Окно анкета за СК014 (17)

18.01.2013 14:28
Окно анкета за СК014 (17)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од проектот, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?


Биљана Бејкова, граѓански активист

1.
Уф, тешко прашање. Сите ми предизвикуваат мачнина. Сепак, би рекла Триумфалната порта. Симбол на опасниот триумфализам на креаторите на „Скопје 2014“.

2.
На врв на листата на мачнината ми се: статутите на МНР и на мостот, осветлувањето на објектите, барокната катна гаража, фонтаната на плоштадот, јадниот Прометеј...

3.
Што да се каже за проектот кој е крајно небулозен, бесмислен и грд, кој ни го поткопува и најосновното чувство за естетика и убавина, кој претставува параван за алчноста, кој се обидува да нè редефинира и да ни го смени идентитетот, кој нè понижува и навредува како слободни и свесни граѓани?

Рамадан Рамадани, граѓански активист

Генерално, проектот нема сенс за плуралитетот на градот и државата. Моноетнички е и митотворечки, да не речам митомански. Султаните, војсководците, војводите, царевите, лавовите, орелите се можеби значајни за некои луѓе, ама будат лоши чувства кај други луѓе. Заради тоа треба да се биде умен и деликатен. Треба да стремиме кон заеднички мултикултурни вредности. Македонија има избор во таа насока и за да го направиме вистинскиот симболички избор ни требаат многу помудри луѓе од сегашнава тендерска или од немајкаде коалиција.

Инаку, прва асоцијација на Скопје 2014 ми беше - Фармвил. Иако и јас мислам дека подобро е да се гради отколку да не се гради, во тој проект треба да се поделат зградите кои се на сите, спомениците кои се на некои и туѓото кое е ничие. Чинам дека требало да се предвидат некои суштествени фалинки како што е несразмерноста на тоа што добива еден град и само една општина на сметка на другите општини, со што се нанесува огромна штета на целиот процес на децентрализација. Да се чува поврзаноста на историјата на градот како и да се предвиди регионалниот ефект на тоа што го правиме. Не можеш да сакаш да возобновиш споменик на српска војска во форма на Офицерскиот дом, кога се граничиш со Бугарија и Албанија! А легитимен споменик на странска војска во една земја се само гробиштата. Да подигнеш споменик на човек кој многумина го сметаат за Грк, Александар Велики, врз гробот на една турска принцеза, на место каде што било Хума Шах турбето! Исто така и од функционални причини не знам како државниот архив ќе биде покрај Вардар, река која знае да поплави!

За разлика од Скопје 2014, Старата чаршија, на пример, е живо културно наследство. Страшно е што во проекти за божемно возобновување на центарот на Скопје, се игнорира Чаршијата. Како за соништа и фрустрации се трошат милиони а за Чаршијата само кусурот! Јас сум, инаку, човек кој детството и младоста, а по сè изгледа и животот, го поминaв во Стара чаршија. Многу имам размислувано за можностите како Чаршијата да стане поважна. Конкретно и се трудев со вклучување во некои проекти да придонесам за тоа. Чинам дека проблемот со заживување на чаршијата е прво семантички. Имено, при секое споменување на нејзино заживување луѓето се присетуваат на умртвувањето кое ѝ беше направено на Чаршијата години наназад. Сега со новиот специјален закон за Чаршија и со новиот пристап на општина Чаир проблемот можеше делумно да се надмине. Но многуте причини за умртвувањето на Чаршијата сè уште се присутни. Да имаше „Скопје 2014“ малку попозитивен однос кон ваквите обединувачки градски симболи каков што е Чаршијата проектот немаше да биде толку озлогласен, посебно меѓу Албанците. Но и со овој раздвојувачки проект се пристапи кон „купување“ на политичарите со три-четири споменика и 300-400 бекатонки за алтернативниот плоштад Скендербег. Ништо добро нема во нелегитимно купување и ништо од тоа што било шверцувано или наметнато не опстанало без тоа да го прифател народот. Сепак, еден од ретките идентични версети во Стариот и Новиот завет но и во Куранот гласи: Земјата ќе ја наследат кротките луѓе!

Слики: Свирачиња