Врската помеѓу глобалната економска политика и насилството над жените

25.01.2013 16:01
Врската помеѓу глобалната економска политика и насилството над жените

Храбрата и одважна девојка од Делхи, која беше жртва на групно силување, почина на 30 декември 2012 година. Оваа статија е напишана во нејзина чест и во чест на сите други жртви на насилство над жените.

Др. Вандана Шива е физичарка, екофеминистка, философ, активистка и авторка на повеќе од 20 книги и 500 статии. Основач е на Истражувачката Фондација за Наука, Технологија и Екологија, водеше кампањи за биодиверзитет, зачувување и правата на земјоделците, а во 1993 година ја освои и наградата Right Livelihood (алтернативна Нобелова награда).

Насилството над жените е старо колку и патријархатот. Но, тоа се интензивираше и стана сеприсутно во текот на неодамнешното минато. Тоа доби побрутални облици, како смртта на жртвите на групното силување во Делхи и самоубиството на 17 годишната жртва на на силување во Чандигара.

Со годините бројот на случаи на силување и случаите на насилство над жените порасна. Националниот завод за евиденција на кривичните дела (NCRB) во својот извештај од 1990 година наведе 10 068 случаи на силувања, кои пораснаа на 16 496 во 2000 година. Со 24 206 случаи во 2011 година, случаите со силување скокнаа за неверојатни 873% од 1971 година, кога NRCB почна да ги бележи случаите на силување. А Њу Делхи израсна во силувачка престолнина на Индија, затоа што на него отпаѓаат 25% од случаите.

Движењето за запирање на ова насилство мора да биде одржано сè додека правдата не биде задоволена за секоја од нашите ќерки и сестри кои биле силувани.
И додека ја засилуваме нашата борба за правдата на жената, исто така, ние треба да се запрашаме зошто случаите на силување пораснаа за 240% во деведесеттите, кога се воведени новите економски мерки? Ние треба да ги испитаме корените на растечкото насилство над жените.
Дали би можела да постои врска помеѓу растот на насилната, недемократски наметната, неправедна и нечесна економска политика и растот на кривичните дела против жените?
Јас сметам дека постои.

Придонесот на жените

Прво, економскиот модел кој кратковидно се фокусира на „растот“ почнува со насилството над жените така што не го зема предвид нивниот придонес за економијата.
Колку повеќе владата зборува ad nauseam за „инклузивниот раст“ и „финансиската инклузија“, толку повеќе го исклучува придонесот на жените во економијата и општеството. Во согласност со патријархалните економски модели, производството за исхранување се смета за „непроизводство“. Трансформацијата на вредноста во безвредност, работата во не-работа, знаењето во незнаење, е остварена со помош на најмоќниот број кој управува со нашите животи, патријархалниот конструктор на БДП, бруто домашниот производ, кого коментаторите почнаа да го нарекуваат бруто домашен проблем.
Системите на националното сметководство кои се користени за пресметување на растот на БДП се засновани на претпоставката дека доколку производителите го трошат тоа што го произведуваат, тогаш тие воопшто не произведуваат, затоа што излегуваат од границите на производството.

Границите на производството се политичка креација која со своето дејство ги исклучува регенеративните и обновливите производни циклуси од областа на производството. Така сите жени кои произведуваат за своите семејства, деца, заедница или општество, се третираат како „непродуктивни“ и „економски“ неактивни.

Кога економиите се ограничени со пазарите, на економската самодоволност се гледа како на економски недостаток. Обезвреднувањето на работата на жените и работата која се одвива во економиите на Југот, кои се засновани на производство за сопствени потреби, е природен резултат на производствената граница која ја конструираше капиталистичкиот патријархат.

Ограничувајќи се на вредностите на пазарната економија, која е одредена од капиталистичкиот патријархат, производствената граница ја игнорира економската вредност во две витални економии кои се неопходни за еколошкиот и човечкиот опстанок. Тоа се области на економијата на природата и економијата на преживувањето. Во економијата на природата и економијата на преживувањето, економската вредност е мерка за тоа како се штити животот на Земјата и човечкиот живот. Нејзината валута се процесите кои даваат живот, а не парите или пазарната цена.

Второ, моделот на капиталистичкиот патријархат, кој не го зема предвид трудот на жените и нивното создавање на богатството, го продлабочува насилството со скратување на можностите за обезбедување на средства за живот и со оттуѓување од природните ресурси од кои зависат тие средства, нивната земја, нивните шуми, нивните води, нивните семиња и нивниот биодиверзитет. Економските реформи засновани на идејата за безграничниот раст во ограничен свет, можат да се одржуваат само на тој начин на кој моќните ќе им ги одземаат ресурсите на оние што се ранливи. Одземањето на ресурсите кое е суштински важно за „растот“, создава култура на силување, силување на земјата, локалните самодоволни економии, силување на жените. Единствен начин на кој овој „раст“ е „инклузивен“ е неговата инклузија на што поголем број во својот круг на насилство.

