Помалото политичко зло

19.01.2013 15:37
Put on the light - Помалото политичко зло

Денеска политичката активност на граѓанинот е сведена на избирање на помало политичко зло. Политичките партии се гледаат како нужно зло, некоја поголемо, некоја помало. Тие не се носители на идеи и концепти, туку на различно нијансиран, а суштествено ист пристап во однос на уредување на системот, од кој профитираат малкумина. Поинаку и не може да биде во систем подреден на пазарот, а не на човекот. Либерално претставничката демократија и капитализмот го поставија приватниот интерес како доминантна основа за рационално делување. Јавниот интерес е актуелен термин само кога треба да се замаскира приватниот. А во Македонија ни тогаш едноставно го нема во јавниот дискурс (истипкајте „јавен интерес“ во пребарувачот на кој било од најчитаните весници и видете во кои контексти се појавува).

Демократијата е изедначена со изборниот процес, и единствено преку него го одржува привидот дека граѓаните имаат некаков удел во креирање на политиката. Професионалните политичари ја делегитимираат како недемократска која било граѓанска политичка ангажираност надвор од официјалните институции на системот, зашто не го поминала изборниот филтер. А изборите суштествено не се разликуваат од чинот на купување прашок за перење. И тоа од моментот на рекламирањето и создавањето илузија за решавање на проблемите, т.е. дамките, па се’ до моментот на cost benefit одлуката – „знам дека сите реклами лажат ама го одбирам најевтиниот производ, чиja рекламa сум ja запамтил/а (преведено во политички речник - помалото политичко зло)“.

Сиромаштијата и личната несигурност (пред сè душевна) се единствените извесни нешта денеска. И токму тие две извесни неизвесности се причина за излезноста на избори и за гласањето за помалото зло. Притоа помалото политичко зло се пресметува како функција на две координати: (х) финансиска егзистенција и (у) морална/културна (не)контрола над општеството. Во однос на првата координата, пресметката обично се сведува на тоа дали некој од блиското семејство добил или загубил работа, земал субвенции, или има други финансиски привилегии за време на мандатот на едното од двете зла. За втората пресметката клучна улога игра чувството на слобода/загрозеност од моралната (не)регулираност на општеството.

И покрај клишето дека двете доминантни партии во македонскиот блок се исти, постојат две главни разлики меѓу нив по кои се одредуваат вредностите на координатите и се носи одлуката за „помалото зло“.

Првата основа по која граѓанинот се одлучува за помалото политичко зло, е финансиската егзистенција. И покрај тоа што помеѓу двете македонски партии нема суштинска разлика во однос на економската политика (и двете се über неолиберални), има разлика во нејзиното спроведување. Додека СДСМ е многу подоследна во однос на имплементација на неолибералните начела – приватизација, либерализација и дерегулација, ВМРО ДПМНЕ го прави истото на многу пошизофрен начин. Шизофреноста се состои во спроведување на неолибералната политика замаскирана зад популистички социјални политики, чија цел не е социјална политика per se, туку купување изборна подршка. Дека намерите не се искрени и се работи за политичка математика покажуваат низа спротивни чекори како: бришење невработени за да се прикаже поповолна статистика; намалување на придонесите од што разликата заврши во џеповите на работодавците; ограничување на бесплатното здравствено осигурување за одреден дел невработени (кое, за среќа, падна пред Уставен); доцнење на надоместокот за време на породилното, па на тоа уште плаќање данок како дополнителен приход поради грешка на државата; незаштитени работници и смртни жртви во име на проектот „Скопје 2014“; намалување на пензиите за идните пензионери итн. Социјалните мерки се користат како еден вид софистицирана корупција која го замени „брашно и шеќер“ системот, и стана уште еден инструмент за осигурување изборна подршка, покрај традиционалниот – работно место во администрацијата.

