Слоганизам и нова феудализација

22.01.2013 15:13
Слоганизам и нова феудализација

Зовриените политички и партиски борби, како и секојдневната борба за опстанок во која дури и враните меѓусебно почнаа да си копаат очи, нè оневозможуваат да фатиме пошироки перспективи и во поглед на причините за нашиот пад, и во поглед на опишувањето на современоста и во поглед на барањето спасоносни решенија.

Словенечкиот теоретичар Растко Мочник, во својот текст „Утопизмот од онаа страна на утопијата“, дава мошне интересни тези за нашиот историски миг. Ќе пренесам дел од тие тези.

Кусо речено: нам ни се случува повторно феудализирање на општествените односи. Капиталистичкото „господарење“, како што го нарекува Мочник, никогаш не ни можело да преживее без да се потпира на пред-капиталистичките односи. Дотолку, денес не-капиталистичките форми на „господарење“ се значајни елементи на современиот капитализам. Во преплетот, значи, меѓу пред-капитализмот (т.е. феудализмот) и капитализмот, настануваат новите општествени форми во кои, сакале-нејќеле, живееме.

Мочник го објаснува механизмот на тоа повторно феудализирање на општествениот живот; политичката „фикција“ на апстрактниот индивидуалец можеби е клучна точка за објаснување на новите општествени односи кои подразбираат подреденост и господарење. Всушност, општествените односи (хиерархијата, подреденоста, институционалните односи) наликуваат божем на односи меѓу личности; како и во пред-капитализмот, тие односи стануваат односи на лична зависност, на подреденост и надреденост, а нивните општествени причини се маскираат низ фантазиите за личната вредност, за личната „одличност“, за личните заслуги, грешки итн. Општествените тензии придвижени од таквите односи се доживуваат како меѓучовечки борби, а класната борба учесниците ја доживуваат како фантазмагорична форма на лични интриги. Всушност, машината на угнетувањето дејствува на тој начин што и „понижените и навредените“ се идентификуваат со идеалите на своите угнетувачи и искористувачи.

Карактеристична форма на ре-феудализирањето е и новата корпоративна „етика“, новите технологии на управување со луѓето. Сведоци сме на настанување на новата мистика на менаџментот. Како што вели Мочник, наместо некогашните семинари и политички школи за млади активисти, денес имаме menagement and business administration. Наместо некогашната социјалистичка критика на бирократизмот, денес ни се случува - глорификација на бирократизмот! Ни се случуваат ритуалите на лојалноста, на лажната корпоративна солидарност, опседнатоста со „етиката“, новото пљачкашко витештво, хероизмот на ласкањето, кој станува важна вештина во борбата за опстанок на многубројните и често меѓусебно судрени приврзаници на феудалните господари.

Најстрашната последица на новиот општествен феудализам е уништувањето на секоја можност меѓучовечките односи да се одвиваат надвор од наметнатите идеолошки механизми на господарењето. Јавниот простор е монополизиран. „А можноста за самостојна продукција на алтернативни регистри на друштвеност е речиси сосема уништена“, смета Мочник.

Не постои дури ни некогаш спасоносното поле на приватноста, бидејќи јавноста е структурирана на начин на меѓусебна зависност. (Овде „приватноста“ не ја сфаќаме во дословна граѓанска смисла, туку како оној дополнителен простор на взаемност, на солидарност и проникнување - простор кој во минатите епохи некогаш бил и позначаен од просторот на „јавното дејствување“ и на „политиката“.)

Интересно е влијанието на новиот феудализам врз културата. Мочник во рефеудализирањето на општествениот живот пред сè гледа триумф на малограѓанската свест и култура. Бидејќи новите господари, поради својата културна јаловост, не се способни да го поттикнат настанувањето и развојот на своја сопствена (владеачка) култура, тие нови владетели всушност ја блокираат самостојноста на која било култура, смета Мочник. Бидејќи не се способни да воспостават сопствени естетски норми и етички установи кои би ги интегрирале, новите господари им се препуштаат на малограѓанските и популистички матрици кои всушност ја уништуваат можноста за критичка и сериозна културна продукција. Антиинтелектуализмот е парола на денот. Како што вели Мочник, комунистите ја тероризираа културата заради сопствениот интелектуализам; сегашнава нова класа ја уништува културата заради сопствената малограѓанштина (две важни особини на малограѓанскиот менталитет: постојано демнење да се начека шансата за самопромовирање; постојан страв од деградација).

Но, токму на полето на културата македонскиот типично неофеудалистички режим значајно се разликува од повеќето други неофеудални поредоци (иако, пак, со неколкумина е сличен - оној некогашниот на Нијазов во Туркменистан или на Орбан во Унгарија). Со проектот СК014, но и со неуморната режимска пропаганда, во безвредна сценографија не се претвори само скопскиот плоштад, туку разбирањето на јавните работи, на општеството, на политиката и уметноста. Главните медиумски изразни средства кај нас се плакатизмот (фасадерството), памфлетизмот (фразирањето, морализирањето, општите места) и слоганизмот. Слугите се држат во ропство со помош на слогани. Господарењето е овозможено од слоганизмот.

(Интересно е потеклото на зборот слоган. Елиас Канети потсетува дека зборот е поврзан со војските на неумрените, своевидни зомбија, кои ја насочуваат нашата работа. Некои народи ги замислуваат своите мртви, или дел од нив, како сенишни војски. Меѓу Келтите од шкотските брда војската на мртвите е означена со посебен збор: sluagh. По секоја борба нивната крв ги бои со црвено литиците и ртовите. Зборот ghairm значи „крик, восклик“, додека „sluagh-ghairm“ го означува воениот восклик на мртвите. Од тој израз, според Канети, подоцна настанал зборот слоган. Воените восклици и извици на нашите модерни маси изведени се, значи, од војските на мртвите во планинските предели.)

Да заклучиме: малограѓанскиот културен пресврт во новофеудализираната Македонија е посериозен и поопасен од стандардно анестетичката улога на културата во новото феудализирање на масите. Овдешниот режим со помош на еден длабински културен инженеринг ја користи културата за ново читање на историјата и на националниот идентитет, а сè во рекламна функција на режимот. Власта ја претвори културата во билборд за популистички и националистички илустрации и манипулации. Таквото разбирање на културата е штетно по најмалку три основи: создава лажен и нестабилен идентитет подложен на маркетиншки игри, а не на покомплексно промислување на светот и на сопствената улога во него; културата сфатена како „илустрација“ е штетна и од финансиски аспект: таа не е развојна туку е за дневнополитичка употреба; најпосле, таквата култура (затворена во себе, баз можност да се споредува, надвор од современите текови, анахрона и провинцијална) само ги оддалечува од себе навистина талентираните и посветени уметници и културни работници, пред сè меѓу помладите.

Ако диктатурите се служат со цензура, а демократиите со манипулација, груевизмот користи комбинација: ем манипулација, ем цензура (ги купија сите помоќни медиуми, а некои ги уништија). Во Македонија, значи, под груевизмот се случува едновремено и цензура и „сензура“ (сензура значи одземање на смислата или тортура врз чувствата).

И покрај сè, се чини дека дури и овдешнава изразито примитивна и брутална форма на новофеудализам, кој ги толчи и чувствата и разумот, е само еден посебно перверзен вид на многу поширокиот процес на ново феудализирање.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото