Разочаран политичар им порачува на гласачите: сите сте исти!

23.01.2013 13:00
Разочаран поитичар им порачува на гласачите: сите сте исти!

Скопје, 23 јануари 2013

Долгогодишниот пратеник во македонското собрание и член на повеќе политички партии, Сончогледко Упиковски, реши да се повлече од активното занимавање со политика, затоа што, како што нагласи, е разочаран од народот.

Упиковски вели дека менувајќи ги партиите и преминувајќи од една во друга влада увидел дека меѓу граѓаните нема никаква разлика и дека сите се исти.

„Никогаш повеќе нема да се кандидирам на избори! Доста ми е од граѓаните, сите тие се исти и сите мислат само на себе. Постојано нешто им пречи, незадоволни се, а ние сме им виновни за сè. Бадијала ги менуваме владите и луѓето во партиите кога за нас секогаш гласаат истите граѓани“, вели Упиковски.

„Бев во сите состави на собранието од 1991 година и секогаш беше истата приказна. Граѓаните сметаат дека политичарите се одговорни за сè и мислат дека со полно право смеат да нè плукаат и пцујат. А кому да се жалиме за нивниот избор? Зарем не постои никој пред кого тие треба да одговараат за нивните постапки?“, се прашува овој политичар.

Упиковски истакна дека никогаш не би се занимавал со политика да знаел со каков народ ќе си има работа.

„Граѓаните велат дека живеат лошо бидејќи власта не е добра. Па кој нè донесе на власт?! Истиот тој народ кој нè избра сега тврди дека не чиниме. Тоа многу повеќе зборува за нив отколку за нас“, заклучи нашиот соговорник.

Адаптирано од www.njuz.net
Слика: Marian Christopher Zacharow