Холивудска пропаганда за Викиликс

24.01.2013 10:40
Холивудска пропаганда за Викиликс

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж во среда го нападна проектот кој зборува за најпознатиот светски бунтовнички сајт, нарекувајќи го филмот „масовен пропаганден напад“ на организацијата и неговите соработници.

Зборувајќи им на студентите на престижниот британски Универзитет Оксфорд преку видео линк од еквадорската амбасада во Лондон, Асанж откри дека дошол до копија од сценариото за филмот „Петтата држава“ кој ќе има премиера во ноември.

„Тоа е лага до лага. Филмот е масовен пропаганден напад на Викиликс и карактерот на моите соработници“, изјави австралискиот интернет активист пред присутните во универзитетскиот дебатен клуб.

Исто така, Асанж го карактеризираше филмот како „потпалување оган“ за војна против Иран, велејќи дека во него се сугерира дека Исламската република работи на производство на нуклеарна бомба. Наведувајќи други делово од сценариото, тој рече дека првиот дел од филмот е сместен во воениот комплекс во Иран со документи кои содржат нукеларни симболи.

„Како тоа на кој било начин има врска со нас“, праша Асанж од амбасадата во Лондон, каде што се наоѓа од јуни откако му беше гарантиран азил за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде што се бара поради наводни сексуални престапи, но без официјално обвинение.

Студиото DreamWorks во вторник објави дека почнало со снимање на филмот за Викиликс, во кој Асанж го игра британскиот глумец Бенедикт Кaмбербач. На промотивната фотографија која ја објави холивудската компанија се гледа Кaмбербач со коса обоена во нијанса како Асанж, додека покрај него е германскиот глумец Даниел Брил како поранешниот портпарол на Викиликс Даниел Домшајт-Берг.

„Петтата држава“ зборува за првите денови на Викиликс, сè до објавување на серијата контроверзни и историски тајни документи, наведува DreamWorks.

Режисерот Бил Кондон, кој ги режираше првите два финални дела од вампирската сага Twilight, во соопштение изјави дека е потребно да поминат децении за да се разбере целото влијание на Викиликс за револуционеризацијата на ширењето информации.

„Со овој филм сакав да ја истражам комплексноста и предизвиците за транспарентноста во информатичката ера и се надевам дека Петтата држава ќе ја збогати дебатата која ја започна Викиликс“.

Извор: e-novine