Трагедијата на лисјата

24.01.2013 10:50
Трагедијата на лисјата

ТРАГЕДИЈАТА НА ЛИСЈАТА

се разбудив со суво грло и папратта беше мртва,
растенијата во саксијата жолти како пченка;
жена ми ја немаше
и празните шишиња како искрварени трупови
ме опкружуваа со нивната бескорисност;
сепак, сонцето сè уште беше силно,
a пораката од газдарицата пикната со фино и
ненаметливо жолтило; тоа што беше потребно
беше добар комедијант, со старовремски стил, шегаџија
со шеги за бесмислената болка; болката е бесмислена
затоа што постои, ништо повеќе;
го избричив внимателно со стар брич
човекот што некогаш беше млад и
рече дека е гениј; но
тоа е трагедијата на лисјата,
мртвата папрат, мртвите растенија;
и влегов во темниот ходник
каде што газдарицата стоеше
колнејќи и конечно,
испраќајќи ме по ѓаволите,
мавтајќи со нејзините дебели, испотени раце
и врескајќи
врескајќи за киријата
зашто светот нè изневери
и двајцата.


НАСМЕВКА ЗА ПАМЕТЕЊЕ

имавме златни рипки и тие кружеа и кружеа
во садот на масата до тешката завеса
која го покриваше прозорецот и
мајка ми, која секогаш се смееше, сакаше сите
да бидеме среќни, ми велеше, „биди среќен Хенри!“
и беше во право: подобро е да си среќен ако можеш
но татко ми продолжуваше да ја тепа нејзе и мене неколку пати неделно
беснеејќи во неговата рамка од 180 на 100 зашто не можеше
да разбере што го напаѓаше одвнатре.

мајка ми, кутрата рипка,
сакаше да биде среќна, тепана два или три пати
неделно, ми велеше да бидам среќен: „Хенри, насмевни се!
зошто никогаш не се смееш?“

и потоа ќе се насмееше, за да ми покаже како, и тоа беше
најтажната насмевка што сум ја видел

еден ден златните рипки умреа, сите пет,
пловеа на површината на водата, грбно, со
с
è уште отворени очи,
и кога татко ми се врати дома ги фрли на мачката
на подот во кујната и гледавме како мајка ми
се смее

Превод: Иван Шопов

ОкоБоли главаВицФото