Неподносливата сласт на постоењето

08.02.2013 12:30
Неподносливата сласт на постоењето

Точно е дека селата се струполуваат низ одроните, дека поплавите носат штали и гаражи, дека северецот вее низ празните сали на фабриките додека работниците штрајкуваат со глад, дека пропаѓаат патиштата, дека возовите доцнат и дека на сите страни на нашата земја нешто чкрипи, цивка, стенка...Но, запрете за момент пред овој грст угостителски шеќер истурен на улица. Се сеќавате ли колку чинеше килограм шеќер во текот на војната? 40, 50, 60 марки (килограм, не вреќа). А сега стои расфрлан низ валканата калдрма и чевлите на минувачите го газат како да е кучешки измет. Зар не е чудна таа промена на вредности, вчера злато, денес блато?

Во војната немаше ни струја. Едвај имаше за во полскиот нужник. За огрев се гореше ѓубрето, вести се слушаа во редовите за леб, вешот се переше во студена вода, се читаше покрај кандило (луксуз во споредба со свеќата)...А сега: трепкаат неонките на билбордите по цела ноќ, џиновски телевизори висат на фасадите, излозите блескаат, новогодишните букви сјаат украсени од Бајрам до Велигден, светилките горат до утрото (со светло против душманите), електричните часовници се вртат како ротациски светла на амбулантните возила, мегаватите се расфрлаат и префрлаат како да се бесплатни, како кесички со шеќер.

Некогаш беше, сега се спомнува

Немаше ни вода во тој заборавен свет на запаметената војна. Секоја капка на дланката се плаќаше со капки на челото, канистри се влечеа по мраз и прашина, на санки и велосипеди, се стоеше пред пумпите, чешмите, славините, цистерните, преку мостовите се поминуваше како преку Сират, а сега: водомерите се вртат како луди, славините капат како настинати, се прелева пената од преполните кади (еден бојлер - едно туширање), истекува Нијагара со едно миење заби, боботи водата од расипаните шахти и се разлева по испуканиот асфалт, како шеќерот по калдрмата.

Немаше ни плин. Се наслушуваа цевките по цела ноќ дали ќе почнат да шушкаат, немаше ни дрва, пензионерите ги стругаа корените како ним парадентозата забите, а сега: жежат радијаторите под отворените прозорци, луѓето полуголи се шетаат низ дома по свежо лакираниот паркет (а и мебелот се гореше за огрев!). Немаше ни ѓубре, сè што не можеше да се јаде се гореше, а сега: ѓубрето претекува од преполните канти и контејнери како сладолед од корнет и чашка и се разлева по распаднатиот асфалт, како шеќерот по калливата калдрма.

А каде започнува слободата?

Но, најмалку имаше слобода кога немаше ни масло, ни шеќер, ни кафе, ни струја, ни вода, ни плин, ни греење. Тогаш секој можеше да те сопре на улица, да те уапси, да те испрашува, да те претресе, да те тера да копаш, бегаше како знаеш и умееш и од сопствената сенка, среќен ако си невидлив. Никој за ништо не те прашуваше, други зборуваа и одлучуваа во твое име, немаше ни штрајкови, ни митинзи, ни гласање, ни избори. А сега: чекориш исправен и горд, граѓанин си на главниот град на една меѓународно признаена држава (за тоа се боревме!), можеш да отпатуваш и со авион, а не само под пистата (добро, не можеш никаде без виза, освен во Истанбул), гласаш и гласаат за тебе (ако не си Ром или останатите)...

Меѓутоа, слободата почнува таму каде што престанува стравот. А тука стравот никогаш не престана да постои: луѓето со плашат едни од други, се плашат да размислуваат гласно, со страв денес легнуваат, со мака утре се будат, се плашат од крадци, се плашат од банки, се плашат од избори, се плашат од самите себе и своите тела, се плашат од Бога (и од својот, и од туѓиот!), се плашат да не се врати минатото, се плашат од нова војна и стара немаштија: цигари, светло, шеќер, топлина, ќебапи, слобода, кафе, деца...

Сепак, градот мириса на hausbrand, lavazzа, franck, illy, vispak, bristol, manuel... (Кој ја памти уште таа мешавина, 100 марки за килограм, а не вреќа!), чаршијата мириса на десетка со кромид и тазе бурек, на скапи парфеми и нафталин од оние од втора рака. Баботи водата во џакузи, ечи пиратеријата од џиповите, поезијата емигрира во караоке, животот е сладок како последна цигара пред стрелање...

А слободата исчезнува низ калта, како измет од пес, како истурена кесичка шеќер.

Зева, како што робовите зеваа за неа.

Извор: dw.de 

Слични содржини

Активизам / Книжевност / Фото
Книжевност
Општество / Активизам / Свет
Општество / Книжевност / Живот
Општество / Европа / Свет / Книжевност
Општество / Книжевност / Спорт

ОкоБоли главаВицФото