Полицајци не ја испушиле запленетата марихуана

25.01.2013 11:16
Полицајци не ја испушиле запленетата марихуана

Скопје, 25 јануари 2013

Министерката за внатрешни работи, Сирма Војвода, соопшти дека против четворица припадници на специјалната единца Бета ќе бидат поведени дисциплински постапки, затоа што внатрешната контрола на МВР открила дека не ја испушиле марихуаната што ја заплениле од двајца малолетници во градскиот парк во Скопје.

„Практиката на уништување на марихуаната со пушење официјално е воведена пред неколку месеци затоа што се покажа како најевтина. Полицајците кои нема да постапат во согласност со ова правило ќе бидат соодветно казнети“, изјави Војвода.

Екипата на Пара вести разговараше со претставник на единицата Бета кој сакаше да остане анонимен.

„Припадниците на Бета беспоштедно и напорно работат на уништување на марихуаната, но не може да постигнеме да уништиме сè. Полицајците постојано се на терен и немаат време да ја испушат целата запленета марихуана. Бараме толеранција и поголема поддршка од МВР. И дисковите од Боб Марли моравме да си ги купиме сами“, рече нашиот соговорник.

За сега, од МВР немаат коментар за идејата на Синдикатот да се формира единица со име „Бонг“, која ќе работи само на уништување на марихуаната.