Писмо од затворот во Бирмингем (2)

17.01.2013 09:57
Писмо од затворот во Бирмингем (2)

„Писмото од затворот во Бирмингем" е текст напишан од истакнатиот американски политичар и борец за граѓански права, Мартин Лутер Кинг, во 1963 година, кога тој бил лишен од слобода во градскиот затвор во Бирмингем во Алабама, САД . Писмото претставува одговор на изјавата дадена од осум бели духовници од Алабама на 12 април истата година, насловена како „Повик за единство". Духовниците се согласиле дека расните и социјалните неправди постојат, но го бранеле ставот дека војната против расната сегрегација треба да биде водена само во судниците, а не на улиците. Одговорот на Кинг е дека без снажни ненасилни директни акции како неговите, вистински граѓански права никогаш нема да се постигнат. Како што тој самиот вели: "Тоа 'чекај' речиси секогаш значеше 'никогаш'". Кинг вели дека граѓанската непослушност не е само оправдана со оглед на неправедните закони, туку исто така е и морална одговорност.

Писмото од затворот во Бирмингем ја вклучува и познатата сентенца, „Неправдата нанесена некаде е закана за правдата секаде", како и зборовите што му се припишуваат на Вилијам Гладстоун а се цитирани од Кинг: „Премногу долгото одложување правда е одбивање на правдата".

Текстот на Кинг под наслов Letter from Birmingham Jail прв пат бил објавен во јуни 1963 во Liberation, а малку подоцна и во списанијата The New Leader и The Atlantic Monthly. Целосната содржина на писмото Кинг ја вклучил во својата книга Why We Can't Wait (Зошто не можеме да чекаме), издадена во 1964 година. Во меѓувреме, писмото на Кинг стана еден од најцитираните текстови на сите времиња.


Имам два исповеди пред вас, мои христијански и еврејски браќа. Прво, морам да признам дека во последните неколку години јас бев длабоко разочаран со умерените белци. Со огромна жал, заклучив дека големиот камен на сопнување за црнците во нивната борба за слобода не се граѓанските совети на белците, ниту пак Ку Клакс кланот, туку умерените белци кои се повеќе посветени на „редот" отколку на правдата; кои претпочитаат негативен мир, што е отсуство на тензија, отколку позитивен мир, што е присуство на правда; кои постојано велат: „Се согласувам со вас во однос на целта што сакате да ја постигнете, но не можам да се согласам со вашите методи за директна акција"; кои патерналистички сметаат дека тие можат да ја утврдат временската рамка за слободата на човекот; кои живеат според митскиот концепт на времето и кои постојано ги советуваат црнците да почекаат „поповолни времиња". Плиткото разбирање на луѓето со добра волја фрустрира повеќе од апсолутното неразбирање на луѓето со зла волја. Рамнодушното прифаќање многу повеќе збунува од отсечното одбивање.

Се надевав дека умерените белци ќе разберат дека законот и редот постојат со цел да се воспостави правда и дека кога тие се неуспешни во оваа намера, стануваат опасно структурирани брани што го блокираат протокот на социјален прогрес. Се надевав дека умерените белци ќе разберат дека сегашната тензија на Југот е неопходна фаза на транзиција од неподносливиот негативен мир, во кој црнците пасивно ја прифаќаат својата неправедна позиција, кон значителен и позитивен мир, во кој сите луѓе ќе го почитуваат достоинството и вредноста на човекот. Всушност, ние кои се впуштаме во ненасилна директна акција не сме оние кои ја создаваат тензијата. Ние само на виделина ја изнесуваме скриената тензија којашто веќе постои. Ја изнесуваме на отворено каде може да биде видена и решена. Како што гнојав чир не може да се лекува сè додека е покриен, туку мора да се отвори со сета негова грдост кон природните лекови на воздухот и светлото, така и неправдата мора да биде изведена на виделина, со сета тензија што нејзиното откривање ја создава, пред светлото на човечката совест и воздухот на националното мислење, пред да може да биде излекувана.

Во вашата изјава тврдите дека нашите акции, иако се мирни, мора да бидат осудени бидејќи тие поттикнуваат насилство. Дали таквата изјава е логична? Нели е тоа исто како да осудите ограбен човек бидејќи неговото богатство поттикнало лош чин на грабеж? Нели е тоа исто како да го осудите Сократ бидејќи неговата непоколеблива заложба за вистината и неговите филозофски потраги го поттикнале чинот на заведениот народ во кој тој бил присилен да испие отров? Нели е тоа исто како да го осудите Исус бидејќи неговата уникатна свест за Господ и постојаната посветеност на Господ го поттикнала злиот чин на распнување на крст? Мораме да сфатиме дека, како што федералните судови постојано потврдуваат, погрешно е поединецот да се повикува да ги прекине своите заложби за добивање на неговите основни уставни права, бидејќи таквата потрага може да поттикне насилство. Општеството мора да го заштити ограбениот и да го казни ограбувачот. Јас се надевав дека умерените белци ќе го отфрлат митот за времето кога станува збор за борбата за слобода. Штотуку добив писмо од еден бел брат во Тексас: „Сите христијани знаат дека обоените луѓе на крајот ќе добијат еднакви права, но можно ли е вие премногу да брзате кон тоа. На христијанството му требаа речиси две илјади години за да го постигне тоа што го постигнало. Потребно беше време за Христовото учење да дојде на земјата." Ваквиот став потекнува од трагичниот погрешен концепт за времето, од чудно ирационалниот концепт дека во самото минување на времето постои нешто што неизбежно ги лекува сите болести и зла. Всушност, самото време е неутрално; тоа може да се користи на деструктивен или на конструктивен начин. Сè повеќе и повеќе чувствувам дека луѓето со зла волја го искористија времето поефективно од луѓето со добра волја. Во времето на оваа генерација ќе треба да се покаеме не само за зборовите и делата на омраза што ги направиле лошите луѓе, туку и за ужасниот молк на добрите луѓе. Човечкиот напредок никогаш не се движел со тркалата на неизбежноста; тој доаѓа преку неуморните заложби на луѓето кои сакаат да бидат соработници со Господ, и без таа напорна работа, самото време станува сојузник на силите на социјалната стагнација. Времето мора да го користиме креативно, знаејќи дека секогаш е време да се направи нешто добро. Сега е време да се даде вистинско ветување за демократија и да се трансформира нашата претстојна национална елегија во креативен псалм за братството. Сега е време да ја извлечеме нашата национална политика од живиот песок на расната нееднаквост и да ја донесеме до цврстата карпа на човечкото достоинство.

Вие за нашата активност во Бирмингем зборувате како за екстремизам. На почетокот јас бев разочаран дека колегите свештеници на моите ненасилни заложби гледаат како на заложби на екстремист. Почнав да размислувам за фактот дека стојам во средината меѓу две спротивставени сили во црнечката заедница. Една е силата на самозадоволството, која делумно ја сочинуваат црнци кои, како резултат на долгите години на угнетување, се толку втурнати во самопочит и чувство на „некој и нешто" што се навикнале на сегрегацијата, и делумно ја сочинуваат неколкумина црнци од средната класа кои, поради степенот на академска и економска безбедност и поради нивното профитирање од сегрегацијата, станаа нечувствителни на проблемите на масите. Другата сила е онаа на огорченоста и омразата, и таа опасно се доближува до застапување за насилство. Таа се изразува преку различните црнечки националистички групи што се појавија ширум нацијата, од кои најголемо и најпознато е муслиманското движење на Елајџа Мухамад. Потхрането од фрустрацијата на црнците поради континуираното постоење на расната дискриминација, ова движење го основаа луѓе кои ја загубија вербата во Америка, кои апсолутно го отфрлија христијанството, и кои заклучија дека белците се непоправливиот „ѓавол".

Се обидов да застанам меѓу овие две сили, велејќи дека ние не треба да се угледаме на „неправењето ништо" на самозадоволните, ниту пак на омразата и очајот на црните националисти. Бидејќи постои многу подобар пат, патот на љубовта и ненасилниот протест. Јас сум му благодарен на Господ бидејќи, преку влијанието на црнечката црква, патот на ненасилството стана интегрален дел на нашата борба. Ако не се појавеше оваа филозофија, сигурен сум дека досега многу улици ширум Југот ќе пливаа во крв. Освен тоа, јас сум убеден дека ако нашите бели браќа ги негираат како „поттикнувачи на бунт" и „надворешни агитатори" оние кои применуваат ненасилна директна акција, и ако тие одбиваат да ги поддржат нашите ненасилни заложби, милиони црнци - поради фрустрација и очај - ќе побараа утеха и безбедност во црнечките националистички идеологии, нешто што неизбежно би довело до страшен расен кошмар.

Обесправените луѓе не можат да останат обесправени засекогаш. Желбата за слобода се манифестира сама по себе, и тоа е она што им се случи на американските црнци. Нешто внатре ги потсети на нивното вродено право на слобода, а нешто однадвор ги потсети дека тоа може да се стекне. Свесно или несвесно, тие беа фатени во мрежата на современото време и заедно со нивните црни браќа од Африка и нивните кафени и жолти браќа од Азија, Јужна Америка и од Карибите, црнците во Соединетите Држави, со чувство на голема итност, се движат кон ветената земја за расна правда. Ако се признае овој суштински порив кој е вгнезден во црнечката заедница, тогаш треба подготвено да се разбере зошто се случуваат јавните демонстрации. Црнците имаат многу скриени јадови и латентни фрустрации, и тие мора да ги ослободат. Дозволете им да маршираат; дозволете им да одат на аџилак во градското собрание; дозволете им да летаат во слободата - и обидете се да разберете зошто тие мора да го сторат тоа. Ако нивните потиснати емоции не се ослободат на ненасилен начин, тие ќе се обидат да бидат манифестирани преку насилство; ова не е закана, туку историски факт. На моите луѓе јас не им велам: „Ослободете се од вашето незадоволство." Напротив, јас се обидов да им кажам дека тоа нормално и здраво незадоволство може да се канализира во креативен вентил на ненасилна директна акција. Но, денес овој приод се нарекува екстремистички. Иако иницијално јас бев разочаран со мојата категоризација како екстремист, како што продолжив да размислувам за оваа работа постепено развив одредено задоволство од таквата етикета. Нели и Исус беше екстремист за љубов: „Сакај ги своите непријатели, благослови ги оние што те колнат, чини добро на оние кои те мразат, и моли се за оние кои злобно те искористуваат и те прогонуваат." Нели и Амос беше екстремист за правда: „Дозволете правдата да се стркала надолу како вода и праведноста да стане непресушен поток." Нели Павле беше екстремист за христијанското евангелие: „На своето тело ги носам белезите на Господ Исус." Нели Мартин Лутер беше екстремист: „Стојам овде; не можам поинаку, Господ нека ми помогне." И Џон Буниан: „Ќе останам во затвор до крајот на мојот живот, ама нема да си ја искасапам сопствената совест." И Абрахам Линколн: „Оваа нација не може да опстане со половина робови и половина слободни.". И Томас Џеферсон: „Сметаме дека овие вистини се само-очигледни, сите луѓе се создадени еднакви." Прашањето не е дали ние ќе бидеме екстремисти, туку каков вид на екстремисти ќе бидеме. Ќе бидеме ли екстремисти за омраза или за љубов? Ќе бидеме ли екстремисти за одржување на неправдата или за проширување на правдата? Во таква драматична сцена на ридот Калварија, тројца мажи беа распнати на крст. Никогаш не смееме да заборавиме дека сите тројца беа распнати за исто кривично дело - екстремизам. Двајца од нив беа екстремисти за бесмртност, и затоа паднаа под нивната средина. Третиот, Исус Христос, беше екстремист за љубов, вистина и добрина, и затоа тој се издигна над својата средина. Можеби Југот, нацијата и светот имаат очајна потреба од креативни екстремисти.

Се надевав дека умерените белци ќе ја видат оваа потреба. Можеби јас бев преголем оптимист; можеби јас очекував премногу. Можеби требаше да сфатам дека неколку членови на расата што обесправува можат да ги разберат длабоките јачења и страсните желби на обесправената раса, а сепак малкумина можат да видат дека неправдата мора да се искорени преку силна, упорна и непоколеблива акција. Сепак, јас сум благодарен што некои од нашите бели браќа на Југот го сфатија значењето на оваа социјална револуција и се посветија на истата. Тие сè уште се премалку на број, но се големи во квалитет. Некои, како што се Ралф МекГил, Лилијан Смит, Хери Голден, Џејмс МекБрајд Дабс, Ен Браден и Сара Патон Бојл, елоквентно и пророчки пишуваа за нашата борба. Други пак маршираа со нас по безимените улици на Југот. Сега и тие се во валкани затвори полни со лебарки, подложени се на малтретирање и бруталност на полицајците кои ги сметаат за „валкани вљубеници во црнците". За разлика од многу нивни умерени браќа и сестри, тие ја признаа итноста на моментот и ја почувствуваа потреба од антидоза на моќна „акција" против болеста на сегрегацијата. Дозволете ми да го споделам моето друго големо разочарување. Јас бев длабоко разочаран од белата црква и нејзините лидери. Се разбира, со неколку чесни исклучоци. Свесен сум за фактот дека секој од вас заземал одредено значајно гледиште за ова прашање. Ви честитам, пастору Сталингс, за вашето христијанско гледиште искажано мината недела кога ги поканивте црнците на вашата богослужба на несегрегирачка основа. Им честитам на католичките лидери од оваа држава за интегрирањето на Колеџот Спринг Хил пред неколку години.

Но и покрај овие чесни исклучоци, морам - сосема искрено - да нагласам дека сум разочаран од црквата. Ова не го велам како еден од негативните критичари кои секогаш можат да најдат нешто погрешно во црквата. Ова го велам како свештеник на евангелието, кој ја сака црквата, кој ја негува во своите гради, кого нејзините духовни благослови го одржуваат во живот и кој ќе остане вистински верник додека е жив.

Кога пред неколку години бев ненадејно катапултиран во лидерството на протестот во автобус во Монтгомери, Алабама,почувствував дека ќе бидам поддржан од белата црква. Мислев дека белите свештеници, попови и рабини од Југот ќе бидат нашите најсилни сојузници. Напротив, некои од нив беа наши противници, одбивајќи да го разберат движењето за слобода и погрешно толкувајќи ги неговите лидери; многумина други беа повнимателни отколку храбри и останаа неми зад анестезирачката безбедност на извалканите стаклени прозорци.

И покрај моите срушени соништа, јас дојдов во Бирмингем со надеж дека белите верски лидери на оваа заедница ќе ја видат правдата на нашата кауза и, со длабока морална грижа, ќе бидат канал преку кој нашите крици за правда ќе стигнат до структурите на моќ. Се надевав дека секој од вас ќе разбере. Но повторно, се разочарав.

Слушнав бројни верски лидери од Југот како ги опоменуваат своите верници да ја почитуваат одлуката за десегрегација бидејќи така вели законот, но посакував да ги слушнам белите свештеници да изјават: „Следете го овој декрет бидејќи интеграцијата е морално исправна и бидејќи црнците се ваши браќа." Во жарот на очигледните неправди што им се нанесуваат на црнците, ги гледав белите свештеници како стојат на страна и изустуваат побожни нерелевантности и свети тривијалности. Во жарот на моќната борба за ослободување на нацијата од расната и економската неправда, слушнав многу свештеници кои рекоа: „Тоа се социјални прашања, а со нив евангелието не се занимава." Гледав и како многу цркви целосно се посветија на други светски религии кои прават чудна, не-библиска разлика меѓу телото и духот, меѓу светото и световното.

Патував долж и попреку Алабама, Мисисипи и сите други јужни држави. Во спарните летни денови и свежите есенски утра ги гледав убавите цркви на Југот со нивните возвишени куполи што се протегаат кон небеските височини. Ги гледав импресивните форми на нивните масивни згради за верско образование. Одново и одново се прашував: „Каков вид луѓе се молат овде? Кој е нивниот Бог? Каде беа нивните гласови кога низ усните на гувернерот Барнет се тркалаа зборови на наметнување и укинување? Каде беа тие гласови на поддршка кога помодрените и истоштените црни мажи и жени одлучија да се кренат од темните зандани на самозадоволството кон светлите ридови на креативниот протест?"

Да, овие прашања сè уште се во мојата глава. Длабоко разочаран, липав поради индиферентноста на црквата. Но бидете сигурни, моите солзи беа солзи на љубов. Не може да има длабоко разочарување онаму каде нема длабока љубов. Да, јас ја сакам црквата. Можам ли поинаку? Јас сум во уникатна позиција да бидам син, внук и правнук на свештеници. Да, јас ја гледам црквата како телото на Христос. Ох, како ли само го извалкавме и го унакажавме тоа тело преку нашата социјална негрижа и преку стравот да бидеме неконформисти.

Постоеше време кога црквата беше многу моќна - кога раните христијани се радуваа дека се достојни да страдаат за она во што веруваат. Во тие денови, црквата не беше само термометар кој ги бележи идеите и принципите на популарното мислење; таа беше термостат кој ги трансформираше нормите во општеството. Секогаш кога раните христијани влегувале во некој град, луѓето на власт се вознемирувале и веднаш се обидувале да ги убедат христијаните дека се „вознемирувачи на мирот" и „надворешни агитатори". Но христијаните продолжиле, убедени дека тие се „колонија на рајот", избрани да го почитуваат Господ, а не човекот. Малку на број, но со голема посветеност. Тие биле премногу опиени со Господ за да бидат „астрономски заплашени". Преку своите заложби и примери, тие им ставиле крај на древните зла како што се чедоморството и гладијаторските натпревари. Работите денес се различни. Современата црква е често слаб, неефективен глас со несигурен звук. Исто така, таа е архи-бранител на статусот кво. Целосно невознемирени од постоењето на црквата, структурите на моќ во една просечна заедница ги теши тивкото, а некогаш и гласното, одобрување на црквата работите да останат такви какви што се.

Но судот на Господ демне врз црквата како никогаш досега. Ако денешната црква не го врати светиот дух од нејзините почетоци, таа ќе ја загуби својата автентичност, ќе ѝ биде одземена лојалноста на милиони и ќе биде распуштена како ирелевантен социјален клуб без какво било значење за дваесеттиот век. Секој ден се сретнувам со млади луѓе чие разочарување во црквата се претворило во одбивност.

Можеби повторно бев преголем оптимист. Дали организираната религија е неразделно врзана за статусот кво за да ја спаси нашата нација и светот? Можеби мојата вера треба да ја свртам кон внатрешната духовна црква, црквата во црква, како кон вистинска еклезија и надеж за светот. Повторно, благодарен сум на Бога што некои благородни души од редот на организираната религија се ослободија од парализирачките окови на конформизмот и ни се приклучија како активни партнери во борбата за слобода. Тие ги напуштија нивните безбедни црковни собири и протестираа по улиците на Албани, Џорџија, заедно со нас. Тие се симнаа по автопатите низ Југот изодувајќи ги кривулестите патишта на слобода. Да, и тие отидоа во затвор заедно со нас. Некои беа исклучени од нивните цркви, ја изгубија поддршката на нивните бискупи и свештеници. Но тие дејствуваа со верба дека поразеното добро е посилно од триумфалното зло. Нивни сведок беше духовната сол што го зачува вистинското значење на евангелието во овие тегобни времиња. Тие ископаа тунел на надеж низ темните планини на разочарувањето. Се надевам дека црквата, во целина, ќе ги надмине предизвиците на овој одлучувачки час. Но дури и ако црквата не ѝ помогне на правдата, јас не сум очаен за иднината. Не се плашам од исходот на нашата борба во Бирмингем, дури и ако нашите мотиви во моментов се погрешно разбрани. Ние ќе ја постигнеме целта за слобода во Бирмингем и ширум нацијата, бидејќи целта на Америка е слобода. Без оглед дали сме малтретирани и не презираат, нашата судбина е врзана со судбината на Америка. Пред аџиите да пристигнат во Плимут, ние бевме тука. Пред пенкалото на Џеферсон да ги вреже величествените зборови на Декларацијата за независност врз страниците на историја, ние бевме тука. Повеќе од два века, нашите предци работеа во оваа земја без плата; одгледуваа памук; ги градеа домовите на нивните господари, и беа предмет на огромна неправда и срамно понижување, но и покрај безнадежноста продолжија да напредуваат и да се развиваат. Ако неописливата бруталност на ропството не нè запре, спротивставувањето со кое сега се соочуваме сигурно нема да успее во тоа. Ние ќе ја издејствуваме нашата слобода бидејќи светото наследство на нашата нација и вечната волја на Господ се олицетворени во нашите барања што одекнуваат. Пред да завршам, се чувствувам обврзан да наведам уште една поента од вашата изјава која длабоко ме вознемири. Вие топло ѝ честитавте на полицијата во Бирмингем за одржување на „редот" и за „спречување на насилството".Се сомневам дека толку срдечно ќе ѝ честитавте на полицијата ако ги видевте нејзините кучиња како ги зариваат своите заби во невооружените, ненасилни црнци. Се сомневам дека толку брзо ќе им честитавте на полицајците ако бевте сведок на нивниот нечовечки и нехуман третман на црнците овде во затворот; ако ги видевте како ги туркаат и ги пцујат старите црни жени и младите црни девојки; ако ги видевте како ги удираат и ги клоцаат старите црни мажи и младите момчиња; ако ги гледавте како, во два наврати, одбиваат да ни дадат храна бидејќи сакавме да ја кажеме молитвата заедно со другите. Не можам да ви се приклучам во вашата пофалба за полицијата во Бирмингем.

Вистина е дека полицијата покажа одреден степен на дисциплина во справувањето со демонстраторите. Во таа смисла, тие се однесуваа прилично „ненасилно" во јавноста. Но за која цел? Да го зачуваат злиот систем на сегрегација. Во последните неколку години, јас постојано проповедав дека ненасилството налага средствата што ги користиме да бидат исто благородни како и целта која сакаме да ја постигнеме. Се обидував да им појаснам на луѓето дека погрешно е да се користат неморални средства за да се постигнат морални цели. Но сега морам да се согласам дека еднакво погрешно е, ако не и пострашно, да се користат морални средства за да се зачуваат неморални цели. Можеби г. Конор и неговите полицајци беа во одреден степен ненасилни во јавноста, исто како што беше командантот Причет во Албани, Џорџија, но тие користеа морални средства на ненасилство за да ја одржат неморалната цел на расна неправда. Како што рекол Т.С. Елиот: „Последното искушение е најголемото предавство: да се направи вистинското дело за погрешната цел."

Би сакал да ги пофалевте црнците, ненасилни протестанти и демонстранти од Бирмингем, за нивната исклучителна храброст, нивната подготвеност да страдаат и за нивната изненадувачка самодисциплина во жарот на големата провокација. Еден ден, Југот ќе ги признае своите вистински херои. Тие ќе бидат Џејмс Мередитовци, со благородно чувство за смисла што им овозможува да се соочат со разгневените и непријателските толпи, и со агонизирачката самотија која го карактеризира животот на пионерот. Тие ќе бидат стари, обесправени, истепани црни жени, претставени преку седумдесет и две годишната жена од Монтгомери, Алабама, која го крена гласот со чувство на достоинство и со нејзините луѓе одлучи да не се вози во сегрегираните автобуси, која граматички-неточно, но длабоко мудро му одговори на еден од оние кои ја повредија за својата изнемоштеност: „Мојата нозе се уморни, но мојата душа е спокојна." Тие ќе бидат младите средношколци и студенти, младите свештеници на евангелието и многу нивни родители, кои храбро и ненасилно се движат во линија и свесно одат во затвор за доброто на нивната совест. Еден ден, Југот ќе знае дека кога овие избркани деца на Господ се наредиле во линија, тие всушност застанале во одбрана на она што е најдобро од американскиот сон и за најсветата вредност на нашето јудејско-христијанско царство, со што нашата нација ќе ја вратат на бунарите на демократијата што ги ископаа нашите татковци кога ги пишуваа Уставот и Декларацијата за независност.

Никогаш претходно не бев напишал олку долго писмо. Се плашам дека е предолго и ќе одземе многу од вашето скапоцено време. Ве уверувам дека писмото ќе беше многу пократко доколку го пишував на удобно биро, но што друго може човек да прави кога е сам во тесна затворска ќелија освен да пишува долги писма, долго да размислува и долго да се моли?

Доколку во ова писмо кажав нешто повеќе од вистината и тоа упатува на неразумна нетрпеливост, ве молам да ми простите. Доколку кажав нешто помалку од вистината и тоа упатува на мојата трпеливост која ми дозволува да се помирам со нешто помалку од братство, го молам Господ за прошка.

Се надевам дека писмото ќе ве најде силни во вашата вера. Исто така, се надевам дека наскоро околностите ќе дозволат да се сретнам со сите вас, но не како борец за интеграција или лидер за граѓански права, туку како колега свештеник и христијански брат. Да се надеваме дека темните облаци на расните предрасуди наскоро ќе поминат и дека густата магла на неразбирањето ќе се крене од нашите заедници обземени со страв, а дека некое не толку далечно утре светлите ѕвезди на љубовта и на братството ќе засветат врз нашата голема нација во сета нивна убавина.


Срдечен поздрав во име на мирот и братството,

Мартин Лутер Кинг, помладиот

16 април 1963 година

(Крај)

Кон првиот дел

Слични содржини

Општество / Активизам / Историја
Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Квир / Живот
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото