Македонија на второ место по слобода на медиумите

31.01.2013 11:34
Македонија на второ место по слобода на медиумите

Македонија годинава забележа раст од 94 позиции и се наоѓа на второто место по слободата на медиумите, веднаш зад Северна Кореја, стои во извештајот на организацијата Репортери без обѕир, од каде што даваат осврт за целокупната медиумска состојба во светот.

Напредокот пред сè се должи на напорите на владата и нејзините акции за ослободување на медиумите преку владините рекламни кампањи со спотови и банери. Како посебно добар од страна на Репортери без обѕир е оценет ефектот на кампањата „Ослободи се (од слободата)“.

Сепак, и покрај огромниот напредок, премиерот не го криеше незадоволството од тоа што Македонија е второпласирана.

„Не велам дека нема никаков напредок, но секое место освен првото претставува неуспех. Ова е доказ дека треба да ги засилиме ослободувачките акции. Владата нема намера да се меша во уредувачката политика на медиумите, освен во случаите кога може да влијае таа да стане послободољубива“, изјави премиерот Николај Грубевски, додавајќи дека ако треба, слободата на медиумите ќе ја чува и со специјалци.

Од ЗСНМ (Здружение на слободни новинари на Македонија) велат дека се расположени за секаков вид соработка со владата и најавија организирање на собир на кој уредниците на медиумите и претставниците на власта заедно ќе работат на усогласување на уредувачката политика по современите слободарско-маркетиншки принципи.