Змијско јајце

04.02.2013 12:44
Змијско јајце

Оттаму, мисли на него како на змијско јаjце/
што, кога се скрши, поради неговата нарав,
од него може да излезе само зло/
и затоа убиј го во лушпата. (Шекспир)

Од телевизискиот екран истече нешто лигаво, потоа, во ерупција на ектоплазма, како од скршена алхемичарска реторта, се појави Големиот Мајстор и Црн Рицар на Преродбата (во сто чекори), и со маченички израз на бледото лице, сосем спокојно, како што доликува на Воин и Свештеник на култот на Нацијата, проговори и нè просветли!

Такви длабоки нешта, ние, кои не сме ги минале ритуалите на јавно понижување, на доброволно спуштање на гаќите и јавно продавање на својот задник „за доброто на овој народ“, ние кои не сме го жртвувале своето достоинство на Жртвеникот на Власта и не сме минале низ Институциите на системот како гладни уметници тропајќи со лажица во празното тенџере обесено на вратот… и сите тие нешта кои се неопходни да се стане член на Македонскиот Окултен Ред за Обнова на Нацијата (скратено: МОРОН), ние не сме способни наполно да ги разбереме. Сепак, ние конечно бевме удостоени со милоста, барем за миг, да биде осветлена темнината на нашето незнаење. Мокри од ектоплазмата што тече по нашите лица и облека, ние, восхитени, конечно разбравме дека зад Проектот СК014 се крие „мистичен урбанистичко-архитектонски план кој треба да овозможи енергетска основа за духовна преобразба на нашата нација“!

За да се оствари таа возвишена цел, длабоко свесни дека се Предвремени Гласници на Тоа што доаѓа, дека нивниот Глас е Лавовски рев во пустина и дека е прерано за да биде разбрана нивната несебична жртва, нашиве Рицари од тркалезната маса на Вечниот Вевелсбург и Свештеници кои го одржуваат огнот на олтарот на Нацијата се подготвени да излезат од сенката и да се покажат јавно изложувајќи се на невидени опасности. Но, што значат, впрочем, нивните мали мизерни животи кога сме соочени со Историјата и со Вечноста.

За да се препороди Нацијата тие се подготвени да поднесат сè, достоинствено и спокојно, како вистински Мудреци кои се симнале од Врвот на планината за да ни ја кажат Вистината. Од нив зрачи мистична светлина како од лампион со кинески знаци што се ниша на ветрот во оваа мрачна ноќ на нашето опстојување под ѕвездите. Постојани и непоколебливи, поседници на моќи и тајни знаења коишто им овозможуваат увид во „помнењето на родот“, тие, како вистински Учители, нè поучуваат и нè прекоруваат со тивок глас. Ние можеме да ги навредуваме, да им велиме „да не се прават удрени“, да им кажеме во очи дека се „пациенти“, дека се „полтрони“ и „профитери“, дека се „платени режимски слуги“ и „интелектуални проститутки“, дека се „тотално луди“… но тие трпеливо ќе нè сослушаат и благо ќе нè погледнат во очи, ќе ја стават својата врела дланка врз нашата и ќе почнат да мрморат молитви и да бајат против мрачните сили на комунизмот и на болшевизмот (скришно туткајќи ги во џебот тешко заработените „шушки“ кои им ги лепат на челото како на кафеански музичари и панаѓурски јасновидци).

И ќе нè сожалуваат зашто ние „не разбираме ништо“. Нивната тага е толку голема што можете да видите како во окото им трепери солза за нас кои живееме во темнина заведени од „лагите на умот“, од „злото на знаењето“, од „корумпираната цивилизација“, од „ветувањата на рационализмот и на модернизмот“, од „курвата Европа“...

Во полза на Големото Дело на Мистична Преобразба и Спас на Нацијата тие се подготвени да ги поднесат сите можни жртви. Тие ги изложуваат своите кревки земни тела на „негативни енергии“, на „зли јазици“ и на „молњи на омраза“ што светкаат над нивните просветлени глави како противавионските гранати на ноќното небо над Багдад.

Иако „нападнати од батаљони мразачи (хејтери)“, тие опстојуваат и нека, „нека фрлаат тие со молњи, нека ја трошат енергијата“. Ние, просветлените „ќе им ја земеме енергијата и ќе ја претвориме во нешто добро“. Секако, тие не мислат на добро за себе (тие никогаш не мислат на себе), туку на доброто на Нацијата поради која и ја војуваат оваа титанска битка. Ова пренасочување на негативната енергија е една од тајните магиски вештини (покрај вештините за контрола на умот и некромантското повикување на мртвите воини) со коишто се штити Нацијата од непријателите.

Да се побуните против Власта е исто како да се побуните против Вечниот поредок на нештата и Вселенскиот Закон. Власта е од Свевишниот! Водачот е избран! Тој е Оној кого го чекавме! Тој е наш Спасител кој ќе нè избави од Дивите хорди на Гог и Магог, од Светскиот заговор, од Баукот на комунизмот, од Канџите на Албанскиот Орел, од нас самите…

Еден, пак, друг Рицар од Редот на Големите Подлизурковци јавно нè подучува дека ние (кои не сме просветлени) не можеме да ја разбереме таа неопходност од „издигање на либидото на овој народ“. Не е важно дури и ако тие градби и тие споменици се грди и бескорисни; не е важно ако сето тоа е кич и архитектонски смет, ако спомениците се за потсмев, ако скулптурите се карикатури и гротески; не е важно и ако се потрошени стопати или илјадапати повеќе пари одошто тие вредат... важни се само „Мистичната Основа и Тајниот План на тие градби“. Како не можете да разберете: „Ова е Програма за Мистична преобразба на Нацијата“!

***

Постои само еден период од историјата на светот кога вакви нешта биле можни. Затоа се напишани купишта книги. За да не се повтори тоа зло.

Кога денес, одново, јавни личности се занимаваат со политичко баење и фрлање клетви врз политичките противници и како јасновидци (од видот на Милан Чаробњак или оние, помрачни, како Ерик Јан Ханусен), зјапајќи во вас од телевизиските екрани со ококорени очи и показалци на слепоочниците, „ви ги читаат мислите“, „ја предвидуваат иднината“, „кршат магии“, „повикуваат духови на предци“ или „бркаат зли дуси од запоседнатите згради“... тогаш треба да знаете дека доаѓаат зли времиња.

Кога јавно се говори дека со вас владее „Владетел со своите велможи“ и дека „народот со солзи во очите го дочекал“, дека „народот е пресреќен“, дека „народот е во екстаза пред спомениците и градбите на Владетелот“ (кој е „како студент по историја на уметност“, што непријатно потсетува на еден друг „пропаднат студент по ликовна уменост“), треба да знаете дека доаѓаат зли времиња (и тоа, не поради историскиот пораз на комунизмот и модернизмот, туку поради победата на фашизмот и кичот).

Кога ќе слушнете дека сите кои се против власта се „комунисти“, „болшевици“, „обезвластена банда“ (некаде во далечината одекнува “Умри бандо!“),„народни непријатели“, „предавници“… дека се „злобници“, „мразачи“… дека „нема да дозволиме да се прави неред во државата“, дека „само нас народот нè избрал“, дека „опозицијата сака власт по секоја цена“, дека „нема да дозволиме никогаш веќе да се вратат“, треба да знаете дека доаѓаат зли времиња.

Кога некои „добри луѓе“ кои „никого не повредиле“, кои „никому не му ја треснале вратата пред нос“, кои „не одбиле питач“, кои “на сите им се пријатели“… кога овие „добри луѓе“ јавно ќе ве убедуваат „да си ја гледате својата работа“ или ве прашуваат трепкајќи „зошто не си ја работите својата работа најдобро што можете, а друго да не ве засега“, кога добронамерно ви велат „треба да и бидете благодарни на власта зашто таквите како вас и во најдемократските земји ги апсат“, треба да знаете дека доаѓаат зли времиња.

Кога ви велат јавно дека не е ваша грижа што стотини илјади ваши сонародници се хранат од контејнери како улични пци; што сме најбедна земја во овој дел од светот, а богаташите стануваат сè побогати; што институциите на системот не функционираат; што судовите се фарса; што од јавните установи останаа само фасади; што јавните служби ги спомнуваат само тажачки; што оваа „конспиративна власт“ донесува одлуки како тајна организација; што ќе треба да ги платиме сите задолжувања и глупости на владеечката номенклатура која од портири прави директори, од бездарници прави уметници и од идиоти прави интелектуалци и која наскоро ќе се прошири толку многу што бројот на членовите на владеечката партија ќе биде еднаков со бројот на вработените во оваа држава, тогаш, претпоставувам, треба да знаете дека доаѓаат зли времиња.

Кога влекачи и безрбетници кои се претставуваат како „чесни и одговорни граѓани“ ве уверуваат дека треба да се гордеете ако немате рбет и се влечете по подот како безлична маса и месо без коски (со искрена надеж дека ова е само метафора), треба да знаете дека доаѓаат зли времиња.

Кога ќе слушнете дека зборуваат јавно за „светски заговор“, за „повторно пишување на историјата“, за „нов светски поредок“, за „животниот простор на Македонецот“, за „неуништивоста на генот“, за „потомството на древните раси“, за „древните рунски записи“, за „тајните на мистичните симболи и моќта на сонцето“, треба да знаете дека доаѓаат зли времиња.

Кога магијата и окултните учења се користат „во полза на нацијата за зголемување на нејзините моќи“ (или за „потенцијата и зголемувањето на националното либидо“), кога зборовите се користат за „мистично влијание врз свеста на луѓето“, кога ги повикуваат духовите на Гвидо фон Лист, Ланц фон Либенфелц, Хербигер, Екарт, Розенберг и Хаусхофер, кога се обновуваат окултни друштва како што се „Златна зора“, „Туле“, „Нови Темплари“ (следбениците на Хитлер верувале дека моќта на нацијата може да се обнови со магија), кога на телевизиските екрани гледате некои морничави бледи типови во црни палта, кои излегле со сто години задоцнување од салонот на Г-ѓа Блаватска или од кабинетот на Др. Калигари, кои говорат за Моќта на Окултното, за Мистичниот препород на Нацијата, за Магичните моќи на антиквизацијата, за Космичките енергии, за Мистериите на Крвта и на Земјата... тогаш треба да знаете дека „шегата ѓаволот ја однел“.

Нашиве Рицари на Загубениот разум заколнати над Тајната книга на евтините приказни и неразјаснети мистерии, предводени од Големиот Свештеник на Нацијата, Шаман и Небесен заштитник на народот, се исто толку забавни колку што се забавни ликови Химлер Мистикот или Црниот гавран на рамото од Адолф Хитлер.

***

Јавната сцена е заземена. Зад маските на политичари, аналитичари, интелектуалци, стручњаци, културни дејци, уметници, универзитетски професори, новинари... се кријат циркузанти, јасновидци, магионичари, хипнотизери, танчерки на Кан-Кан, стриптизети, укротители на лавови, кловнови... Институциите, јавните установи, весниците и електронските медиуми се претворени во циркус, во перверзен имагинариум и во мрачно кабаре каде се слави и воспева власта.

На јавната сцена се туркаат ликови кои се тука поради лична добивка и привид на моќ, ликови на ситни измамници, лажговци, курви и нивните подводаџии, користољупци и крадци, улични насилници, мангупи и манијаци... Тука се и тие привидно безопасни будалетинки, брлајки, занесеници, забегани типови и месечари кои заскитале во стварноста и кои си замислуваат дека се значајни зашто власта им овозможила да се појават на телевизија и да добијат колумна во тиражен весник, а на кои местото не им е на јавна сцена туку во лудница или во некоја дом за згрижување на лица заостанати во развојот, каде ќе плетат корпи, ќе бојат боенки и ќе прават садови од глина; но тие се тука, на сцената, заедно со останатите измамници – во зракот од рефлекторот блескаат златни и сребрени конфети фрлени во воздухот, оркестарот ја засилува музиката, одекнуваат фанфарите и барабаните, во кругот од светлина на „штиците што значат живот“ тие се поклонуваат опкружени со разголени танчерки, ја фрлаат шапката во публиката и извикуваат: „Meine Damen und Herren, Mesdames et Messieurs, Ladies and Gentlemen! Kommen Sie zum Kabarett! Leave you troubles outside! So – life is disappointing? Forget it! We have no troubles here! Here life is beautiful...“

…и тие продолжуваат да го мамат народот и никој не им може ништо, и никој не може да ги тргне од јавната сцена, зашто зад нив, во темнината зад кулисите, стојат некои мрачни типови, тепачи со дрвени палки и полицајци кои ја вртат главата настрана. Тука, во овој наш циркуски шатор и во ова мрачно кабаре, тој кој ќе се обиде да ја исвирка претставата, тој кој гласно го изразува своето незадоволство, тој кој ја видел измамата и си ги бара парите назад, тој ќе биде тивко изнесен надвор и, додека музиката трешти и сите ракоплескаат, ќе биде пребиен во некоја темна уличка.

***

Нешто страшно се случува. Сè е така мрачно освен силно осветлената бина на плоштадот. Толпата вреска, се виорат високо подигнатите знамиња, треперат звучниците од говорите на политичарите… Погледнете ги овие луѓе! Еден ден некој ќе истапи напред и ќе ги претвори нивните неискажани чувства во зборови. Некој ќе им вети иднина. Некој ќе постави барања. Некој ќе зборува за големината и за саможртвувањето… и сè ќе заврши во крв и во оган.

Стравот избива како пареа од облеката на минувачите оваа болна, топла и дождлива зима. Овде така бргу се стемнува. Луѓето како сенки исчезнуваат во темнината. Улиците се речиси пусти. Дома, во студената сина светлина на телевизиските приемници, тие се претвораат во призраци. Погледнете внимателно и ќе откриете дека екранот на телевизорот е како тенка проѕирна лушпа од јајце во кое може да се види склопчена змија.

Ако еден ден, во очај, го скршите телевизорот, оттаму, веројатно, нема да исползи змија; ако удрите со стол во огледалото на ѕидот од вашата соба, кога тоа ќе се скрши веројатно зад него нема да откриете скриени камери. Можеби не сте дел од некаков бизарен експеримент со луѓе на опасни лудаци како што е др. Ханс Вергерус („Змијско јајце“, Бергман, 1977), но, сепак, треба да знаете, нешто страшно се случува.

Фотографиите се од филмот „Змијско јајце“, Ингмар Бергман, 1977

ОкоБоли главаВицФото