Општото добро како непријателска територија

12.02.2013 10:53
Општото добро како непријателска територија

И еве го повторно, добро расположен, среќен како мало дете, со поддршка што повторно расте. Оној, којшто до пред само неколку седмици го сметаа за политички мртов, осуден беспомошно да ја посматра епохалната промена во Италија изнудена од кризата и свртувањето од речиси 20 години берлусконизам кон трезвеност во ликот на Марио Монти. Во ноември 2011 година, Монти го замени Берлускони на позицијата премиер на Италија. Поддршката за пропаднатиот и дискредитиран со сексуални скандали Берлускони, никогаш не била помала. Изгледаше дека сериозната, уставотворна десница ќе ја потисне дотогаш дoминантната, популистичка десница.

Неколку седмици пред парламентарните избори на 24. и 25. февруари оваа година, сè се промени. Според предизборните анкeти, сојузот на Монти заглави на околу 15% поддршка, а коалицијата на Берлускони, во којашто повторно нечујно се вовлече деснопопулистичко-ксенофобична Северна лига (Lega Nord), маршира кон 30%. Малку се неуверливи изјавите што се обидуваат да го објаснат ова којзнае кое по ред политичко воскреснување на Силвио Берлускони. Нема сомнеж дека телевизијата тука игра голема и значајна улога. Од декември минатата година, Италијанците се под непрекината опсада: на 17 канали повторно може да му се восхитуваат на својот умешен говорник. Не треба да се занемари таа негова професионална надареност. Тој суверено ја води изборната кампања, вклучувајќи го и талентот да лаже без да трепне.

Тука е и италијанската „генетска мутација“ на којашто се повикуваат противниците на Берлускони со сета нивна беспомошност во обид да ја објаснат вечната привлечност на одамна разобличениот поранешен премиер. Според таа теза, во последните 20 години, Берлускони го устроил италијанското јавно мислење според своите вредности, стандарди и според својот модел на комуникација. За да проникнеме во неговата политичка бесмртност, треба да спроведеме две промени во перспективата. Прво, треба да се пренасочи погледот од мрачно-генијалниот кандидат кон неговите избирачи, а потоа и од наводно епохалниот прекин пред 20 години – кон континуитетот во ставовите на избирачкото тело.

Во 50-тите години на минатиот век, американските политиколози Габриел Алмонд и Сидни Верба се преселија во Италија за да ја проучуваат нејзината граѓанска култура – односот на граѓаните кон државата и општото добро, нивната доверба во институциите и подготвеноста за учество во јавниот живот. Уверени дека ќе се сретнат со состојба слична на онаа во Германија пред доаѓањето на Хитлер на власт, со моќна комунистичка партија и демократи во дефанзива, сепак дојдоа до парадоксален резултат. Токму приврзаниците на комунистичката партија на Италија (KPI) негувале највисок степен доверба во демократските процеси и институции и биле најспремни активно да учествуваат во политичкиот живот. А кај демохристијанските приврзаници (Demokrazia Cristiana) преовладувала недоверба во „државата“, пасивност, насоченост кон партикуларните интереси и сето она спротивно на англосаксонското сфаќање на граѓанинот. Најголем дел од нив биле редовни консументи на клиентелистичката политика.

Уште еден американски политиколог, Едвард Банфил, го нарече овој принцип на мислење аморален фамилијаризам. Тука се подразбира вредносен хоризонт што завршува во границите на сопственото семејство, додека општото добро е непријателска територија на којашто ве малтретираат законите и даноците, но и место каде што може да се грабне лична придобивка, доколку сте поврзани со „вистинските“ политичари. Превласта на тој принцип ја објаснува доминацијата на анархичните, повеќе антидржавни отколку продржавни ставови кај десницата во Италија.

А денес? Во своето неодамнешно истражување, политикологот Илвио Дијаманти забележа дека најголем дел од избирачите сакаат заштита на државата, со истовремена длабока недоверба кон неа. Демохристијаните со децении ги исполнуваа ваквите барања на огромен дел од своето избирачко тело. Кога во почетокот на 90-тите демохристијанската партија доживеа колапс како резултат на корупциските скандали, Берлускони го исполни новосоздадениот вакуум кај десницата, без епохален раскин со дотогашната пракса.

Раскинот се случи само еднаш, во еден многу важен момент. За разлика од демохристијаните, Берлускони отворено и неуморно го развиваше аморалниот фамилијаризам, офанзивно ширејќи анимозитет кон општото добро, што го почувствува и на сопствена кожа во текот на судските процеси за избегнувањето на плаќање данок, тајните сметки во странство и лажирањето на билансите на добивка. Милиони Италијанци воодушевено го следеа, истите оние на коишто Марио Монти им изгледаше како бедна алтернатива на Берслускони. За да се мобилизираат, доволна закана им беше доаѓањето на левицата на власт, а помогна и изборниот слоган на Берлускони „долу даноците“.

Што е со плановите за иднината на италијанското општество? Тоа не ги интересира овие дефанзивно-недоверливи избирачи. Плановите за други операции им се чинат застрашувачки, без оглед дали се работи за Монти, којшто им ветува крв, пот и солзи, или за левичарскиот кандидат Луиџи Берсани којшто им се заканува со „праведна Италија“ (иако таа не подразбира повисоки даноци и борба против ендемското избегнување на плаќањето данок). Всушност, верните избирачи на Берлускони овојпат нема да му донесат победа, но тој слободно може да се надева на почесно место во италијанската политика, од коешто повторно ќе биде дестабилизирачки фактор.

Извор: woz.ch

Фотографии: Франческо Џусти

ОкоБоли главаВицФото