Неутрално за тортурата

28.01.2013 08:54
Неутрално за тортурата

Еве како во своето писмо во дневниот весник LA Times Кетрин Бигалоу го правда начинот на кој во филмот Zero Dark Thirty („30 минути после полноќ“) ги прикажа методите на мачење кои ги користеле владините актери за да го фатат и убијат Осама бин Ладен:

„Ние кои работиме во уметноста знаеме дека прикажувањето не е поддршка. Ако е, ниеден сликар не би можел да наслика нечовечки постапки, ниеден писател не би можел да ги опише и ниеден режиср не би можел да се впушти во контроверзните теми на нашето време“.

Навистина? Не е потребно да се биде моралист или наивен во разговорот за нужноста од борба против терористичките напади, за да се помисли дека мачењето на друго човечко суштество само по себе е нешто разорувачко до таа мера, што и самото прикажување на неутрален начин - поточно, неутрализирањето на таа разорувачка димензија - веќе би билo некаков вид поддршка.

Замислете документарец кој го прикажува Холокаустот на студен, дистанциран начин, како голема индустриско-логистичка операција, која се фокусира на техничките проблеми на потфатот (транспортот, отстранувањето на телата, спречување на паниката меѓу затворениците во редот за гасна комора). Таквиот филм или претставува длабоко неморална фасцинација од темата, или смета токму на бесрамната неутралност на стилот за да предизвика ужас кај публиката. На која страна е Бигалоу?

Без трошка сомнеж, таа е на страната на нормализирање на мачењето. Кога Маја, главната јунакиња на филмот, прв пат присуствува на давање со вода (waterboarding), малку е шокирана, но набрзо ги фаќа конците; подоцна во филмот студено уценува значаен арапски затвореник: „Ако не прозборите, ќе ве предадеме на Израел“. Нејзиниот фанатичен прогон на Бин Ладен помага да ги неутрализира обичните морални дилеми. Значително повеќе ужаснува нејзиниот партнер, младиот брадест агент на ЦИА кој совршено ја владее вештината полека да помине од тортура на дружељубивост, кога конечно ќе ја скрши својата жртва (палејќи му цигара и кажувајќи му вицови). Има нешто длабоко вознемирувачко во тоа како подоцна, од мачител во фармерки се претвора во убаво облечен вашингтонски бирократ. Тоа е потполно јасна и најефикасна нормализација - има малку нелагодност, повеќе поради повредените чувства отколку поради етиката, но работата мора да се заврши. Оваа свест за нарушената сензибилност на мачителот како (главна) човечка цена на тортурата ќе обезбеди филмот да не испадне евтина десничарска пропаганда: прикажана е психолошката сложеност на темата за либералите да можат да уживаат во филмот без чувство на вина. Поради тоа Zero Dark Thirty е полош и од серијата 24, во која Џек Бауер на крајот сепак ќе се скрши.

Дебатата за тоа дали давењето со вода е мачење или не, би требало да престане како очигледна бесмислица: зошто, ако не со предизвикување болка и страв од смртта, давењето со вода би направило тврдокорните терористи да проговорат? Замената на зборот „мачење“ со фразата „проширена техника на испитување“ е продолжение на политички коректната логика: со промената во јазикот бруталното насилство кое го извршува државата станува јавно прифатливо.

Најбесрамната одбрана на филмот е тврдењето дека Бигалоу го одбива евтиното морализирање и трезвено ја претставува стварноста на антитерористичката борба, поставувајќи тешки прашања со што нè наведува да мислиме (освен тоа, некои критичари додаваат, таа го „деконструира“ женското клише - Маја не искажува никаква сентименталност, таа е силна и посветена на својата задача како мажите). Меѓутоа, нема што да се „мисли“ за мачењето. Овде се наметнува паралелата со силувањето: што ако некој филм треба да прикаже брутално силување на ист, неутрален начин, со тврдењето дека треба да се избегне евтиното морализирање и да се промисли сета сложеност на силувањето? Инстинктот ни вели дека тука нешто е морничаво наопаку; би сакал да живеам во општество во кое силувањето просто се смета за неприфатливо, каде што секој кој го заговара се смета за ексцентричен идиот, а не општество во кое е потребно да се дискутира против силувањето. Истото важи и за мачењето: знакот на етички напредок е фактот дека мачењето „догматски“ се отфрла како одвратно, без каква било потреба за расправа.

А што со „реалистичкиот“ аргумент: мачењето отсекогаш постоело, па зарем не е подобро барем јавно да се зборува за него? Токму тоа е проблемот. Ако мачењето се случува отсекогаш, зошто оние на власт сега отворено зборуваат за тоа? Постои само еден одговор: за да го нормализираат, за да ги спуштат нашите етички стандарди.

Мачењето спасува животи? Можеби, но сигурно погубува души - а неговото најбесрамно оправдување е тврдењето дека вистинскиот херој треба да биде подготвен да ја занемари својата душа за да ги спаси животите на своите сограѓани. Нормализирањето на мачењето во Zero Dark Thirty е знак на моралниот вакуум кон кој полека се приближуваме. Ако има какви било сомнежи, обидете се да замислите високобуџетен холивудски филм кој ја претставува тортурата на сличен начин како ZDT пред дваесет години. Незамисливо.

Извор: www.guardian.co.uk