Баналноста на злото

14.02.2013 12:33
Баналноста на злото

Присуствуваме на еден феномен. Пред неколку дена претседателот на Србија изјави дека десничарите кои направија список на невладини организации за отстрел се „будали“. Во една емисија со него се согласи и министерот за правда, а вчера и поранешниот портпарол на ДСС за луѓето кои учествуваа во етничката тепачка во Бечеј го искористи истиот епитет, додавајќи дека тој - бидејќи тоа се само будали кои се тепаат по кафеани - е спокоен што се однесува до етничките недоразбирања во тој град.

Добронамерните набљудувачи би оцениле дека во случајот на трите идентични карактеризации се работи за наивност и ноторно непознавање на историјата чија задача е да нѐ научи нешто. Злонамерните и внимателни повторно би помислиле дека станува збор за пацификација на десничарите: некој вака да се дискредитира значи да му се отпише реалната можност за значајно политичко дејствување и со тоа да се маскира неговиот потенцијал опасно да се размавне.

Но, ајде да се согласам со едно: да, во прашање се будали. Меѓутоа, тука е крајот на согласувањето. Тоа што е различно меѓу политичките функционери и мене е одговорот на прашањето што да се прави сега со тие будали. Да се каже за некого дека е будала, значи ефектно да се дискредитира. Будалата дрдори, тропа и не би требало да го привлече нашето и медумското внимание. Опасен е само кога недостигот од јазик го надоместува со силата на тупаницата. Имаме поважни прашања од пијаните мангупи.

Меѓутоа, силата на будалата не е во неговата можност да каже нешто значајно и да стане важен политички актер. Бидејќи будалата е само проточен бојлер, агенс низ кој дејстува некој друг, тој е само оружје. Но, ако претпоставиме дека одговор на проблемов е игнорирањето, тогаш дебело грешиме. Со тоа имплицитно тврдиме дека дејствувањето на будалата доаѓа од него самиот, што не може да биде попогрешно. Дејствувањето на баналниот лик, да речеме во кафеана, е само последица. Вистинскиот извор на опасност се наоѓа во оној кој дејствува со јазикот и со тоа на „будалата-тупаница“ му дава дефиниран облик на неговото дејствување. Значи, опасноста не се наоѓа во безумноста на еден, ниту во лукавоста на друг, туку во нивниот пеколен амалгам.

Во шеесеттите години на минатиот век беше актуелно прашањето за карактерот на нацистичките злосторници. Повод за оваа дискусија беше контроверзното судење на Адолф Ајхман, злосторникот кој работејќи како главен диспечер на возовите испрати милиони не-Германци во смрт и без чија улога на менаџер за ефикасен превоз во логорите - проектот „конечно решение“ ќе беше незамислив. За разлика од нејзините современици кои го гледаа Ајхман како ѕвер со човечки облик, Хана Арент го гледаше како банален, да-не-убиеше-толку-луѓе-просечен шраф. Со еден збор, како будала. Но, тоа што Ајхман бил банален човек не значи дека бидувајќи таков, не бил и страшен злосторник. А уште помалку значи дека Хана Арент, гледајќи го само како шраф, го сметала за безопасен како што оние тројца мислат за нашиве[1]. Напротив, токму тоа што е банален го прави страшен, зашто во тој случај кој било може да стане Ајхман - потребни се само неколку услови. Она што баналниот лик во претставата во која сите играме и ја нарекуваме „општество“ го прави зашто е банален, може да заврши со радикални последици. Оние последици за кои тројцата претставници на државата ни велат дека се невозможни, зашто се во прашање банални луѓе: пијани луѓе кои се тепаат по кафеани.

Да се сетиме на историскиот пример кој важи за најлоша креација во историјата, незамисливо сурово општество, нацистичка Германија. И тие почнаа во минхенските пивници. Малку потскокнуваа на масите облечени во кратки кожени панталони, се чукаа со криглите, а потоа еден од нив, пропаднат сликар, ги заинтересира сите со своите приказни за еврејската завера. Тоа го слушнал еден поранешен пилот, надуенко желен за женско друштво и сјаен орден, макар морал и самиот да си го додели (Херман Геринг). Потоа го слушнал еден човек кој својата политичка определба ја одредил со фрлање паричка и кој подоцна ги убил сопствените деца (Јозеф Гебелс). Го слушнал и тоталниот цар на сите наци-будали: пропаднатиот одгледувач на пилиња кој сонувал дека е наследник на хероите од викиншките саги запишани на рунско знаковно писмо; лик кој ја создаде „Ahnenerbe“, квази-академска институција за измислување на германско сè и сешто, само да е германско и големо/силно/моќно/убаво; кој смисли нова нацистичка хокус-покус религија/магија со некои комични обреди и костими, цело време тврдејќи дека обновува некаква „вистинска германска религија“ (Хајнрих Химлер). (Не можам да побегнам од впечатокот дека истото го прават и современите српски [србски] десничари. Бидејќи Србите не се единствени христијани на светот, а за изградба на нашата верзија на хокус-покус религија е потребно нешто ексклузивно и само српско, и религијата денес се измислува [се нарекува „светосавје“], а покрај неа и обредите, костимите, однесувањето, моралот, јазикот итн. Сето она што нацистичките комедијанти се обидувале да го напрaват додека малку, ете, „будалисувале“)[2].

Никогаш не ја потценувај моќта на будалата во толпа.


 

[1] Играта на зборови не е случајна

[2] Да се потсетиме на една сцена од филмот „Кабаре“. Секако, највпечатлива сцена е онаа во кафеаната во која момчето со ангелски глас пее навидум невина песничка „Tomorrow belongs to me“. Невина, додека неочекувано не ја крене раката во знак на нацистички поздрав, укажувајќи на фактот дека иднината не мора да биде светла доколку ја наследат младите. (Дигресија: иако на Европејците од почетокот на пеењето на оваа песна им е јасно дека ја пее Хитлер-југенд, филмот е направен првенствено за американскиот пазар, а бидејќи во САД не постоело тоа непосредно искуство со нацизмот, ниту била развиена културата на препознавање на нацистичката симболика, за публиката во Америка свастиката на униформата е навистина неочекувана. Она што за Европејците е Хитлер-југенд, за Американците, ако не е свастиката, е момче во униформа на извидник.) Да не заборавиме дека пред оваа сцена еден од актерите во филмот, алудирајќи на баналноста на нацизмот, се изјаснува за нацистите со зборовите: „можеме да ги контролираме“, што се става под прашање по загрижувачката едногласност на кафеанската публика која од срце ја прифаќа песната.

Извор: pescanik.net, 07.02.2013.
Слики: Mark Ryden

Слични содржини

Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото