Давење по броеви

31.01.2013 09:33
Давење по броеви

„Давење по броеви“ (Drowning by Numbers) е насловот на филмот на Питер Гринавеј снимен во 1988 година. Во тој филм, судски експерт анализира три убиства во кои три женски ликови со давење ги убиваат своите мажи. Во приказната има и едно девојче кое со скокање одбројува и става ред на броевите од еден до сто. Следењето на филмот се состои од следење на броевите како што се појавуваат и колку опасност следи после тие броеви.

Вакво внимателно следење на броевите е некогаш потребно за вистински да се разберат работите во некоја земја. Тоа е чинам случај за многу нешта и во Македонија. Секако дека нашиот најзначаен број ова недела е „гордо“ освоеното второ место во светската листа на невработеност на младите, но има и други бројки на кои треба да им придадеме важност.

Една од тие бројки, која веќе подолго време се појавува во кредибилни анкети и анализи, е и бројката на Албанци од Македонија, кои и минимално учествуваат во политичкиот живот во Македонија. Велам минимално, зашто овие бројки од 30 – 40 отсто се однесуваат на тие кои го исполнуваат минималното на политичката претставеност: гласање на избори. Секако дека следењето на овој број е пред сè албанска работа и проблем. Тоа поради фактот дека со ваква мала политичка претставеност на Албанците во Македонија и со надолниот тренд на истата, неповратно се загрозува нивната политичката тежина, присуство и целиот историски политички процес во Македонија. Нешто што веќе почна да предизвикува и регионален интерес, од страна на сите Албанци во регионот, кои, полека но јасно, почнуваат да се прашуваат дали и колку е воопшто легитимно и сликањето на некои луѓе и партии како преставници на Албанците од Македонија?

Но, овој број е исто опасен за Македонија во целост. Посебно кога на овој број ќе се додаде бројот на оние македонски граѓани кои трајно се иселуваат или на тие кои се одлучуваат да земат бугарско државјанство и, начелно, воопшто не се заинтересирани за политичкиот живот во Македонија. Тоа е така заради егзактноста на бројките кои не се еднострани па да важи како во онаа балканската: додека на едниот не му се стемни, на другиот нема да му се раздени! Туку ова се бројки кои се одразуваат во целовитост. Тоа во случајот на Македонија е заради фактот дека владите доаѓаат и си одат, но нивната легитимна претставеност е секогаш под половина. Тоа после се одразува на ефикасноста на истите кои потоа со толку мала застапеност не можат да спроведат ни реформи ни закони. Тоа и се случува и на ова влада во заминување, која еве сега е сведена на тоа дали некој Кољо Дијамант од Индија ќе раскажува индиски серии за шепотењето на Мајка Тереза. Или уште пострашно, да биде пречекана во влечки, како што катарскиот принц го пречека Иванов!

Точните бројки во Македонија нема во скоро време да се дознаат, затоа што, исто како во филмот на Гринавеј, каде девојчето кое одбројува умира пред да заврши филмот, и со тоа им се отежнува разбирањето на филмот на гледачите, исто така во Македонија не се одржа пописот на населението и нема најава дека ќе се одржи и годинава. Сѐ дотогаш ни останува внимателно да ги проследиме бројките, како и каде се појавуваат, за некако да го разбереме ова политичко давење кое ни се случува.

И на крај само кратко околу едно објаснување дека сето ова, македонска опозиција надвор, чудна конструктивност дури и на албански опозициони партии, е всушност здружена акција за именување на нашата држава. Заради фактот дека името на државата се проблематизираше долго време и се поврза дури и со идентитетски прашања, јас ќе бидам доследен на политички некоректниот, но човечки најкоректниот албански политички став, за невмешување во прашањето за името.

Сепак, ќе пренесам една турска анегдота за работници, наемници, во далечната Анадолија. Таму младите момчиња ги испраќале од планински села во град за да работат. Едниот, малку приглуп, дознал дека таму се спие во колективни спални, и исплашен, се консултира со мајка му: што ќе правам ако се изгубам кога ќе се разбудам. Како ќе знам дека јас сум јас?! Мајката, заради ефикасноста на економскиот-политички поход, исто како албанските партии кои понекогаш нудат брзи и еднократни решенија, му врзува една врвца на прстот на ногата на својот син и така го испраќа за во град, на печалба. Кога ќе се разбудиш ќе ја видиш врвцата и ќе знаеш дека ти си ти! Арно ама при првото ноќевање еден од групата ја забележал врвцата и решил да си поигра. Кога нашиот јунак заспал, овој му ја одврзал врвцата од неговиот прст и си ја врзал себеси си на ножниот прст. Кога јунакот станал, прво на што погледнал откако ги отворил очите, секако, била врвцата. Видно вознемирен, погледнал наоколу и ја забележал кај другиот. Отишол кај него, го разбудил и најучтиво му се обратил: јас знам кој си ти, те молам кажи ми кој сум сега јас?

Слики: Kurt Riemersma