За злодејците и плебејците

22.01.2013 09:50
За злодејците и плебејците

Можеби по многу години, некој наш потомок, здробен од досада додека патува со Ворп 4,7 низ Алфа-квадрантот, ќе седне да ги разгледува архивите на интернет-страницава за која пишувам. За нему да му биде барем малку појасно за што бладаме и трошиме слова (искрено сакам да верувам дека и во најтврдиот череп со најтесен отвор за проток на информации кај моите современици е влезена информацијата за суровата реалност во која живееме), следат понатамошните редови.

На 24 декември 2012 година, во Собранието на Македонија влегоа некои типови, ги фатија за уши пратениците од опозицијата кои се трудеа да спречат донесување на буџетот без почитување на законските процедури и ги исфрлија надвор од пленарната сала како партали. Неколку минути пред тоа, за да нема сведоци, истите типови, или некои многу слични на нив, ги фатија за уши новинарите кои се надеваа дека ќе сведочат на уште една собраниска оргија и исто така ги исфрлија надвор од галеријата.

Надвор, пред Собранието, едни спроти други, стоеја две групи. Во едната стоеја луѓе што сакаа да им дадат поддршка на пратениците на опозицијата, но и луѓе кои беа дојдени таму за да го бранат Уставот на Република Македонија, кој предвидува поделба на власта и демократски процедури на владеењето. Не верувам дека кој било од нив можеше да претпостави дека во текот на денот ќе биде сведок и на гореопишаното тегнење за уши. Никој не очекуваше дека, на тој прилично сончев декемвриски ден, власта ќе употреби насилство за да ги тргне од пат здодевната и иритирачка опозиција и народот собран пред Собранието, кој јавно и пркосно зазеде став поинаков од оној на власта.

Во другата група стоеја полицајци и поданици на власта. Тие беа дојдени таму за да ги надвикаат, да ги истуркаат и да ги истепаат оние од другата група. Да покажат колку е власта силна и неприкосновена. Да втераат страв во коски, да го исчистат јавниот простор од сите остатоци на мисла која не е еднаква или сообразена со мислата на власта, на режимот.  Речиси цел ден летаа јајца и одгризани јаболка (шест години лапате, зарем не се налапавте, стоки незаситни!), а пендреците како на тапани да удираа по грбовите и главите на непослушните, кои рака на срце, својски се потрудија да вратат колку што можат.

Есапот на крајот на денот кажува: обидот на опозицијата да го искористи истиот пристап кој го користи партијата на власт ДУИ во однос на Законот за бранителите - власта го спречи. Притоа владејачката булумента ги погази законските процедури, ги укина собраниските комисии, физички отстрани од парламентот народни пратеници и најотворено и највулгарно ја наметна волјата и старешинството на извршната власт над законодавната. Тоа е упад во политичкиот систем на земјата и во нормални услови, би требало да биде санкциониран од судската власт и од органите на прогонот. Наједноставно кажано, се укина и најбледиот привид на демократијата во македонското општество.

Процесот кој трае веќе шест години, процес во кој партијата на власт ја презема целосната контрола врз општеството, доживеа своја кулминација и нѐ стави во ситуција да мораме одново да го дефинираме општеството во кое живееме, затоа што дефиницијата дека Македонија е демократска држава повеќе не важи! Општествено уредување во кое луѓето се присилени да гласаат за некоја партија ако сакаат да стигнат до оплодување со ’ин витро‘, во кое припадници на полицијата им се закануваат на активисти кои не ја застапуваат власта, во кое специјалец убива дете на централниот плоштад во државата додека го обезбедува лидерот на партијата на власт (а потоа цела машинерија се труди да го скрие тоа), политичко уредување во кое постојат политички затвореници, во кое непослушните и нивните семејства се мета на закани и малтретирање на улица и на работното место, општество во кое новинарите мораат да му пеат ода на пастирот, а глумците и уметниците се третирани како стадо кое мора да протестира против опозицијата, општество што ги плаши и шиканира своите граѓани се вика ДИКТАТУРА!

Во општество со ваква дијагноза, граѓаните можат да изберат три улоги. Првата улога е онаа на отворени поддржувачи на режимот. Тоа се луѓе кои се заведени од реториката на лидерот. Опиени од бронзата и потемкиновите фасади, сонуваат за Големина и Доминација. Своите лични фрустрации ги проектираат на национално ниво и им се одмаздуваат на сите за својата неукост и плиткост. Тоа се луѓе кои на пиедестал го поставуваат медиокритетот и се подготвени на насилство кон сите што мислат поинаку од нив, како и кон сите што се послаби од нив. На работа, во државните институции во кои се инсталирани, ги кодошат колегите, а во автобусите водат евиденција кој не дошол на контрапротест. Гордо и безбедно се чувствуваат само на партиски митинзи и прослави.

Втората улога ја играат покорните поданици. Дел од нив се сосема свесни за тоа што се случува околу нив. Кристално им е јасно дека авторитаризмот на власта, кога-тогаш, ќе затропа и кај нив на врата, но стравот кој ги поклопува е пресилен за да сторат што и да е и живеат во надеж дека тоа ќе се случи некој ден подоцна, можеби дури и другата година. Но, сепак се свесни дека е неизбежно соочувањето со режимот и тоа ги плаши и парализира. Покорни поданици стануваат и еден дел од, инаку, слободоумните граѓани. Тие се соочени со повеќегодишната своја апатичност и неактивност, со општествената импотентност која последниве години вешто ја маскираат со статуси и коментари на социјалните мрежи. Флоскулата зад која можеа долго време да битисуваат без да заземат став беше: „Сите се исти“. Но, како и многу други работи, и тоа се смени на 24 декември 2013 година. Сега се во потрага по нова фраза која ќе ја оправда нивната неактивност, недостигот од став. Бараат ново засолниште во кое ќе можат, без опасност дека некој ќе ги види, да му се препуштат на стравот кој ги јаде однатре.
Третата, носечка ролја е онаа на опозиционите политички партии и плебејците кои решиле да се побунат.

Опозицијата веројатно конечно увиде дека традиционалниот начин на делување не носи резултати и дека влогот е многу поголем од нивното доаѓање или недоаѓање на власт. Власта им го одзеде правото политички да функционираат во рамките на установите и им приреди сурово будење. Ги натера да разберат дека не се имуни на насилството и дека маките на обичните граѓани се и нивни маки, иако на прв поглед не изгледа така.

Плебејците кои решија да се побунат се шарена група ликови и карактери, кои можеби понекогаш изгледаат како тукушто да излегле од култниот „Балкан Експрес“ на Бранко Балетиќ, но се упорни, храбри и веруваат во тоа што го прават. Главната порака што треба да ја емитираат и да ја пренесат и до најдебелиот череп со најтесен отвор за проток на информации бездруго е дека борбата за враќање на демократијата и слободата во Македонија не е и не треба да биде работа само на опозицијата. Треба на Брехт да му кажат дека не смее да држи проби и да пишува писма, туку да му се приклучи на театарот на улица. Треба на професорите да им дадат голтка од отровот што го испил Сократ за да ги потсетат дека од нив учиме сѐ за вселената и општеството и за тоа која е нашата улога во нив. Треба да го повикаат народот да почне да го Живее остатокот од животот.

Се надевам дека нашиот потомок од 22 век кој открива нови животи и нови цивилизации, нашиот потомок кој храбро оди онаму кај што никој не бил пред него, од историјата ќе има научено дека сме победиле во оваа битка. Дека сме станале подобри луѓе и сме научиле важни лекции. И дека соочени со злото, сме ја направиле вистинската работа, не дозволувајќи му да помине.

Слики: Michael Knight