Донатор не може да избира место за споменик

04.02.2013 09:41
Донатор не може да избира место за споменик

-Дали сè може да помине под етикетата донација и да добие предност и пред законската процедура и пред естетиката на јавниот простор, особено ако се има предвид дека веќе имаме и спомен-куќа на Мајка Тереза?

 
-Како тоа не сме се запрашале зошто споменик на Мајка Тереза висок 32 метра Субрата Рој не донирал и изградил во неговата татковина Индија, каде што - сите знаеме - Мајка Тереза го помина животот и каде што го круниса нејзиното дело? Или, зошто таков нема во Рим, да не речам во Ватикан, каде што е седиштето на Католичката црква, чијшто офицер беше Мајка Тереза? Такво нешто е можно во цивилизациската периферија и во самракот на цивилните вредности во коишто кај нас се веќе заматени и контурите на она што во светот се смета за можно и нормално; така што естетското, урбано-амбиенталното, но, уште повеќе - јавното, кај нас не само што нема предност пред парите и моќта, туку не се ни спомнува. Донација во уредување на јавен простор или во подигнување споменик или монумент во Македонија е можна, според законот, само ако Собранието донело одлука за тоа. Донацијата може да се реализира само ако е уплатена на сметка на Собранието за реализација на проект, кој претходно веќе ги поминал сите законски и стручни нивои на реализација. Тоа значи дека не само донацијата, туку и идејата за споменикот на Мајка Тереза „родена" на кафе-муабет помеѓу двајца газди (едниот на капитал, другиот на приватна држава) кои - како што слушнавме од нив лично - многу се сакаат, е потполно вон законот, во зоната на државниот еротски кич-криминал. 


-Дали е ова преседан по кој од утре секој милијардер, кој ќе брцне подлабоко во џебот, ќе може да си капариса место на плоштадот за споменик по своја желба?


- Трагедијата е во тоа што оваа „донација" не е првата која го „уредува" центарот на македонската престолнина: сите споменици од тн. „Скопје 2014" се „донација" на нашиот домашен буџетски милијардер Груевски, кој спомениците му ги „подарува" на народот македонски, од чиишто џепови ги украл и парите за подарокот. Значи, појавата на Субрата Рој во Скопје не е случајна: тој доаѓа во земја во која таков вид криминална фриволност веќе се практикува, во земја каде премиерот со народните пари се однесува исто толку каприциозно - како да му се наследство - како што веројатно тоа традиционално гоправеле индиските махараџи.


- Како е уредено ова во земјите со (по)висока култура на јавниот простор?

 
- Вистинскиот проблем не е, за жал, во тоа што кај нас материјата не е уредена (па треба да бараме странски примери), туку обратно, проблемот е во тоа што оваа материја е уредена со закон и кај нас, но државата, односно државните органи, не ја почитуваат, или поточно, арогантно ја кршат легислативата. И кај нас донаторот не може (и не смее!) да влијае на јавните и уставните аспекти на проектот во кој се донира. Особено ако се работи за простори од јавен карактер чијашто важност со зборови не може да се презголеми. Меѓутоа, ние веќе навикнавме на државниот криминал и деспотското владеење на премиерот Груевски, па оваа негова нова скулпторално-архитектонска креација, завиткана во кичерско-плачливиот шарм на Субрата Рој, ни доаѓа како уште една епизода во сапуницата на нашето цивилизациско пропаѓање.

 

Извор: Катарина Блажевска во „Граѓански", 02.02.13.

Слика: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став / Култура
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото