Окно анкета за СК014 (19)

08.02.2013 12:57
Окно анкета за СК014 (19)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од проектот, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?


Џабир Дерала, активист и писател

СК2014 е навреда и шлаканица за добриот вкус, за демократијата, човековите права и слободи, владеењето на правото. Тоа е проект кој не може да се спомене а на човек да не му надојдат чувства на крајно гнасење и револт. Бесмисленоста на оваа грубијанска авантура е фрапантна. Да не говориме за неговата цена во пари.
Овој проект на Македонија ѝ нанесе несогледлива и непоправлива штета која ќе се чувствува со генерации. На политички и општествен план, ги разниша и онака кревките интеретнички и интраетнички односи и ги продлабочи поделбите и нетрпеливоста меѓу граѓаните. Во поглед на правото, ова е проект кој поради нетранспарентноста и криминалното кршење на сите можни правила и законски регулативи - претставува радикален пример за укинување на владеењето на правото, а со тоа и на демократијата и демократските процедури.

Што се однесува до човековите права и слободи во секоја смисла на зборот, ова е долгорочен и бескрупулозен атак кој се спроведува на институционално ниво. Најмалку што може да се каже во овој дел е дека во текот на неговото спроведување загинаа или се повредија граддежни работници, а другите беа слабо платени, незаштитени и третирани како робови. Одвратно е што загубата на животи, понижувањето и малтретирањето може да се нарече „најмалку“ во овој контекст. Јавниот простор на граѓаните е бесправно окупиран и нагрден до незамисливи размери, не оставајќи притоа ни трошка простор каде граѓаните можат да го искажат својот став.
Овој проект е масивна манифестација на ароганција и закана. Зрачи со суета, незнаење, искомплексираност и провинцијализам. Секако, листата од атрибути кои ги заслужува овој проект не се исцрпува тука. Можете да кажете и дека е шовинистички и кабадахиски. Трагикомичен.

Ако спроведувачите на овој проект сакаа да изградат споменик за себе и своите идеи, можеа да изградат болници и научни институти. Можеа да инвестираат во образованието и културата заснована на цивилизациски вредности. На пример, една болница за деца со сериозни здравствени проблеми, за која не може да се најдат ни средства, па ни доктори (се иселија многумина), ќе беше споменик за нив кој ќе остане засекогаш во сеќавањата на луѓето. Вака, ќе останат запаметени по својата глупост, грабежливост и дрскост.
Авторите кои се најдоа на платниот список на ова антиграѓанско лудило се соучесници во криминалот и гротеската. Тоа е срам за секој што се осмелил да се нарече себе си уметник. Секој што е на каков и да е начин поврзан со овој смрдеж од проект, како нарачателите, така и извршителите (божемните креативци), треба да знаат дека не заслужуваат почит и дека историјата ќе ги запамети како луѓе со ниски морални и човечки вредности. Ако воопшто ги запамети.
И сето тоа со нашите пари на тлото на нашата земја. Гротеска, кичерај и лаги.


Наум Пановски, режисер

1
Тешко е да се издвои само едно дело од купот бесмислено натрупан кич во центарот на Скопје како квинтесенција на овој мегаломански проект. Човек просто не може да поверува што е поголемо промашување: естетското, идеолошкото или културолошкото. Сметам дека овој претенциозен и анитмакедонски проект е навреда за секој граѓанин на Македонија кој мисли со своја глава. Дали е квинтесенција на проектот агресивноста на неокласицистичките зданија на левиот брег на Вардар кои го задушија вистинскот дух на градот олицетворен во стариот камен мост кој поврзува култури, народи и векови? Дали е можеби тоа триумфалната порта, која е очигледно градена по Хитлеровата матрица за овековечување на победи кои допрва треба да дојдат, a ете тие, македонските победи, никако да дојдат зашто Европа е неправедна! Или пак тоа е гротескно предимензионираниот Александар Велики, лицемерно именуван „воин на коњ”, кој фалусоидно се исправил во висините фалејќи се со својата храброст, цврстина и машкост. А за жал, како што гледаме, и како што сè повеќе се потврдува во секојдневната дво-eтничка реалност - таа храброст воопшто и не постои. Ако постоеше храброст во Македонија ќе имаше и демократија и вакви глупости немаше да се случуваат.
Вистинска храброст е да се мисли и да се гласа со своја глава а не како дел на несвесно јато затворено во етно-националистички кокошарник.

2
За жал, за овој непристојно дрзок и насилно наметнат проект, којшто се претвори во симбол на потсмев со кој светот ни се подбива и мајтапи на сите страни, немам што позитивно да кажам. Овој проект, креиран и граден од луѓе чиешто знаење и светоглед - како естетски, така политички, идеолошки и културолошки - припаѓа на 18-от и 19-от век, е срам за секој Македонец кој сака да живее во 21-от век и кој тежнее да биде дел од цивилизираната светска зедница.

3
“Скопје 2014” е тотално промашување. Културолошко, идеолошко, идeнтитеско, политичко, а највеќе економско. Овој срамен проект е расипана храна со која екстремниот македонски и албански национализам во форма на трошки се фрла на празната трепеза на гладниот и истоштен народ, за да можат да ја сокријат и одбранат својата патолошка волја за моќ и својата вистинска импотенција. Верувам дека овој цитат од „Час по Анaтомија” на Данило Киш, на најдобар начин го искажува тоа националистичко лудило:

Национализмот, пред сè, е параноја. Колективна и поединечна параноја. Како колективна параноја, таа е последица на зависта и стравот, а над сè, последица од губењето на индивидуалната свест; па според тоа, колективната параноја не е ништо друго освен збир индивидуални паранои доведен до пароксизам. Ако поединецот, во рамките на општествениот проект, не е во состојба да се „изрази“, или ако тој општествен проект не му оди од рака, не го стимулира или го спречува како како индивидуа, т.е. не му дозволува да дојде до својот ентитет, тој е приморан својот ентитет да го бара вон идентитетот и вон т.н. општествена структура. Така тој станува припадник на една слободноѕидарска група која си ги поставува, барем навидум, задачата и целта на проблемите од епохална важност: опстанокот и престижот на нацијата или нациите, зачувувањето на традициите и националните, фолклорните, филозофските, етичките, книжевните и други светости. (Данило Киш, За национализмот)

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Јавни Простори / Став
Јавни Простори / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото