Фрка

23.01.2013 13:26
Фрка

Во Речникот на шатровачкиот говор на Т. Сабљак (Загреб, 1981), фрка е врева, метеж, потера, рација, тепачка, страв. А фркарош или фркатор е, повторно, оној кој прави метеж. Една деценија подоцна, И. Клајн во Речникот на нови зборови (Нови Сад, 1992) го вбројува зборот фрка во фамилијарните зборови, а значи узбуна, возбудување, неред, метеж. Тврдењето дека шатровачкиот често му дава на еден единствен збор повеќе значењa наоѓа целосна потврда во Речникот на современиот белградски жаргон (Б. Герзиќ, Н. Герзиќ, Белград, 2002) каде фрка значи: проблем, непријатност, неволја, потешкотија, незгодна ситуација; неред, збрка, метеж, узбуна, страв, криза (кај наркоманите), брзање, итност; фрка-паника: голем неред, метеж; на фрка - набрзина; фрка ми е! страв ми е! ми се брза! немаш фрка! нема проблем! не се грижи; дига фрка: да предизвика возбудување, да паничи; да се биде во фрка: да се биде во брзање, да се биде во незгодна ситуација, да се биде возбуден, нервозен. Тука е и фркаџија - лице склоно кон тепачки, па глаголите: да се фрка - да се расправа, кара, и фркира - паничи, фркнува - обљуби. Фркатор е паничар, кукавица, а фркатично: проблематично, тешко.

Најновиот Голем речник на странски зборови и изрази (И. Клајн, М. Шипка, Прометеј, 2006) во одредницата фрка ги бележи следните значења: „1. пол. организација на лица со слично политичко убедување со заедничка програма, партија, фракција; 2. вое. дивизија во османлиската војска; 3. жарг. врева, кавга, проблематична ситуација; нема фрка, нема проблем, сè е во ред“.

Наведeните речници (освен последниот) не го наведуваат потеклото на овој збор, а тоа е турско, односно арапско. Во познатиот речник Турцизмите во српскохрватскиот јазик на А. Шкаљиќ (Сараево, 1965) зборот фрка ги има овие значења: партија, група, а порано така се викала дивизијата во турската царска војска, а нејзиниот командант, дивизискиот генерал, бил ферик, односно ферик-паша. Инаку, Ферик е и ретко машко име (И. Смаиловиќ, Муслимански имиња со ориентално потекло во Босна и Херцеговина, Сараево, 1977). П. Скок наведува уште едно значење: „одметници од вистинската филозофија“ (Славија, 35, Прага). Зборот како да влегол и во кулинарската терминологија; истражувачот на народниот живот, Лука Грџиќ-Бјелокосиќ, на почетокот на минатиот век забележува: „за бурек во гужва или како што веќе се слуша, во фрк, се приредува сè како и за бурек преку тепсија“ (Српски народни јадења во Босна и Херцеговина, Српски народни јадења и пиења, 1 СЕЗ 10, прир. Јован Ердељановиќ, Белград, 1908).

Во арапскиот јазик фрк значи, меѓу другото, и дружина, група, стадо (Т. Муфтиќ, Арапско-српскохрватски речник, II, Сараево, 1973). А во турскиот (фирка): група луѓе, па партија, дивизија. Фиркаџи (ние би рекле фркаџија) е поддржувач, приврзаник на одредена партија, а фиркаџилик: приврзаност, верност на некоја партија (С. Ѓинѓиќ, М. Теодосиевиќ, Turkče-sirpča Sozliik, Turk Dil Kurumu, Ankara, 1997).

Како што тоа бидува со арго („шатровачките“) зборови, односно во жаргонот, овој пат не е во прашање нов, туку еден (многу) стар збор кој добил нови значења, и тоа многу. Примерот никако не е осамен, да наведеме само неколку турцизми (од веќе споменатиот Речник на современиот белградски жаргон) со понови значења: абер (единица), бајазит (бајат леб), барут (пари, шушки)...

Извор: www.helsinki.org.rs
Слика: Lutz Baar

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Стрип / Култура
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Наука / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото