1014 hPa
73 %
18 °C
Скопје - Сре, 19.08.2026 04:07

Подавајќи ги рацете надвор од креветот, Плим беше изненаден дека не го допре ѕидот. „Види, помисли тој, сигурно ми го изеле мравките...“ и одново си заспа.
Малку подоцна неговата жена го фати и го затресе: „Види, рече таа, безделнику еден! Додека ти си се занимавал со спиење, нам ни ја украле куќата“. Навистина, чистото небо се простираше на сите страни. „Што да правиме, тоа е завршена работа“, помисли тој.
Малку подоцна се зачу некаков шум. Тоа беше воз кој доаѓаше кон нив со полна брзина. „Според неговиот забрзан изглед, помисли тој, тој секако ќе стаса пред нас“, и одново си заспа.
Потоа го разбуди студот. Беше сиот испрскан со крв. Неколку парчиња од жена му лежеа во негова близина. „Со крвта, помисли тој, се појавуваат секогаш многубројни непријатности; кога би можело возот да не е поминат, јас би бил многу среќен. Но, бидејќи тој веќе поминал...“ и тој одново си заспа.
„Да видиме, зборуваше судијата, како вие го објаснувате тоа дека вашата жена е најдена распарчена на осум делови, а вие, макар што сте биле покрај неа, не сте направиле ни најмало движење за да го спречите тоа, дури не сте го ни забележале. Ете ја тајната. Тука се крие клучот.“
„На тој пат јас не можам да ви помогнам“, помисли Плим и одново си заспа.
„Извршувањето на казната ќе биде утре. Обвинет, имате ли нешто да додадете?“
„Извинете, рече тој, не ја следев работата“. И тој одново си заспа.
Превод: Влада Урошевиќ
Слика: Анри Мишо