Состојбата на културното наследство 2012-2014

30.01.2013 12:54
Состојбата на културното наследство 2012-2014

Во Културно информативниот центар на 29 јануари, во 12 часот, беше отворена изложбата на фотографии „Состојбата на културното наследство 2012-2014“ на Центарот за културно наследство. Поставката е дел од проектот „Мониторинг на културното наследство, промоција и популаризација на неговиот мултиетнички карактер“ финансиран од Фондацијата Отворено општество, кој има за цел да изврши увид и анализа на состојбата на најзначајните објекти од културното наследство - археолошки локалитети, сакрални споменици (цркви, манастири, џамии), профани споменици - поединечни објекти и целини, градска архитектура и рурални целини / народно градителство, значајни галериски и музејски збирки.

Според претседателот на здружението на граѓани ЦКН, проф. Д-р Донка Барџиева Трајковска, загрижувачка е незаинтересираноста на властите кон културното наследство кое е запоставено.

„Податоците добиени од извршениот увид на 58 поединечни објекти и споменички целини даваат поразителна слика за односот на државата кон нашето културно наследство како од аспект на континуирано следење на неговата состојба, така и од аспект на неадекватен, непрофесионален, немарен, неетички однос на надлежните служби во однос на принципите и стандардите поврзани со конзервација, реставрација и презентација. Обемната фото документација ја илустрира и трајно ја регистрира состојбата на културното наследство во периодот кога во државава најмногу се инвестира во културата’“, вели Барџиева Трајковска.

Изложбата, додава таа, е прва од ваков вид во Македонија и претставува можност за запознавање со високите вредности на културното наследство, од една страна, и (не)грижата за неговата состојба од друга страна.

Преку изложбата ЦКН ги повикува сите граѓани да ја преземат грижата за сопственото културно наследство со конкретна и легитимна граѓанска иницијатива. Изложбата има трајна и историска вредност,како манифестација и настан од посебен карактер кој отвора нова страница во правец на поопштествување на дејноста заштита во граѓанскиот сектор. Мобилноста на изложбата во повеќе градови во државата овозможува актуелизација и насочување на јавноста/граѓаните за примарното значење на наследството како културен идентитет и универзална вредност.

Изложбата ја отвори претседателот на ФООМ, проф. Владимир Милчин, а поставката ќе биде отворена до 1 февруари.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

Општество / Живот / Култура
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Општество / Стрип / Култура
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото