МПЦ: Не се штетни само геј браковите

18.01.2013 10:46
Не се штетни само геј браковите

Скопје, 17 јануари 2013

Научното крило на Македонската православна црква, МПЦ инженеринг, во јавноста излезе со соопштение дека не се штетни само геј браковите, туку и браковите на лицата од различен пол кои не се венчале во црква.

Во истражувањето учествувале 1.000 брачни парови, од кои 500 се венчале во црква, а другата половина не. Резултатите покажале дека буџетот на МПЦ е многу поголем кога паровите се венчаваат во црква, што е добро за духовното здравје на народот, бидејќи тоа ја зајакнува неговата најважна институција.

„Одамна се претпоставуваше, но сега е докажано дека не само хомосексуалните бракови, туку и браковите на оние што не се венчаваат во црква лошо се одразуваат на духовното здравје на народот. Венчавајте се во црквите на МПЦ и оставајте повеќе бакшиш“, изјави водачот на истражувањето, владиката Лоботомие Софтверски, епископ македонско-глобален.

Тој најави дека МПЦ инженеринг во следниот период ќе ги истражува штетните ефекти предизвикани од погребувањето без поп и одењето во градинка без изучување веронаука.