Во случај на опасност

28.01.2013 13:48
Во случај на опасност

По речиси 10 години отсуство од уметничката сцена, визуелната уметница Ен Хамилтон постави многу необична инсталација, во внатрешноста на галеријата Park Avenue Armory, еден од моментално најпопуларните изложбени простори во Њујорк.

Дрвени лулашки висат од челична конструкција којашто лебди 20 метри над подот на салата, а споени се меѓусебно со јажиња и макари. Се спушта огромно бело платно, прицврстено за јаже. Радио приемници во хартиени вреќи се расфрлани по подот без никаков ред. На дрвената, монументална маса седат две лица и читаат, изговарајќи ги запишаните зборови. Им се обраќаат на гулабите сместени во дрвени кафези поставени пред нив. На другиот крај на просторијата, едно лице запишува сè што ќе му падне на памет. Случајните или намерни посетители се вклучуваат во различни улоги – едни се пасивни посматрачи, а други, без многу размислување за смислата и значењето, ѝ се препуштаат на пасторалната атмосфера, лежат под белото платно и го проучуваат неговото прекрасно, свиленикаво бранување; или пак ги запоседнуваат лулашките на кои има место дури и за двајца, или ги разнесуваат радио приемниците, или безгрижно трчаат низ салата. Сигурно се прашувате, што значи сето тоа? Поединечно – ништо посебно, но поврзани во целина, елементите на инсталацијата претставуваат феномен на колективната свест и ја нагласуваат убавината на архитектурата на самата зграда – тоа е барем едно од можните толкувања.

„The Event of a Thread“ („Во случај на опасност“) е насловот на инсталацијата на Хамилтон, којашто претставува комплексна мрежа на елементи и моменти, симболи и значења. Почетна точка на оваа „претстава“ е прифаќањето на повикот за игра. Токму преку елементите на играта авторката настојува да ги повика заспаните спомени од детството. За неа лулањето е симбол на слободата, читањето во придружба на црцорењето на птиците во позадина е симбол на домот, а на двете заедничко им е движењето – движењето низ просторот, низ времето, низ сопствените мисли. Лулањето ги движи јажињата, што пак го брануваат платното, а неговото мелодично треперење ги поттикнува луѓето на понатамошна акција. Со тоа се создава трајно движење, еден вид perpetuum mobile. Додека, од една страна, Хамилтон ги поврзува елементите и настаните во циклус, од друга, меѓусебно ги спротивставува. На тој начин, гласното и наметливо читање им се спротивставува на шепотењето и на скепсата на воодушевувањето, хартијата на пенкалото, поединецот на колективниот организам, заробеништвото на гулабите на нивното ослободување на крајот на секој ден.

Зградата на Park Avenue Armory е изградена во 1861 година, како седиште на седмиот одред на националната гарда, познат и под името Silk Stocking, а била и собиралиште на тогашниот социјален „крем“. Dril Hall, салата во којашто е поставена инсталацијата, е еден од ретките изложбени простори во Њујорк со тие димензии. За да ја нагласи нејзината пространост, Хамилтон го распространи платното, што е средишна точка на целата композиција, речиси долж целата висина на салата. Со сместувањето на инсталацијата во PAA, таа ја нагласува улогата на зградата како културно и социјално жариште низ историјата и денешницата. Инаку, PAA моментално е во процес на реставрација, а за тоа се ангажирани Herzog & de Meuron.

Фотографии: Пол Октавиос

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото