„Тешката војна“ против младите во Америка

19.01.2013 13:22
„Тешката војна“ против младите во Америка

Како ја коментирате најновата трагедија во САД која се однесува на тинејџерите и оружјето? Може ли овој случај, за разлика од минатите, да поттикне поголем интелектуален дијалог околу дефектните закони кои го регулираат користењето на оружјето или и овој пат ќе изостане таков разговор?

Иако оваа ужасна трагедија веројатно ќе поттикне некаков дијалог околу користењето на оружјето во САД, не сум оптимистичен дека ќе дојде до реални законодавни промени. Имено, не смееме да ги заборавиме моќта и влијанието на лобирањата за промовирање на оружјето во САД кои досега успеаа не само да ги запрат реформите за построга контрола на оружјето, туку и да влијаат на политичарите, тие да не разговараат за таа тема. Американците имаат кратко паметење и се плашам дека во следниот месец или два овој проблем ќе биде заборавен и дека ништо нема да се промени значајно. Насилството е голем проблем на американското општество и не го добива етичкиот одговор што го заслужува. Имено, тоа и понатаму не е проблем што предизвикува политичка акција или пак влијае на свеста во САД.

Неодамна, по колежот во киното во Колорадо, кој се одигра за време на премиерата на последниот „Бетмен“, конгресменот на таа сојузна држава Ед Перлмутер, инаку член на Демократската партија, рече дека трагедијата сигурно би била помала доколку некој во публиката бил наоружан. Слични изјави можеа да се слушнат и по последниот колеж. Како ја коментирате оваа логика?

Аргументот што го споменувате е симптоматичен за културата во која насилството станува најважно решение за сите индивидуални и општествени проблеми. Меѓутоа, оружјето не е „неутрално“ и оние кои го поседуваат во просек имаат поголеми шанси да бидат жртви на насилство, отколку спротивното. Но, освен тоа, тие исто така додаваат експлозивен елемент на кое било окружување, зголемувајќи ја можноста за насилство, без оглед на тоа за каков конфликт се работи. Кога се вметнува голема количина на насилство во културата и кога спортот, забавата, информативните емисии и другите платформи за генерирање на задоволства се потхрануваат со таква содржина, тогаш вчерашните глетки на ужасот од кои крвта се замрзнува во жилите, веќе денес ја губат својата шокантност. Може да се каже дека станува збор за решавање на проблемот во стилот на Џон Вејн, дај им на луѓето оружје и тие ќе се чувствуваат посигурни и позаштитени. Меѓутоа, вистина е дека се работи за реклами за индустријата со оружје и ефтино идеолошко образложение за нерешавање на вистинските причини за насилството во кое било општество.

За колежот што се случи во Columbine 1999 година, одредени медиуми и здрженија го обвинија Мерилин Менсон дека со својата музика им влијаел на младите кои се одговорни за убиствата. Овој одговори дека никој не ја спомена политиката на американскиот претседател за бомбардирање на туѓи земји како можно „влијание“. Дали овој случај ќе резултира со обид да се пронајде новиот Мерилин Менсон за да се рационализира „колежот“?

Општеството во САД стана познато по тоа дека одбива да се соочи со темелните идеолошки и структурални проблеми. Додека јавниот интерес се вметнува во приватниот, на дело е тенденцијата дека со наједноставните објаснувања се обидуваат да се расветлат значително поголем број општествени проблеми. Значи, се работи за обид насилните акти, со псевдопсихолошки анализи да се сведат на последица на делувањето на неколку шпиони. Освен тоа, овие проблеми често се претставуваат како нешто што е надвор од американската демократија, само за да бидат отфрлени како застарување и аномалија, а не како нешто што е од системска природа. Не сум сигурен дали во овој случај celebrity икона би била повикана на одговорност, но можно е да дојде и до тоа. Имено, Американците сакаат да мислат дека сите општествени катастрофи можат да им ги „пришијат“ на некои изолирани културални репрезентации на злото. Ова размислување е инфантилно, како што е и политички реакционерно.

Во есеите „За фотографијата“ Сузан Сонтаг предупреди дека медиумите ги претворија сликите на ужасот и суровоста во едно од општите места на нашето секојдневие. Колку сеприсутното насилство влијае на овие настани и дали, според вашето мислење, гледачите навистина отапеа пред секојдневните слики на туѓото патење или пак таквите слики ги возбудуваат?

Кога одредена количина на насилство ќе се интегрира во културата, кога спортот, забавата, информативните емисии и другите платформи за генерирање на задоволство се потхрануваат со таква содржина, тогаш вчерашните слики на ужасот, од кои крвта се замрзнува во жилите, веќе денес ја губат својата шокантност. Една од тие последици е зголемувањето на бесчувствителноста и рамнодушноста на публиката кон насилството. Меѓутоа, тука не станува збор само за пасивните конзументи на насилството, туку и за оној дел од публиката за кој сликите на насилството претставуваат „гориво“ за зголемување на сопственото насилство. Спектакуларизираното насилство сега е лишено од секакви морални обѕири и општествени импликации. Насилството сега живее, ако не и триумфира, преку сет на комерцијални прикази на мачења, убиства, садизам, а човечкото патење стана чиста забава, медиум за доживување на интензивно задоволство и возбудување на деполитизираниот и општествено неодговорен воајеризам на културалните апарати кои го нудат како најатрактивна стока со најголем процент на задоволство за конзументите. Субјектот на конзумирањето е едуциран интензивно да ужива во гледањето, па дури и во соучеството како извршител на смртта, во спектаклите на суровоста и варваризмот. Впрочем, преземањето на улогата на стрелец во ерата на видео игрите, освен задоволство е и вештина, која би можела да доведе до вработување во Министерството за одбрана на управување со беспилотни летечки убијци. Американската култура, која нема морален компас што се темели на почитување на човечкиот и нечовечкиот живот, е сè повеќе обликувана со загрижувачката колективна желба за зголемено возбудување и непрекинатата поплава на растечкиот сензационализам.

Постои ли идеолошка позадина на насилството за кое зборувате? Односно, дали политиката го користи насилството како рефлекс за самоодржување на постоечкиот систем?

Војната и организирањето на производството на насилството, исто така стана форма на политичко управување, а најмногу е видлива во растечката милитаризација на полицијата во САД. Според известувањето на Агенцијата за истражување на сигурноста на домашниот пазар, „сигурноста на домашниот пазар за државата и локалните агенции (наоружувањето на полициските сили со воено оружје), според пресметките ќе достигне 19,2 милијарди долари до 2014 година, од иницијални 15,8 милијарди потрошени во 2009 година“. Исто така, структуралното насилство евидентно е во пораст кога станува збор за казнувањето и следењето од страна на државата, без разлика дали станува збор за електронските шпиони или експлозија на порастот на затворската популација, која моментално изнесува 2,3 милиони. Доказ за државното спонзорирано насилство, исто така може да се најде во домашната војна против „терористите“, а тоа е всушност кодираното име за „младите демонстранти“. Така прокламираната војна овозможува нови лукративни договори во доменот на одбраната, а тоа значи дека другата страна во оваа работа, корпорациите се интегрираат во секојдневниот живот. Политичарите пак, ја употребуваат воената реторика не само за да го легитимираат „самотниот воен менталитет“ во кој одговорноста е индивидуализирана, туку и да ги напаѓаат репродуктивните права на жените, да ги ограничат избирачките права на малцинската популација и да ги оправдаат најсуровите облици на укинување на социјалната заштита и правата на јавните службеници, сиромашните, невработените и болните.

Што претставува „тешката војна“ и кој ја покрена против младите во Америка?

„Тешката војна“ е кованица од мојата книга “Youth in a Suspect Society: Democracy or Disposability?”, која го опишува најсуровиот облик на растечкиот комплекс на контрола на криминалот насочен кон сиромашните и младите кои им припаѓаат на малцинствата, преку логиката на казнувањето, следењето и контролата. На мета на овие казнени мерки, по правило се младите луѓе чија работа не е потребна, односно оние за кои се смета дека се пропаднати конзументи и кои единствено можат да си овозможат живот на маргините од комерцијалната култура на неумереност, која ги исклучува сите оние кои се без пари и ресурси. Или, од една страна, станува збор за млади кои се перцепираат како проблематични и често отфрлени заради својата етничка припадност, раса или класа. На пример, ова казнување од затворскиот систем е пренесено на другите општествени сфери и тоа може да се види во училиштата, но и во секојдневниот живот. Како што рече Маргарет Кимберли, „црнците ги казнуваат заради возење, одење по улица, раѓање деца, запишување на децата во училиште, заради однесувањето на децата кои се однесуваат како деца и дури заради тоа што имаат деца кои убиле други луѓе. Казнети сме, затоа што и понатаму постоиме“.

Каде е особено видливо тоа однесување на системот?

Пример за таков комплекс на контрола е видлив и во растечката практика во училиштата кои ги дисциплинираат учениците преку константно прислушување со високо-технолошки системи и наметнување на сурови и често непромислени политики на нулта толеранција, кои се вообичаени за казнено поправниот систем. Во тој контекст, младите кои доаѓаат од сиромашно или малцинско окружување со ниски приходи, стануваат објект на нов начин на владеење, втемелен на заострени облици на дисциплинска контрола, кои резултираат со порастот на парадигмата „од училиште, в затвор“. Паралелно со порастот на присутноста на полицијата, безбедносните служби и надзорните технологии во училиштата, сè побројни се случаите кога децата се казнувани за тоа што го работат, како се однесуваат, што зборуваат и како се облекуваат. Суспензиите, исфрлањата од училиштата, апсењата и затворските казни станаа рутински образец за односот на системот кон сиромашните црнци и домородните ученици. На поголем дел од ситните прекршоци, како во училиштата така и на улица, сега се гледа како на казнени дела.

Дали овој феномен има глобален контекст?

Секако, тој комплекс на полициска контрола врз младите има и глобален контекст, во бројните европски земји тој стана видлив по воведувањето на мерките за штедење. Таму, младите луѓе се сметаат за вишок и закана за естаблишментот, заради растечкиот активизам и одбивањето да станат колатерални жртви на растечките неолиберални режими.

Често укажувате и на наследството на „фашистичката неморалност“ во денешното американско општество. За што станува збор?

Фашистичката неморалност се однесува и на одвојување на моќта од нејзините етички и општествени последици. Исто така, тој поим се однесува на подготвеноста да се легитимира културата која реагира на насилството со некој вид на халуцинаторно уживање и задоволство, како насилството да стана прониклива и охрабрувачка присутност. Притоа, се чини дека бесмисленото насилство е повеќе од затапување на чувствителноста во однос на положбата на другите, исто така, тоа создава едноставен проток на насилство во секојдневниот живот, уметноста, музиката, филмот, создавајќи нешто што би можеле да го наречеме „култура на суровоста“ во која личниот интерес и најфанатичните облици на компетитивноста се спојуваат со насилството во однос на другите, особено кај групите граѓани кои се маргинализирани заради класната припадност, расата, етничкото потекло, годините или физичката инвалидност.

Целиот ваш работен век помина во своевидна интелектуална борба за јавното добро и критикувањето на механизмите на моќта кои јавните интереси и институциите ги подредуваат на приватните. Кога, според вашето мислење, дојде до отворен конфликт помеѓу јавното и приватното?

Мислам дека нападот на јавниот сектор и работништвото започна за времето на мандатот на Роналд Реган во САД и Маргарет Тачер во Велика Британија. Двајцата покренаа идеолошки blitzkrieg против општествените вредности, општествениот живот и социјалната држава. Озлогласениот слоган на Реган според кој „Владата не е решение, туку проблем“ совршено се вклопува во изјавата на Маргарет Тачер според која „не постои општество туку само семејството и индивидуалците“. Заедничкото за овие ставови е глорификацијата на приватното и во исто време презирот кон институциите кои го поддржуваат јавното добро и даваат услуги за социјална заштита.

Зошто сметате дека педагогијата е клучна не само за политиката, туку и за општеството во целина, па така и за контекстот на општествените промени?

Најдобро е да го започнам овој одговор наведувајќи ја разликата помеѓу конзервативниот пристап кон едукацијата и значително попрогресивното значење на поимот на критичката педагогија. За многу конзервативци, едукацијата и учењето често претставуваат сет од стратегии и вештини кои служат за подучување со теми кои се однапред одредени. Во тој контекст едукацијата е поистоветена со методите, техниките или практиката на која било друга вештина. Од друга страна пак, критичката или радикалната педагогија мора да биде перцепирана како политички или морален проект, а не како обична вештина. Критичката педагогија како политички проект го осветлува односот помеѓу знаењето, авторитетот и моќта. Во етички контекст педагогијата ја нагласува важноста на сфаќањето што всушност се случува во училниците и другите едукациски установи преку поставување на прашањето што е највредно во знаењето, кон што треба да се стреми знаењето и што значи тоа само по себе. И најважно од сè, критичката педагогија сериозно ги испитува начините на кои учиме и дејствуваме како индивидуални и општествени фактори. Сакам да кажам, таквата педагогија не е само фокусирана на учењето на студентите како да мислат, туку и на привлекување на вниманието за нивното чувство на индивидуална и општествена одговорност, во контекст на поширок обид да се стане ангажиран граѓанин кој може да ја прошири и продлабочи можноста за демократски јавен живот. На крајот, потребно е да се нагласи како критичката педагогија не е apriori метода која едноставно може да се примени без оглед на контекстот. Критичката педагогија е исход од конкретни борби и секогаш е врзана со специфичностите на поедини контексти, заедници, расположливи ресурси, лични приказни кои учениците ги носат со себе во училницата и нивните различни искуства и идентитети.

Колку се важни облиците на бунтот и отпорот? На пример, по протестите и блокадите на Филозофскиот факултет во главниот град на мојата земја, каде се бараше бесплатно школување, мејнстрим медиумите и политичките претставници, понекогаш експлицитно, а понекогаш суптилно, таквите барања ги прогласуваа за назадни и социјалистички. Меѓутоа, студентите кои учествуваа во блокадите одбија да бидат вовлечени во дискурсот на медиумите и политичарите, не го персонализираа протестот, односно немаа претставници за своите барања, туку дејствуваа како безимен колектив, а тоа го обесмисли класичниот медиумски наратив во кој значително се шират приказните за индивидуализирање и како такви, во одредени моменти служат за едноставна дискредитација на протагонистите и таблоидизација на настаните.

Облиците на отпорот се клучни затоа што ја менуваат природата на дискусијата која често ја обликуваат елитите и владеачката класа. Додека во последно време е сè потешко да се замисли демократската иднина на општеството, влеговме во период во кој младите луѓе ширум светот протестираат против неолиберализмот и педагогијата на припадноста, исто како и против политиката на ексклузија. Овие млади луѓе го подигнуваат гласот и одбиваат да гледаат немоќно како другите одлучуваат за нивната иднина. На тој начин создаваат општествени услови во кои политиката не смее да се користи како воен чин, а пазарот како мерка за демократија. Тие со сериозност го сфаќаат големиот аболиционист Фредерик Даглас, кој храбро рече дека „слободата е празна апстракција, доколку луѓето не дејствуваат“, односно „доколку нема борба, нема да има ниту напредок“.

Дали тоа е причина за фактот дека, ќе ве цитирам „живееме во период на нулта толеранција кон младите демонстранти, додека од друга страна, бесконечно се толерира криминалот на банкарите кој влијае на животите на милиони луѓе?“

Во моментов во САД на дело е масовна поделба на богатството и моќта на мегабогатите и корпоративните елити. Неолибералните елити моментално работат во околности на организирана неодговорност и непостоечки разлики помеѓу илегалното и легалното. На пример, банкарскиот гигант HSBC испра милиони долари за мексиканските нарко картели и терористичките групи како Ал-Каеда и заради тоа никој не отиде в затвор. Во исто време, илјадници млади луѓе кои ќе направат ненасилни дела, како што се пушењето или поседувањето марихуана, добиваат шокантно неправедни затворски казни. Но, овде не се работи за двојни стандарди, се работи за пораст на казнувачката држава која ги штити богатите и ги казнува сиромашните, како и оние кои ги ставаат под прашален знак државниот авторитет и репресивните политики.

По ураганот Сенди, неколку адвокати од слободниот пазар, како Расел Собел, јавно предложија, во најтешко погодените подрачја, Сојузната агенција за управување со итни случаи (ФЕМА) да создаде „зони на слободен пазар, во кои сите постоечки регулации, дозволи и даночни оптоварувања треба да бидат укинати“. Таков потег, според Собел, би овозможил побрза и подобра достава на услуги и добра кои им се потребни на жртвите“. Како ги коментирате овие апели?

Тие се позната приказна. Каде и да се случи криза, ќе се појават апостолите на капитализмот користејќи ја моќта за да го промовираат влијанието на капиталот, со цел да се приватизираат јавните услуги и добра, како и енормните последователни заработки. Се работи за „зомби капитализам“, во целост соголен во својата желба да профитира од патењето, бедата и смртта на другите.

Извор: http://www.h-alter.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото