Третиот свет во Втората светска војна

06.02.2013 13:12
Третиот свет во Втората светска војна

Се работи за заборавено поглавје во историјата. Милиони луѓе од неразвиените земји учествувале во борбата против фашизмот. Но, нивната улога и понатаму останува непозната и непрзнаена.

Речиси и да не постои друг период во историјата што е толку добро истражен, толку добро претставен во различни медиуми и толку темелно обработен во училишните учебници, како што е Втората светска војна. Затоа е изненадувачки што во европското поимање на историјата постојат толку големи празнини. Од тие празнини патат дури и наставниците по историја.

Многумина не знаат дека, на пример, за вооружените британски сили во текот на Втората светска војна, Индија дала 2,5 милиони војници. Тоа е најголемата колонијална војска во историјата. Или дека во 1944 година, во текот на ослободувањето на Манила, главниот град на Филипините, загинале 100000 цивили. Тоа е повеќе отколку во Берлин, Дрезден или Келн, градовите познати по огромниот број цивилни жртви од Втората светска војна. Или дека во француската војска, барем до 1944 година, биле регрутитрани главно Африканци.

Празнините во познавањето на историјата

Во Франкфурт, во тек е изложбата „Третиот свет во Втората светска војна“. „Заборавени, потиснати, оцрнети“, идејниот основач на изложбата, Карл Реслер, вака го опишува начинот на кој во пишувањето на историјата се застапени луѓето од неразвиените земји. Иако безбројните земји во Азија, Африка, Океанија па дури и Јужна Америка биле вклучени во борбата за ослободување од фашизмот, нивната улога ниту е научно обработена на соодветен начин, ниту им е оддадено признание. Новинарот Карл Реслер и неговите колеги, собирајќи материјали за издавање книга, патувале по земјите од Третиот свет: меѓу останатите и во Буркина Фасо, на архипелагот Самоа, во Шангај. Прироа, насекаде наидувале на сведоци коишто не само што биле спремни да ги прераскажат своите приказни, туку дури и барале тие да бидат објавени во Европа. Новинарите така и сториле.

Благодарение на тоа, стана позната приказната за девојката од Јужна Кореа, Ким Сон Дук. Таа имала 16 години кога јапонските окупатори ја одвеле во воен бордел. Таму била силувана и по 40 пати на ден. И тоа не е единствен таков случај. Околу 200000 малолетни девојки од Кореа, Кина, Филипините, Малезија, Бурма, португалскиот Тимор и холандска Индија, во текот на Втората светска војна доживеале слична судбина. „Кај нас не се зборува за тоа. Тоа е табу“, коментира јапонскиот студент Кашиге Дои, којшто преку студентска размена, моментално живее во Германија.

Губитниците како победници

„Историјата секогаш ја пишуваат победниците. И оние имотните, коишто имаат средства за да ја одредат насоката во којашто ќе одат историските истражувања“, објаснува Реслер. Така, на пример, Германија, Јапонија или Италија воено изгубиле во војната, но во пишувањето на историјата спаѓаат во победници, затоа што нивните жители учествувале во пишувањето на историјата. „Од друга страна, милиони луѓе од Африка, Океанија и во некои делови од Јужна Америка, речиси немаат никаква историја од Втората светска војна“, објаснува Реслер.

Сенегласките колонијални војници добиле своја историја во 2008 година, благодарение на алжирскиот режисер Рашид Бушареб, иако малкумина ја знаат. Краткиот филм „L’Ami Yabon“, којшто може да се види на изложбата во Франкфурт, со стилизирани и анимирани слики ја раскажува приказната за еден колонијален војник којшто насилно бил регрутиран во Сенегал, учествувал во војната во Европа, завршил во заробеништво во еден германски логор за да крајот да се врати во западна Африка. А таму, бидејќи од колегите ја побарал својата заслужена плата, по наредба на француските офицери, бил убиен.

Ниту признание, ниту финансиска помош

„На тие војници не им се исплаќа никаква пензија. Киднапираните и силувани жени до ден денешен чекаат на извинување и оштета“, вели Реслер. „Нема средтства за обнова, нема исплата на репарации за таканаречените земји од Третиот свет“. За тоа светските сили немале никаков интерес.

На Филипините, на пример, поради јапонската окупација умирало секое шеснаесетто лице, вкупно 1,1 милиони луѓе. Во многу земји владеела катастрофална глад, затоа што окупаторите го присилувале населението да им ја даде својата хранана војниците. А „на либиско-египетската граница и денес луѓето гинат од нагазни мини останати од Втората светска војна“, предупредува Реслер.

Авторите на изложбата се надеваат дека на историјата на Втората светска војна ќе се погледне и од друга, а не само од европска перкпектива. „На луѓето треба да им стане јасно дека милиони луѓе од Африка, Азија и Океанија учествувале во ослободувањето на светот од фашизмот“, преудрпедува Реслер. Почит и признание е најмалку што може да им се понуди на тие земји.

Извор: dw.de 

ОкоБоли главаВицФото