Има ли љубители на боза меѓу новинарите?

02.02.2013 10:00
Има ли љубители на боза меѓу новинарите?

Скопје, 2 февруари 2013

По неколку обиди, повторно се најавува средба на која поголема група граѓани треба да се соберат во слаткарница и заедно да пијат боза. Македонија е демократска земја, Скопје е либерален град и се очекува настанот да помине мирно и незабележливо.

Во кампањата за овој настан се истакнуваат неколку македонски новинари, кои за многумина тврдат дека се бозофоби, само затоа што не пијат боза, туку лимонада. Во тие настапи, таквите новинари забележително имаат отпор кон колегите и колешките кои употребуваат говор на омраза и повикуваат на насилство.

Инспирирани од весникот Глечер, ги повикуваме читателите да ни посочат имиња на новинари-љубители на боза кај кои забележале вакви појави.

Ние, за почеток, ги посочуваме главниот уредник на Еклер, Благоја Слаткарски, уредникот на Локум, Трско Шеќероски и неговиот колега Шербетко Десертџиевски.

Освен новинарите-љубители на боза, редакцијата на Пара вести ги повикува читателите да учествуваат во составувањето на следните листи: новинари-фанови на Манчестер Јунајтед, новинари чии баби везеле гоблени, новинари кои во младоста слушале рокенрол, новинари кои повеќе сакаат шах отколку табла, новинари што пееле под туш, новинари што поминуваат исклучиво на пешачки премин, новинари што не мезат кога пијат ракија...

Вашите предлози може да ни ги испраќате на адресата: lista_tapet@paravesti.mk , а за објавувањето ќе ве информираме дополнително.