харпун во белиот кит, во својство на старешина на јатото леташе со жеравите и како семоќен доброчинител ги пушташе леопардите на слобода.

Но, за жал, оваа лажна и медиумски до блуткавост исфорсирана семоќ на Путин, ги чинеше многу скапо сите тие кутри и недолжни животни. На пример, снежниот леопард кого научниците од милост го нарекуваа Монгол, беше донесен од далечниот Сајано-Шушенски резерват во Хакаси, само за Путин малку да се забавува при посетата на оваа република. Овој алфа мажјак веќе одамна запишан во Меѓународната Црвена книга на флората и фауната, и кого научниците веќе цели десет години го следат будно само од далеку, го фатија со стапица со која се служат ловокрадците (што патем, е најстрого забрането), сурово го оттргнаа од неговата глутница, го искорнаа од неговата деликатно урамнотежена животна средина, го пикнаа во кафез и со хеликоптер го донесоа на местото каде што требаше да се фотографира заедно со Путин. Несреќната дива ѕверка цело време очајно се фрлала на решетките од кафезот и освен повредите што ги доби од стапицата, при транспортот и’ се нанесени уште неколку тешки рани. Леопардот го фатија на 14 март 2011, а Путин стигна на закажаното место дури на 19 март. Ако тоа случајно не сте го знаеле, тој многу сака да доцни на закажаните состаноци.

Јас не верувам дека француските еколози би прифатиле да работат со кој било француски претседател, со метод со кој се служат ловокрадците, да оттргнат дива ѕверка од родната глутница (што веќе само по себе може да биде фатално) и потоа неколку дена да ја држат во тесен транспортен кафез.

Слична судбина ја снајде и усуриската тигрица, ѕверка која Путин на 31 август 2008 наводно лично ја фатил, а потоа на вратот и’ ставил околувратник со радио испраќач. Но, како што се испостави подоцна, тигрицата ја донеле од Далекуисточната зоолошка градина, добро ја наклукале со средства за заспивање за случајно да не го повреди големиот национален лидер и така цела недела ја држеле дрогирана; имено, Путин (како и секогаш) доцнел баш толку. А потоа државната новинска агенција РИА-Новости изнајми посебен стручњак кој го следеше движењето на оваа тигрица и одвреме-навреме, на посебен сајт ги зацртуваше измислените координати кои ги емитува непостоечкиот околувратник. Меѓу новинарите оваа дополнителна активност на редовната новинарска работа доби име - „шетање мачка“.

Славниот лет на Путин со жеравите, кога семожниот Цар на Природата со својот моторен делтаплан им го покажувал патот кон југ на овој редок вид жерави, за две птици од благородното јато завршил фатално. Една загинала за време на транспортот од резерватот во кој птиците дотогаш живееле, а другата го завршила својот живот сомелена од Путиновиот делтаплан.

Се сомневам дека еколозите во некоја слободна земја би дозволиле човек кој нема никакво искуство во работата со овој редок вид птици, да се занимава со експерименти од овој вид. А ако тој човек случајно би бил нивен претседател, после ваквиот скандал новинарите од сите изданија просто би го изеле за доручек.

Овој Путинов егзибиционизам со кој самиот себеси постојано си докажува дека е Цар на Природата и владетел на сите ѕверки и птици, за жал нема никакво влијание на вистинската заштита на природата во Русија.

На 9 јануари 2009, во планините на републиката Алтај, се урна хеликоптер полн со несекојдневни патници. Меѓу загинатите беше и Александар Косопкин, претседателскиот пратеник во републичката Дума. Несреќата се случила така што Косопкин и неговото пијано друштво решиле од хеликоптерот во лет да ловат еден редок вид, исто така заштитената и запишана во Црвената книга дива овца аргали, од која во Русија се останати уште 300 примероци. Додека сите зедно со рафали пукале по незаштитените животни, еден од пијаните „ловци“ толку се занесол што испукал неколку куршуми во командната табла на хеликоптерот. Со тоа оваа нивна веселба дефинитивно била завршена. Следно што можело да се види бил купот од искршен метал, човечки тела и тела на недолжни животни, како со чкрипење и трескање се тркала низ стрмната падина на брдото. Нормално, овој скандал многу брзо беше заташкан.

Непосредно по несреќата, и самата имав прилика да престојувам во републиката Алтај. Луѓето таму ми зборуваа дека целиот овој крвав настан го гледал еден локален овчар, стоејќи покрај своето стадо кое мирно пасело на падината на соседното брдо. Тој никому не кажал ништо за несреќата. Потрагата по преживеаните траела цели три дена.

Не верувам дека овој стар алтаец би бил трогнат од вашите топли зборови за Путин. Не верувам дека тој, откако го видел соседното брдо прекриено со мртви тела на недолжни животни, би бил трогнат од вашата изјава за тоа дека Путин направил повеќе за заштита на природата од сите француски претседатели заедно.

А Косопкин не е единствениот Путинов чиновник кој загинал во жарот на пијаниот и разулавен лов на животни заштитени од страна на меѓународните организации и државата. Истата година - исто така во хеликоптерска несреќа - загина и иркутскиот губернатор Игор Јесиповски. Овој „ловец“ со чекрек се обидел да натовари во својот хеликоптер огромна штотуку застрелана мечка и така ја предизвикал несреќата. Во Свердловск за време на лов, случајно беше убиен и поранешниот претседател на обивнителството на градот Левин. Во Приморје, пијани ловци го убија локалниот депутат Никицев.

Царот на сите Животни, Путин, нема ништо против варварските забави од овој вид. Тој не ги спречува своите чиновници со ниеден збор или гест да пукаат од хеликопер на животните впишани во Црвената книга на флората и фауната, баш како што не ги спречува ниту со своите автомобили да газат недолжни граѓани на Руската Федерација.

Путин има 26 резиденции ширум Русија и после севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун, е на второ место во светот по бројот на резиденции кои му стојат на располагање. Повеќето од овие резиденции се изградени на териториите на националните паркови, места строго забранети за каква било градба. Но, заради рускиот Цар на Природата, никому не му е жал што истата таа природа беспоштедно се уништува. Резиденцијата „Месечева рамнинка“ е изградена на територијата на националниот парк кој сам по себе е единствен биосферен комплекс. За време на градбата потполно е исечена бавнорастечка, реликтна повеќевековна шимширова шума. За екологијата, ништо помалку катастрофална не беше ни резиденцијата „Големото Утре“ изградена за потребите на сегашниот претседател на владата Медведев.

Зад Путин не заостануваат ниту неговите блиски и подалечни соработници. Веднаш покрај Путиновиот дворец во Геленџик, огромен имот си обезбеди и Патријархот Кирил, кој поради своето удобно сместување претходно мораше да исече над стотина реликтни стебла од реткиот вид калабриски бор. Исто така, овде, во нивното соседство, се наоѓа и спахилукот на „најголемиот земјопоседник во Европа“, губернаторот на Краснодарск Александар Ткачов. Кога еколошкиот активист Сурен Газарјан, со желба да ја покаже и докаже бесправноста на изградбата на овој објект се обиде да премине зад оградата со која е ограден огромниот „имот“ на губернаторот, со брзина на светлината заработи кривична пријава. После безбројните перипетии, Газарјан на крајот мораше да ја напушти Русија.

Националните паркови на југот на Русија се претворени во дачи на Путин и неговите соработници. Целите шуми и речиси сите приоди кон морето се оградени со високи огради, а пристапот на обичните смртници на овие територии им е строго забранет. Притоа, за изградба на дворци, спортски терени, базени, сауни и хелиодроми, исечени се повеќе од стотина хектари реликтни шуми и нарушени патиштата по кои со векови мигрираат животните.

Впрочем, ако зборуваме искрено, би било навистина крајно чудно некој да се занимава со заштита на природата во земја во која всушност хомо сапиенсот е најзагрозениот вид. Русите изумираат со брзина од милион луѓе годишно. Последните статистички податоци ни говорат дека просечниот животен век на машкиот дел од населението е некаде помеѓу 58 и 59 години. Норискиот металуршки комбинат до толкава мера ја загадува атмосферата, што од сулфурните дождови кои паѓаат по нив, асфалтните патишта во градот Норилск и неговата поширока околина се практично неупотребливи. Ако некогаш случајно патот ве донесе во градот Держинск, поранешна престолнина на руското хемиско оружје, ќе можете на лице место да го видите и почувствувате сето она што го виделе и почувствувале несреќните учесници во воените операции во Првата светска војна. Но, и покрај сето тоа, јас ниту еднаш не сум слушнала дека Путин изговорил барем еден, и навистина, барем еден единствен збор за руската екологија.

Почитувана госпоѓо Бардо! Вие се заканувате дека ќе побарате руско државјанство во случај некој, таму во Лион, сепак да одлучи да ги усмрти оние два болни слона од циркусот. Ако го замолите Путин да ги спасува тие несреќни слонови, јас не се сомневам дека тој ќе им испрати чартер авион, ќе им подари руско државјанство и ќе се слика со нив на фонот на жеравите.

Вие за Путин рековте уште нешто: „Кога и да го замолам за нешто, тој секогаш ми излегува во пресрет“. И јас сум навистина уверена дека тоа е навистина така. Но, проблемот е во тоа што ние - ние 110 милиони руски гласачи - не можеме да го замолиме ама баш ништо. Ова право е резервирано само за неговите малубројни пријатели.

Со почит, Јулија Латињина

Извор: www.echo.msk.ru

ОкоБоли главаВицФото