Европа според Гручо Маркс

07.02.2013 11:49
Европа според Гручо Маркс

Барајќи нови преговори за Европскиот договор пред Британците да се изјаснат на референдум дали сакаат да останат во Европската унија или не, британскиот премиер Дејвид Камерон го примени прочуеното мото на Гручо Маркс: „Одбивам да станам дел од кој било клуб што би ме примил мене за член“.

Колку и да звучи надреално, ова барање најпрво е маневар за внатрешна употреба – британската десница може да имплодира во секој момент. Во овој момент, конзервативната партија ја сочинуваат две крила – едното е проевропско (тука припаѓа и Камерон), а второто е националистичко (според примерот на американската Tea Party). Неговото барање е обид да се задржи привидот на единство на овие две фракции и да се ублажи непопуларноста на Премиерот. Тој се надева дека ова ќе послужи како вентил за оние во Британија коишто ја доживуваат Европската унија како бирократска диктатура опседната со ситичава и детална регулација.

Предлогот можеби изгледа лукаво осмислен: никој нема да биде против референдумот и Лабуристичката партија ќе мора да го поддржи ако не сака да остави впечаток на недоверба во гласачите. А Камерон се надева дека применувајќи ја доктрината што добро ги служи Британците уште од 18. век (заострените односи со Европјаните) – ќе добие извесна предност што ќе му овозможи да победи на следните избори и на референдумот по нив.

Меѓутоа, неговиот предлог е многу опасен: и останатите земји би можеле да побараат посебни договори. Партиите во Шведска и Италија веќе се колебаат, а по нив ќе тргнат и останатите, дури и во Франција. Тоа би било крај за Европската унија, којашто не може да биде збир на различно скроени билатерални договори без никаква взаемна солидарност.

Значи, Франција и Германија ќе мора што побрзо да застанат во единствен фронт: треба повторно да се преговара околу договорите за Унијата да може да напредува. Но, да се одобри специјален статус за Британија или која било друга земја – не доаѓа предвид. Оние што сакаат да добијат специјален статус ќе мораат прво да ја напуштат Унијата, па дури тогаш да преговараат за статусот на кандидатки. Ова мора јасно да се утврди и тука да завршат сите дилеми.

За да го постигне тоа, Франција мора да разбере и да им објасни на останатите дека напуштањето на Европската унија од страна на Британија би било несреќен настан (поради улогата на оваа земја во историјата на Европа, особено во победата над тоталитаризмот што беше предуслов за европскиот проект), но и помалку трагичен исход отколку останувањето на Британија во Унијата и тоа како држава со специјален статус, недостапна за каква било контрола, којашто често е прва на листата локации за перење пари во светот и којашто упорно го подрива процесот на изградба на Европската унија, па дури и еврозоната, иако самата не ѝ припаѓа.

Ова е единствен начин да им се испрати на Британците одлучна порака дека со напуштањето на Унијата тие ќе изгубат многу повеќе отколку нивните партнери: најголем дел од нивната трговска и финансиска разбена се одвива со Континентот и благодарение на Европската унија. Значи, како горди наследници на „народот на гранапчиите“, како што, според зборовите на Бернард Шо, ги нарече Наполеон, Британците ќе земат еден плајваз, ќе подвлечат црта и нема да излезат од ЕУ.

Извор: L’Express Blog