Бенедикт XVI: успеси и скандали

12.02.2013 09:50
Бенедикт XVI - успеси и скандали

Папата Бенедикт XVI ќе влезе во историјата по бројни добри дела, но и по неколку историски одлуки кои одекнаа ширум светот. Токму тој во 2010 година ја посети Малта, каде што се сретна со жртвите на свештениците педофили, и што е уште поважно се извини за злосторствата кои со години се случуваа во католичката црква.

Тој им вети на жртвите дека црквата ќе направи сѐ што може за да ги казни свештениците злосторници и да ги заштити младите. Изрази „срам и жалење поради болката која ја претрпеле жртвите и нивните семејства.“ Потоа се помоли заедно со нив за време на средбата во амабасадата на Ватикан на Малта. Тоа е прва средба на Бенедикт XVI со жртвите од избивањето на скандалот кој од почетокот на годината го тресеше Ватинан.

Сепак, бројни жртви ширум светот и понатаму го обвинуваат Бенедикт XVI дека заедно со црковниот врв учествувал во заташкување на злосторствата, додека бил надбискуп во Германија.

Бенедикт XVI ја продолжи традицијата на својот претходник Јован Павле II и во текот на својот осумгодишен понтификат посети многу светски земји. Сепак, не беше секаде дочекан со одушевување.

За време на посетата на Барселона, ЛГБТ заедницата организираше масовно бакнување на лица со хомосексуална ориентација во која учествуваа повеќе од 200 геј парови.

На 12.12.2012 година папата го објави и својот прв твит:

„Драги пријатели, задоволен сум што на овој начин, преку Твитер, можам да стапам во контакт со вас. Ви благодарам за вашите великодушни реакции. Ве благословувам од сесрце.“, напиша Папата во првиот Твит.

Но, тоа не е единсвениот потег со кој Папата се обиде да покаже дека е во тек со модерните времиња. Бенедикт XVI во 2011 година благослови 12 астронаути кои кружеа околу земјата. Тоа беше прв разговор на еден Папа со членовите на екипажот на Меѓународната вселенска станица.

Сепак, она што најмногу го одбележа неговиот речиси осумгодишен понтификат беше избивањето на секс скандалот во католичката црква. Дури и пред неговото именување, неколку скандали со злоупотреба на малолетници се појавија во САД и Ирска, но во 2010 година во јавноста се појавија докази за сексуална злоупотреба во црквите ширум Европа, а особено во Австрија, Белгија, Холандија, Норвешка и Германија.

Во еден од скандалите се споменуваше и името на самиот Папа. Имено, се појавија тврдења дека уште додека Бенедикт бил надбискуп во Минхен, еден бискуп познат по злоупотреба на деца е сменет во тајност, но дека и понатаму му биле дозволени контакти со младите верници и извршување на одредени пасторални должности.

Неколку јавни гафови на Папата, повеќето на самиот почеток на понтификатот, предизвикаа згрозување во јавноста. Уште во 2006 година го разлути муслиманскиот свет со изјавата дека Мухамед зад себе оставил само „зло и нехуманост“. Ги налути и домородците во Латинска Америка со тврдењето дека колонизацијата на нивниот континент не вклучувала „наметнување на туѓите култури“, а Евреите ги налути со повикот „да се извлечат од темницата“.

Најголемата афера која се доведува во врска со името на Папата Бенедикт XVI е аферата Ватиликс.

Потсетуваме: поранешниот собар на Бенедикт XVI, Паоло Габриеле, минатата година е осуден поради кражба на доверливи документи за наводна корупција во Светата столица. Габриеле е осуден на затворска казна, но Папата одлучи да го помилува.

Извор: index.hr