Во повеќе наврати ја истакнував блиската поврзаност на силувањето на Земјата и силувањето на жените и метафорично(во обликувањето на погледот на светот) и материјално(во обликувањето на секојдневниот живот на жените. Продлабочувањето на економската ранливост на жените ги прави ранливи на сите облици на насилство, вклучувајќи ги сексуалните напади, а тоа го откривме во низа јавни сослушувања на тема влијанието на економските реформи на жените, кои ги организираше Националната комисија за жените и Истражувачката фондација за наука, технологија и екологија.

Поткопување на демократијата

Трето, економските реформи доведуваат до поткопување на демократијата и приватизација на владите. Економските системи влијаат на политичките системи. Владата зборува за економски реформи како тие да немаат никаква врска со политиката и моќта. Тие зборуваат за тоа како политиката не треба да се меша во економијата, дури и тогаш кога наметнуваат еден економски модел кој е обликуван со политиката на одреден род и класа. Неолибералните реформи работат против демократијата. Тоа го видовме неодамна во владиното инсистирање на „реформите“ кои како FDI ќе го доведат Walmart во малопродажбата.

Реформите со кои управуваат корпорациите доведуваат до спојување на економската и политичката моќ, продлабочувајќи ги нееднаквостите и зголемувајќи го одвојувањето на политичката класа од волјата на народот, што би требало да ја претставуваат. Тоа е во коренот на одвојувањето на политичарите и јавноста, а тоа можевме да го видиме за време на протестите кои се зголемија по силувањата во Делхи.

„Економијата на комерцијализацијата создава култура на комодификација, каде сè има цена и ништо нема вредност“.
Уште полошо, оттуѓената политичка класа се плаши од сопствените граѓани. Тоа ја објаснува зголемената употреба на полицијата во сузбивањето на ненасилните граѓански протести, какви што можевме да видиме во Делхи. Или во тортурата на Сони Сори во Бастара. Или во апсењето на Дајамани Барлае во Џарканда. Или во илјадниците случаи за време на борбата на заедницата против изградбата на нуклеарна електрана во Куданкуламу. Приватизираната корпоративна држава мора брзо да се претвори во полициска држава.

Заради тоа политичарите мораат да се обезбедуваат со сè побројните ВИП обезбедувачи, одвраќајќи ја полицијата од нејзината важна должност во заштитата на жените и обичните граѓани.

Четврто, економскиот модел што го обликуваше капиталистичкиот патријархат се заснова на комерцијализација на сè, вклучувајќи ги и жените. Кога го запревме одржувањето на самитот на Светската Трговска Организација во Сиетл, нашиот слоган гласеше: „Нашиот свет не е за продажба“.

Економските мерки за дерегулација на трговијата, приватизацијата и комерцијализацијата на семињата и храната, земјата и водите, жените и децата, која ја ослободи економската либерализација од ланците, ги деградира општествените вредности, продлабочувајќи го патријархатот и интензивирајќи го насилството над жените.
Растечката култура на силувањето е општествена последица на економските реформи. Ние треба да ја институционализираме општествената ревизија на неолибералните мерки, кои се централен инструмент на патријархатот на нашето време. Доколку постоеше општествена ревизија на корпоратизацијата на нашиот сектор(за производство и дистрибуција) за семиња, воведувањето на нови економски мерки не би натерало 270 000 индиски земјоделци да извршат самоубиство. Доколку постоеше општествена ревизија на корпоратизацијата на нашата храна и земјоделството, немаше секој четврти Индиец да биде гладен, секоја трета жена да биде потхранета и секое второ дете да биде слабо и ситно како последица на тешката ненахранетост. Индија денес не би била Република на Гладта, за која пишуваше др. Утса Патнаик.

Жртвата на групното силување во Делхи беше причинител за социјалната револуција. Мораме да ја одржиме, да ја продлабочиме и да ја прошириме. Мора да бараме и да добиеме брза и ефективна правда за жените. Мора да бараме по брза постапка да се осудат оние кои се одговорни за злосторствата над жените. Мораме да ги промениме законите, за правдата да не биде недостижна за жртвите на сексуалното насилство. Мораме да продолжиме со барањата за правење на црни листи за политичарите со криминални досиеа.

И додека го правиме сето тоа, мораме да ја промениме владеачката парадигма која ни е наметната во името на „растот“ и која го поттикнува зголемувањето на злосторствата над жените. Прекинувањето на насилството над жените подразбира поместување од насилната економија, обликувана од страна на капиталистичкиот патријархат, кон ненасилни, мирољубиви економии кои искажуваат почит кон жените и Земјата.

Извор: http://kontra-punkt.info/

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото