Ние ги избираме хитовите, а не тие нас!

19.01.2013 19:20
Ние ги избираме хитовите, а не тие нас!

Поради историската важност, на преседаните и големината на настаните за и околу буџетот, во и околу Собранието, ќе мора пак да им се навратиме. Во ова, ние граѓаните и јавноста во Македонија сме, овој пат, чекор понапред во однос на меѓународните преставници тука. И тоа не само во осознавањето на тоа што се случи туку и во обзнанувањето. Ете, овој пат, овдешниот невладин сектор имаше навремени и поамерикански и поевропски соопштенија од самите преставници на меѓународниот фактор (соопштенијата на Транспарентност-Македонија, Хелсиншки комитет, Јадро - Асоцијација на независната културна сцена, итн.)

Се враќаме на настаните и за да го подвлечеме најголемото нешто што се случи, а тоа е директното мешање на полицијата и на министерот за финансии во законодавната власт. Тоа, како што веќе беше запишано, за прв пат се случува во историјата на светската демократија. Ова што се случи, споредено со семеен живот, е како детето кое зазема страна при препирка на таткото и мајката. Кога родителите се караат, најмногу што може детето да направи е да се повлече во својата соба и тивко да заплаче. Ако е малку повозрасно, евентуално, да се обидува да смири или раздвои. А ако зазема една страна кај тие од кои му потекнува својството „дете“, тој веќе не е дете, туку станува „страна“.

Има и покомплицирано објаснување за ова, како она на Жан Бодријар за симулација и симулакрум, но, директно кажано ова е престап поради самата срцевина и природа на демократијата. Имено, демократијата сама по себе е зафрканција така што не трпи дополнителна зафрканција. Нешто како сонувањето во сон, лагата врз лага итн. Демократијата е нешто како чесно коцкање. Чесноста, искреноста и придржувањето кон правилата и кодексите се нешто на кое се темелат односите и врз кои опстојуваат. Но, луѓето знаат да преминат и да ги простат лагата и измамата, да речеме, во трговијата или во лубовта, но посебно ги погодува измамата во коцкање. Тоа е поради фактот што престапот не трпи дополнителен престап. Теолошки: гревот не трпи дополнителен грев. Тогаш си отаде простувањето, милоста и спасението!

Заради екстремно нарушениот баланс во медиумската сцена внатре, совпаѓањето на случувањата со новогодишните празници и распусти, намалениот европски и регионален интерес, тоа засега беше само толку покриено. Но, чинам допрва ќе се тркала и ќе се развие приказната за нашето будење од лошиот сон во лоша реалност, што нам ни се случи. Прво ќе порасне регионалниот интерес за овие случувања со прашања: Што велиш бе Мите? Вие, буџет, на клоци, донесувате?! Па после Европа и пошироко, итн. Тоа што нас, ете, фала му на Бога, не нè фати онаа фамозната балканска клетва: „Да ти ја видам куќата на Си-Ен-Ен“, што обично е случај при вакви големи настани на Балканот, е наша предност. А оној Ставревски кому му ја видовме раката на Си Ен-Ен, самиот нека му ја мисли.

За целосно опфаќање на контекстот мора да ги имаме предвид и опкружувањето и комшиите. Ние тука произведуваме фунерална (погребна) музика, но во Албанија ја слушаат сè уште само како обична сентиментална мелодија, во Бугарија како необична, но сепак детска мелодија, во Грција веројатно не нè слушаат, тие се заглавиле оти имаат европски закон а немаат пари за авторски права, а од Србија, некои, според логиката на „Рокери с Мораву“, ни велат дека ова е Гангнам стајл. Дури и активно нè убедуваат дека тоа е хит, и за минатата и за оваа година?!

Но, се издадоа поради тоа што знаеја малку и поради тоа што многу нè потценија. Овие се како киднаперите на државниот апарат кои во последниот период интензивно се дружеа и се појавуваа во јавност со деца, за со тоа да докажат некоја привидна нормалност на државата. Заборавија дека државата е, сепак, работа на возрасни и со возрасни се докажува. Така и убедувачите за Гангнам стајл кои мислат дека сме деца, па сакаат тоа да ни го вметнат како хит на годината. Но, ете, пораснавме, ние ги избираме хитовите, не оставаме хитовите да нè избираат нас! И, ете, знаеме, ова е зулум и неправда и многу брзо ќе падне. Веќе им се чита по лицата. Станале како пребледена хартиена амбалажа на некој производ. Можеби има нешто како втиснат датум, сè уште некој важечки рок, но поради пребледеноста никој не му се приближува на таков производ за да го чита тој датум.

Слики: Свирачиња