Скопје: архипорнографија

02.02.2013 13:29
Скопје: архипорнографија

По целовечерниот десетчасовен пат до Скопје и прославата на Нова година во возот кој во тој момент беше во Велика Плана, околу 7 часот наутро на 1 јануари 2013 година возот здивна и нè остави на железничката станица.

Мамурни и замајани, тргнавме да го бараме нашиот хостел и по дваесетминутно одење сфативме дека одиме во погрешна насока. Се вративме до железничката станица и се проврткавме малку, па го најдовме хостелот. Меѓутоа, проблемот беше тоа што не можевме веднаш да влеземе зашто немаше место, а резервацијата ни важеше дури од пладне, па ги оставивме работите во предворјето и тргнавме во прошетка.

Брзо стигнавме на брегот на Вардар, па покрај брегот стигнавме до сувиот центар. Уште при излегувањето на реката видовме дигалки и скелиња во далечината, но како што се приближувавме до истите, така почна да нè фаќа смеа, неверување, смеа, неверување - што кулминираше со т.н. трансфер на бламот.

Одиме по ред.

Вашиот раскажувач вешт во писателство, аорист и боемија не знае како да го опише она што го видовме тоа утро. Не сакам да да го употребам зборот на кој сељаците се палат - ултимативно, ама после тоа мислам дека нема понатаму.

За неупатените, Македонија, т.е. тамошната актуелна власт го започна проектот „Скопје 2014“ чија официјална идеја е да го реконструира градот и да го облагороди духовно и културно, а и историски. Тоа е проект кој всушност се обидува да ги дефинира Македонија, Скопје и Македонците сè во духот на балканското лудило и новоформираните нации. Така, Македонците всушност се антички народ со богата култура и историја. Не сакам да кажам дека Македонците немаат култура, ама малку е претерано да се каже дека достигнува до антинката. Додуша, и Србите се најстар народ.

Всушност, целиот проект е пикање прст во око на Грците. Некои нации можат да си го дозволат тоа, но Македонците сигурно не, зашто како и сите останати на Балканот немаат пари и оружје за тоа. За да биде бизарноста поголема, цената на овој „проект“ е половина милијарда евра и веројатно расте според понатамошните мермерни аптетити на оние што ги бира народот. Оние крстови што од непозната причина се градат и во Србија, заедно со споменциите на Роки, Марли, Брус Ли и останатите, да се спојат во едно, не можат да изгледаат вака смешно како ова во Скопје.

Во српски услови комплетната приказна изгледа како кога историјата која ја измислува Јован Деретиќ би станала официјална историја и политика, иако гледајќи што четвртписмената тинејџерска багра поставува на Фејсбук, мислам дека не сме далеку од тоа.

Проектот „Скопје 2014“ всушност и беше цел на нашето патување, зашто тој мора да се види за да се поверува во него. Ова е туристичка атракција која е толку бесмислена што е презабавна. А кутрото Скопје (кое има микроклима) како да им пркоси на боговите по земјотресот и вика „имаме ние уште арматура аутокадови“.

Меѓутоа, еве што за архитектурата на Скопје вели Хаџи Јован, архитект, асистент, докторант и наскоро Џа професор:

„Скопје ја имаше таа несреќа во 1963 година да го погоди сериозен земјотрес. Во таа несреќа се урнати речиси сите згради во центарот на градот. Бидејќи животот некому е мајка е некому маќеа, на земјотресот му се израдуваа колегите архитекти. Добија ледина полна со шут и задача да изградат нов центар на градот. Идеална задача. Објавен е голем меѓународен конкурс на кој Јапонецот Кензо Танге, познатиот архитект, смисли центар во „модерен современ дух“. Проблемот е што во шеесеттите во мода беше брутализмот - стил на мегаломанија, обожување на сивиот голем и моќен бетон. Така Скопје е закитено со првата низа бизарни згради. Железничката станица е надвозник преку половина град, кој стои на шума четирикатни сиво-црни бетонски столбови. Рај за наркомани, матни ликови и неслужбен генератор на микро клима која не им дава на облаците да заминат од градот.

А потоа тука е зградата на радио-телевизијата и Универзитетот покрај кој Генекс или ВМА изгледаат како недоносчиња. Бојата - сива, материјалот - бетон. Околу центарот се поставени (за промена) црвено-бели шесткатници кои образуваат прстен околу центарот симболизирајќи бедеми. Какви? Прашајте го рахметли авторот па јавете ми, живо ме интересира.

Вториот бран архитектонски будалаштини уследи во осумдесеттите. Тогаш е изградена Соборната црква - квази модерен православен храм со големи димензии, а со сомнителна симболика и естетика. Како џамија со крст и тоа од поголемите. Познавајќи ги демографските и политичките прилики, можеби и мултифункционалноста била цел.

Целиот ансамбл облагороден со антика изгледа како Дизниленд. Апсолутен бучкуруш, преплет на сè што може да се помеша, а и се помеша. Комбинациите видени во тој магиски град ги надминуваат сите очекувања, иако ги знаев сите објекти кои се градат и кои се изградени. Бидејќи и на творците на „Скопје 2014“ какофонијата им беше преголема, отидоа чекор понатаму. Не само што се градат нови „антички“ згради и шуми од споменици, туку се антиквизираат и постоечките објекти од центарот на градот. Имате четирикатници од шеесеттите со стари прозорци и уништени ролетни на кои се додадени антички столбови, венци, фризови, балустради, тимпанони. Нормално дека пропорциите на повоениот социјал реализам не одговараат на античкиот, но на авторите тоа им е помалку важно. Ако не е складно, нека е во мермер. Во бел!

Да не кудам баш сè. Единствен настан во последните 1500 години беше да се стои на градилиштето на коринтскиот објект. Знам дека е смешно, но човек го фаќа некакво посебно чувство. Можеби трансфер на бламот? Она (бидејќи град е пресилен и непрецизен збор за тоа) е идеален полигон за учење на елементите на класичната грчка и римска архитектура. Употребени се сите. Дури и оние кои не постоеле во тоа време. Кога човек гледа римски и грчки оригинали го чувствува складот на тие објекти. Овде изгледа или дека се превисоки, или столбовите се прегусти или преретки и тука дефинитивно нешто фали или е вишок. Дури и лаикот забележува дека тука нешто не е во винкла!

Но, Скопје е трусно подрачје. Во секоја смисла...“

Сето ова го рече Јован во посебен документ кој го внесов овде. А сега вашиот омилен раскажувач продолжува понатаму да ги изложува мислите.

Да се вратиме на прошетката по брегот на Вардар.

Старо Скопје - почеток

Треба да се напоменат две работи. Прво, нашиот хостел се наоѓаше во „сувиот центар“ за кој Маринкова Бара е Дедиње. Тоа се куќарки кои само што не се урнале, многу од нив се немалтерисани, некаде ѕидовите се потпрени на даски за буквално да не се срушат. Второ, брегот на реката е поуреден во Бродарево, барем додека не се дојде до монументалните архитектонски зафати. Инаку, единствено тој дел го преживеал катастрофалниот земјотрес во 1963 година и во принцип не би излгедал лошо, зашто зградите се стари и некои се и убави, ако барем 3% од она што е вложено во Букефал стигнело овде за обнова на фасадите и малтерисување на ѕидовите.

Не можам точно да се сетам која е предвидената намена на секоја од зградите, ниту го сакам тоа, иако со неколку кликови тоа може да се провери на интернет. Посебно, а и како целина, зградите изгледаат натрупани и насилнички забодени меѓу ништавилото. На речиси сите згради можете да видите јонски, дорски и коринтски столбови, со римски куполи.

Шокот и неверицата не ни даваа да дојдеме до здив. Толку, што едноставно не можевме да запамтиме што е што. Нема крај на бизарностите, иако го видовме „Мостот на уметноста“ кој преку Вардар влегува директно во зграда! На мостот сè уметници, начичкани еден до друг, што кога целиот „проект“ ќе заврши и ќе почнат да се превртуваат во гробот, на Скопје ќе му се закани уште еден земјотрес. Нормално, на мостот т.е. на самиот негов влез кој уште не е отворен за народот, се наоѓа и споменикот на Тоше Проески кој држи микрофон. Кога се гледа бројот на уметници, ќе помислиме дека сме во Италија, зашто сè вреска од опери и оперети, класика и возвишеност.

Самиот брег на Вардар е тема за психолози но еве во кратки црти - (не оваа црта, туку се продолжува реченицата) таму има палми! Да, засадени палми на брегот! Исто така среде реката стојат три кутии од метал. Во секоја е посадено дрво и на секоја има натпис од еден збор: љубов, верба, надеж. Не можевме да ги сокриеме солзите и смеата кога видовме две работи кај мостот на скулптурата: едната е капачка која е во поза како да скока во водата, а на другата само нозете и’ се покажуваат од реката, значи, капачката константно се нурнува во Вардар!

Кога мудриот раскажувач, а тоа сум јас, веќе го спомна Букефал, еве ја приказната која е индиректно поврзана со него, зашто тука е главнот Александар Велики или Македонски - како ви е драго, кој го јава верниот. Но, еве ја понатамошната приказна.

По неверицата предизвикана од архитектурата, се приближуваме до главниот градски плоштад. Пред нас е мостот кој спојува две Скопја - македонското и албанско - турското. На тој мост Царот Душан ја прогласил Србија за царство и со тоа многу се усреќил (зашто великашите, проклети да им се душите, на парчиња го распарчија и направија шопинг-молови). Лево го гледаме споменикот на гемиџиите, додека преку мостот десно (онаа немакедонска страна) откриваме како нешто ѕирка зад зградата. Колку повеќе се приближуваме, сфаќаме дека тоа е тупаница, па гледаме и глава, а потоа и нож. „Филип Македонски, да не ти се верува!“, рече некој.

Да, тоа е Филип Македонски во еден дел од градот кој крева тупаница и така го поздравува синот Александар, го бакнува мајка Олимпија во рошавото лице!

Кога го видовме огромниот Александар на коњот Букефал, тука веќе не можевме да се воздржиме и почнавме гласно да се смееме. Толку гласно што неколку чистачи, кои го чистеа градот од синоќешната прослава на Нова година, се свртеа и нè гледаа чудно. Коментарите кои ги кажавме тешко можат да се прераскажат, дури не можат ни да се замислат. Да биде работата покомплексна: под Александар, т.е. Букефал и постаментот се наоѓаат комплетно опремени антички командоси - антички македонски војници, а околу нив лавови кои со отворени усти рикаат кон посетителите, но вториот ред лавови е свртен и кон војниците и рика на нив. Споменатата комплексност добива доза на симпатија кога на една разгледница видовме дека тоа е всушност фонтана која од разбирливи причини не работеше и прскалките беа покриени со церада.

Тука е и споменикот на Јустинијан Први, кој нема никаква врска со Македонија, освен што во тоа време оваа територија и’ припаѓала на Византија. (Овде направив грешка - Јустинијан е роден на територијата на денешна Македонија во село Таор, што повторно не ја менува поентата на приказната, му благодариме на безимениот коментатор на забелешката. Исто така, авторот на Википедија како и јас му го згрешил родното место со Царичин град - Јустинијана Прима). Го кодифицирал римското право, но и ги укинал сите антички филозофски школи, вклучувајќи ја и Платоновата. Не треба да се ситничари, туку да се хиперпродуцираат споменици, така што насприти него од другата страна на плоштадот стои споменикот на бугарскиот Цар Самоил.

Понатаму, околната зграда градена во типичен соцреалистички стил на Карабурма или Јерковиќ еден (идеја споменик Јерковиќ Први во Скопје) сега имаат нови фасади кои потсетуваат на париските. За тоа горе пишуваше Хаџи Јован.

Низ улицата ќе наидете на куќата на Мајка Тереза, која единствена од сите има врска со Македонија, зашто е родена тука, т.е. во Скопје.

Не стигнавме да истражиме дали тоа навистина е куќата во која е родена, но нека биде и меморијална куќа или музеј. Што и да е - прегрдо е. Предната страна така-така, ама страната која не е кон улицата е жали боже. Од покривот ѕирка некаква топка, т.е. додекаедар (му благодариме на Хаџи Јован за појаснувањето) што му доаѓа како сфера во жичен модел каде што се гледаат полигоните. Од левата страна на покривот има крст.

Зад куќата се наоѓа филхармонијата која изгледа како секоја доцносоцијалистичка зграда во Нов Белград, но тука еден детаљ ни падна во очи: песна. Некој уметник-поет напишал на истата хартија т.е. плакат песна посветена на Мајка Тереза и Тоше проески, веројатно обидувајќи се да ги стави на исто ниво (злите јазици би рекле дека неколку години двајцата се на исто ниво).

Сега ви е јасно зошто низ целиот текст се провлекува зборот: бизарно.

Немојте да губите од вид дека е утро, први јануари и студено е. Џабе долги гаќи: нема шанси да се згрееме и се враќаме по истиот пат со идеја да отидеме во делот од градот каде ни рекоа да не одиме зашто „вадат бубрези, очи, набиваат на колец“, значи во албанскиот дел.

Додека се приближувавме до мостот со благо свртување на десната страна зад огромниот Александар на држач за свадбена торта ја видовме Триумфалната порта. За тоа подоцна.

Го преминуваме мостот. Од десната страна е античкото градилиште и гигантскиот Филип Македонски, но веднаш покрај него се Св. Климент и Св. Наум, како и Св. Кирил и Св. Методиј. Меѓутоа, овој дел, Бит-пазар, има некој шмек. Иако ништо не работеше и речиси сè пишуваше на јазикот на „оние другите“, прошетката исклучително ни годеше, иако е студено и вашиот раскажувач вешт во сè освен во кунг фу се прашува: Како оние вардарски палми опстануваат во ваква зима?

Веќе е околу десет часот наутро, улиците и понатаму се призрачно-празнично празни, но наидуваме на некоја кафеџилница која штотуку се отворила и влегуваме. Среќа што вашиот раскажувач кој сериозно размислува да се запише на часови по кунг-фу за да биде вешт баш во сè, виде кварцна греалка која не може да се опише дигитално. Греалката не можеше да нè згрее сите, но се обидувавме. Сепак, овде „вечно сонце сјае“.

Не поминавме ни три часа во Скопје, а веќе впечатоците се нижат. Така, седиме во кафеана, нарачуваме кафе и зборуваме српски. Симпатичниот газда Албанец нè послужи со хрватско Франк кафе, додека зад него стои српска вода Роса во шишенце. Благодарение на локалглобализацијата или попрво на ЦЕФТА, не се чувствуваме далеку од дома.

Тука е уште еден гостин, колега по националност, кој прашува од каде сме. Како што веќе кажав во Три новогодишни приказни: Нови Сад, Зрењанин, Сента, Пазова и којзнае од каде.

„Тито“, рече тој, а ние сега не знаеме како да реагираме, но по автоматизам до сега научивме дека секој постар од 45 години, а сиромашен во џебот, го става во позитивен контекст, па само потврдувавме дека е „супер, милина, закон“ итн. Видно одушевен, не очекувајќи гости баш од тој дел на Србија, излезе посакувајќи ни среќна Нова година, а и ние нему.

Тука газдата кој послабо зборуваше српски, почна да раскажува, но го разбравме дека парафразираше во „некогаш беше супер“. Го прашавме директно: „Како ви се чинат овие споменици и градби?“, а тој помалку директно ни одговори во манир: „Сè е тоа океј, ама народот нема леб да јаде, а тие градат зградишта“, рече гледајќи малку во нас, а малку во подот.

По греењето и муабетот од еден час, плативме 15 пијачки (чаеви+кафе) со 10 евра (пресметајте ја цената на една питка единица) и тргнавме да јадеме нешто. Нормално, во истиот дел од градот.

Дојдовме до пазарот кој штотуку се отвори. На влезот се виори албанско знаме, а ние влеговме во првата кафеана и седнавме. Менито е на албански, а бидејќи сите сме запознаени со албанската варијанта на латиницата која е слична на турската, не беше проблем да нарачаме. Дури подоцна, кога видоа дека не сме баш лингвистички и етнички блиски, со извинување, ни дадоа мени на македонски. Сеедно, нарачавме и јадевме - не беше лошо, или бевме гладни. Во разговорот со газдата дознавме дека сестра му држи слаткарница во Сремска Митровица и дека често оди таму.

Топлиот оброк може да те протера, но мојата специфичност е во тоа што јас ќе ја признаам оваа нужна природна појава, додека другите мудро ќе молчат и ќе прават сетилни гримаси „туку така“. Откако помина дебелото пладне, тргнавме пешки полека до хостелот во кој ни беа работите.

Меѓутоа, овој текст процесор ја бележи петтата страница од писанието. Време е овде да се пресече и да прочитате во последното продолжение што уште ни се случи во Скопје. Бизарноста продолжува.

Извор: neblog.bjuti.info

ОкоБоли главаВицФото