1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Кога еден ден ќе биде под лупата на историчарите, многу е веројатно дека Кариерата на Јозеф Рацингер нема да биде вреднувана само преку осумте години што ги помина на чело на Ватикан како папата Бенедикт XVI, туку преку 24-те години префектура во Конгрегацијата за учење на верата.
Конгрегацијата за учење на верата е најстарата административна единица на папската држава. Низ вековите неколку пати го менувала името, а на пошироката јавност сигурно и’ е позната по колоквијалниот назив кој ја следи низ XVI-от век - „Света инквизиција“.
Овој факт би бил само интересен куриозитет ако Рацингер како префект на Конгрегацијата за учење на верата не се однесуваше навистина како „голем инквизитор“. Како префект на Конгрегацијата Рацингер го именуваше папата Јован Павле II во 1981 година, а на таа фукнција остана сѐ до 2005 година кога стана прв човек на Ватикан.
Помеѓу должностите на Рацингер како префект на Конгрегацијата беше и спроведувањето истрага за обвинувањата за педофилија во црквата. Само што „истрагите“ во овој случај значеа заташкување на педофилските афери. Дека Рацингер знаел и свесно ги прикривал педофилските скандали можеби најдобро сведочи писмото кое во мај 2001 година го напишал и им го испратил на сите католички бискупи.
Писмото не било наменето за „световната јавност“, но сепак дојде до неа во 2005, благодарение на Џејми Дауард, новинар од британскиот The Observer, додаток во угледниот дневен весник Гардијан. Во контроверзниот допис Рацингер тврди дека истрагата за педофилските злосторства извршени од страна на клерот не е во надлежност на полицијата, туку исклучиво на црквата. Впрочем, Рацингер заклучува дека неговата канцеларија, која е надлежна за истрагата за педофилските афери, има право да ги држи во тајност собраните докази и до десет години откако жртвата на свештеничкото злосторство ќе стане полнолетна.
Сите кардинали до кои писмото е адресирано Рацингер исто така ги предупредил дека ќе бидат соочени со жестоки санкции доколку ја пријават педофилијата на цивилните власти. Истрагите за педофилија, напиша тогаш Рацингер, мораат да се спроведуваат во строга тајност која членовите на црквата се должни да ја почитуваат како строга тајна на канцеларијата на Светата столица, и тоа под закана за екскомуникација. Од друга страна, казнувањето на свештениците педофили со екскомуницијрање не беше постојана пракса. Најстрогата црковна казна не е резервирана за оние кои го кршат законот, туку за оние кои ќе се дрзнат јавно да проговорат за тоа.
Да не остане сѐ само на индиции и инструкции, да напоменеме дека постојат и случаи во кои Рацингер многу директно прикривал педофилски скандали. Најпознатиот таков случај се однесува на Марсијал Мациел, основач на екстремно конзервативниот црковен ред Христова легија. Мациел беше многу близок со папата Јован Павле II кој го доживуваше како еден од најблиските свештеници и го фалеше како позитивен пример за младите.
На некогашниот папа притоа не му беше ниту малку важно тоа што Мациел беше склон кон сексуално злоупотребување на малолетни момчиња. Долго време требаше за неговите жртви да се охрабрат и да одлучат да го пријават педофилот со добри врски во самиот Ватикан. Тоа го направија дури како постари луѓе, кон крајот на 1994 година. Деветте жртви на Мациел најпрво се обратија во судовите во Ватикан, наивно сметајќи дека ќе наидат на поддршка од врвот на католичката црква.
Жртвите на Мациел писмено го предупредиле Рацингер за злосторствата на Мациел. Одговорот кој го добиле е крајно циничен: „Мациел направи премногу добри работи за црквата за да може да го прогонуваме, а меѓу другото тоа е многу чувствително прашања“. Алберто Атие, и самиот свештеник во Ватикан, подоцна тврдеше дека буквално тоа биле зборовите на Рацингер.
Во меѓувреме, жртвите на Мациел излегоа во јавноста со своите обвинувања, па Рацингер за оваа „чувствителна тема“ мораше да одговара и на новинарски прашања. Не покажа ниту малку повеќе пиетет за жртвите. „Не можете да му судите на толку близок пријател на папата каков што е Марсијал Мациел“, гласеше тогаш одговорот на Рацингер.
Мрачното минато на Рацингер на крајот го стигна. Токму за време на неговото папинство црквата се најде под најжесток удар поради педофилските афери кои во делови од светот почнаа да излегуваат на виделина. Вака во 2010 година тоа го срочи веројатно најголемиот медиумски критичар на Рацингер, покојниот Кристофер Хиченс:
„Плод на оваа долготрајна кампања на прикривање е тоа што на чело на црквата имаме медиокритетски баварски бирократ кој некогаш бил задолжен за заташкување на најодвратни злосторства, а чија неспособност за таа работа денес го разоткрива како човек лично и професионално одговорен за овозможување цела низа валкани злосторнички активности. Рацингер сам по себе можеби е банален, но целата негова кариера е обележана со смрдеата на злото“.
Извор: index.hr