Субрата Рој го купува ДПМНЕ

26.01.2013 12:36
Субрата Рој го купува ДПМНЕ

Скопје, 26 јануари 2013

Во интервју за македонската национална телевизија, индискиот мултимилијардер Субрата Рој најави дека ќе ја купи најголемата македонска политичка партија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Индискиот бизнисмен планира да инвестира во центарот за комуникации на партијата, кој најдоцна до 2015 ќе се претвори во продукција за индиски сериски филмови.

„Бев воодушевен од сценаријата подготвени од овој центар. Поинтересни се од која било приказна од досега снимените серии. Сигурен сум дека филмовите што ќе ги снимиме таму ќе бидат едни од најгледаните во светот“, изјави Рој за Пара вести.

Инвеститорот планира да ја претвори популарната „жолта куќа“ во луксузен затвор за политичари со кој ќе стопанисува тој, а штабовите на партијата во амбуланти во кои бесплатно ќе бидат прегледувани граѓаните истрауматизирани од владеењето на актуелната гарнитура.

Меѓу другото, Рој најави и инвестиции во земјоделството. Имено, зелените површини во сопственост на партијата треба да се претворат во расадници за скулптури и полиња за одгледување хашиш.

„Знам дека второво сè уште не е легално, но разговаравме со премиерот, кој вети дека сите законски регулативи ќе бидат променети така како што ми одговара. Инаку, почвата во Македонија е најповолна за одгледување скулптури. Просто растат на секој чекор“, одушевено изјави индискиот бизнисмен.

Во знак на пријателство, Субрата Рој изјави дека до Милениумскиот крст на Водно планира да изгради 200-метарски споменик на Николај Грубевски и Мајка Тереза, заедно качени на слон.

На прашањето кој од сегашните високи функционери на ДПМНЕ ќе биде вработен во неговите бизниси, Субрата Рој одговори со насмевка, но откри дека еден дел од членовите на партијата ќе бидат вработени во агенцијата за обезбедување „Бандини“, а некои во маркетинг агенцијата „Сапун Шанкар“.