Од друга страна, СДСМ не само што немаат никаква желба за полева економска политика, туку се соочуваат и со две структурни ограничувања: „комуњарскиот комплекс“ и ЕУ поддршката. Левичарска економска политика би значела отстапување од неолибералната агенда, и оттука можна конфронтација со ЕУ. Вториот проблем е „комуњарскиот комплекс“, но и темната дамка од приватизацијата. Како партија која ги постави темелите и го предводеше процесот на приватизација, а при тоа не зазеде критички став од денешна дистанца, таа тешко може да се ориентира полево на идеолошкиот спектар, без тоа да биде лицемерно. „Комуњарскиот комплекс“, кој беше клучен двигател зад агресивното спроведување на неолибералната агенда, е с’ уште актуелна причина за отпорот спрема полевото позиционирање. Ова е карактеристика на посткомунистичките земји, каде партиите наследнички на комунистичката партија, преку целосна подршка на неолибералниот модел видоа начин за раскрстување со товарот од минатото и начин да изградат имиџ на модерни европски партии.

Втората основа за препознавање на помалото зло е односот кон „Другиот“ (сфатен во најширока смисла) и амбицијата за морална и културна доминација во општеството. Ситуацијата не е многу поразлична од Европа каде поради непостоење суштествена разлика меѓу левица и десница во однос на економската политика, клучните разидувања се во однос на прашања како имигранти/малцинства, ЛГБТ, абортус, веронаука итн. Разликата и тука не е суштинска, не се работи за прифаќање на „Другиот“ како таков, туку за степен на толерирање на различноста. Илустративен пример е истражувањето на МЦМС кое покажува минимална разлика помеѓу симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во однос на прашања како проституција, хомосексуалност, абортус, развод, еутаназија итн. Разликата е само во партиската стратегија на отварање на овие теми. Десницата секогаш е во предност, зашто полесно може да го мобилизира гласачкото тело создавајки страв од морално разградување на општеството. Од друга страна, стратегијата на левицата е спротивставување овие теми воопшто да се отворат. Активна борба за легализација на проституција, бракови меѓу хомосексуалци и посовојување деца, легализација на лесни дроги и еутаназија би било политичко самоубиство. Затоа стратегијата е крајно прагматична – неотварање на овие теми или ако веќе се отворат на иницијатива на десницата, борба да не се изгубат стекнатите придобивки (на пример, абортусот). Во суштина крајно пасивна позиција за зачувување, а не освојување на нови слободи. Сепак, за многумина тоа е доволно за препознавање на помалото зло, наспроти активниот стремеж на десницата за морално/ културно регулирање на јавната сфера (а преку тоа и на јавниот простор).

Информацискиот мрак, цинизмот и длабоко всадениот фатализам дека нешто може да се смени е причина граѓаните да го бираат помалото политичко зло, наместо отфрлање на системот во целост како неправеден (нешто што се случува низ Европа, а во моментов во Словенија). Така на обичниот граѓанин не му преостанува ништо друго освен да биде прагматичен и да пресмета од кој добива повеќе трошки (и материјални и нематеријални) за како-така финансиски и душевно да ја истурка живеачката.

Иако на 24 декември беа поткопани основните начела на либералната демократија, тоа не може да мобилизира сенародна борба и отпор. Либералната демократија е најранлива од аспект на мобилизирање поддршка за нејзина одбрана. Обичниот граѓанин го чувствува системот туѓ, украден од политичките и бизнис елити, што и не е далеку од вистината. Отуѓувањето на политичката од општествената сфера и комплетната деполитизација се инхерентен производ на овој систем. Во него граѓаните се крајно аполитични, желни за инстант консумеристички задоволства и економско рационални во секоја сфера од својот живот. Во таков контекст одлуката е секогаш економска, т.е. цената мора да е помала од користа. А цената секогаш е поскапа од користа кога се брани нешто што го немаш како свое – затоа одбраната тука нема пресметка.

Тоа што децидно чувствуваме дека нешто сериозно е гнило во самите основи на системот, а притоа не знаеме дискурзивно да го артикулираме зашто е политички некоректно и ретроградно да се доведува во прашање „најдобрата и најдемократската од сите можни алтернативи“ е причина за политичката апатијата која нè фрла пред одлуката за помалото политичко зло. Во таква ситуација подеднакво легитимно е некој да не може / не сака да го пресмета помалото зло, зашто одбива да даде легитимитет на систем на компромиси со физичката и духовна егзистенција и слобода.

Слики: Villejavat

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото