Жестока борба за кеса овошје

07.02.2013 11:36
Жестока борба за кеса овошје

Бесплатното делење овошје и зеленчук во Атина предизвика голем метеж и масовни газења во кои најмалку едно лице е повредено, а настанот симболично ја прикажува очајната состојба на граѓаните на Грција, земја која е тешко погодена од економската криза.

Околу 55 тони земјоделски производи се поделени од страна на фармерите кои штрајкуваат поради високите трошоци за производство пред зградата на грчкото Министерство за земјоделство.

Едно лице паднало и ја повредило главата во турканицата со масата обидувајќи се да дојде до намирниците. Хаосот избил кога почнало да снемува овошје и зеленчук, што натерало многумина да потрчаат кон најблиските камиони.

„Тоа беше ситуација секој за себе“, вели еден новинар на Ројтерс, додека неговиот колега фотограф е погоден во главата со главица карфиол додека ја фотографирал ситуацијата.

„Овие слики ме прават бесен. Бесен поради гордиот народ кој нема што да јаде, кој не може да се згрее, кој не може да сврзе крај со крај“, изјави Костас Баркас, пратеник на левичарската партија Сириза.

Другите грчки пратеници велат дека ситуацијата е лоша и луѓето се на работ на очајот. Тоа е реалноста со која се соочуваат многу Грци.

„Тешко е. Никогаш не замислував дека ова ќе заврши вака“, вели 65-годишната Панагиота Петропулос. „Не можам да си дозволам ништо, дури ни основни намирници од пазар. Сè е скапо, сите цени растат додека нашите примања опаѓаат и нема работа“.

Грција, која се наоѓа во шестата година од рецесијата, се соочува со рекордна стапка на невработеност. Граѓаните се приморани да го прифатат намалувањето на платите и пензиите за да се излезе во пресрет на барањата на Европската унија и ММФ.

Делењето намирници беше обид на земјоделците да ја убедат владата да ги преполови цените на дизел горивата за земјоделската механизација, да ја укине задолжителната потребна декларација за одгледување и да го намали ДДВ-то од 23% на 6% за нивните производи, механизација и опрема.

И другите сектори ширум земјата продолжија со одржување протести против владините мерки за штедење. Грчката владејачка коалиција во четврток ги убеди морепловците да се вратат на работа по шестдневниот штрајк со кој беа суспендирани сите траектни услуги за десетина грчки острови. Штрајкот доведе и до недостиг на храна и лекови во тие места.

Меѓутоа, штом еден штрајк престане, избива друг. Земјоделците во Грција протестираат веќе девет дена, поставувајќи блокади со трактори на автопатиштата во земјата. Новинарите вработени во државната телевизија штрајкуваат трет ден против владината политика за регулирање на нивниот сектор.

На Грција и пред кризата и’ беше лошо. Економскиот раст стагнираше, а БДП опадна за 0,2% во 2008 година. Една година подоцна опадна за 3,1, а во 2011 дури за 7,1%. Нацртот за државниот буџет во 2013 година предвидува намалување за уште 3,8%, но се очекува вистинската цифра да биде уште пониска и да достигне и до 4,2%.

Влијанието на кризата врз невработеноста е поразително. Пред три години изнесуваше 7,7%, но се’ уште нагло расте. Во август минатата година достигна 25% или една четвртина од работоспособното население. Државниот долг пред три години изнесуваше 129,4% од БДП, а порасна на 165,3% од БДП на крајот на минатата година.

На почетокот на годината Грција успеа да се договори со своите доверители за простување на 105 милијарди евра од долгот, но и покрај тоа, до крајот на оваа деценија долгот ќе падне само на 120% од БДП. И тоа ако сè оди според планот.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото