Машки хетеро курви. Проститутки. Жигола.

14.02.2013 12:48
Машки хетеро курви. Проститутки. Жигола.

„Знаете, би било подобро да се најдеме на плажа, за да можете подобро да видите како изгледам“, вели самоуверениот, длабок машки глас од другата страна на телефонската слушалка. „Лесно ќе ме препознаете; висок сум, со умерено истакнати мускули, кратка руса коса и ќе носам тесна, бела маица“. Уште се немаме сретнато, но за него го знам она што не го знам ни за блиските пријатели: му ги знам криетриумите и дека од сексуалните практики не се соглуасува единствено на садомазохистички и хомосексуален однос. Може сè друго.

Марио (27) приоѓа на плажата во Опатија и се препознава меѓу ретките капачи. Изгледа онака како што наведе; се гледа дека барем два часа дневно поминува во вежбална, маицата му е затегната од мускулите, облечен е лежерно и добро изгледа. Се ракуваме, како што е вообичаено за работна средба, и по неколку минути, со утринско еспресо ми ги покажува своите голи фотографии. Тоа така оди во таа работа; ќе сретнете некого за прв пат во животот и следниот момент е веќе без облека на себе. Марио е машка проститутка. Жиголо, ме поправа.

Неговата професионална кариера почнала сосем случајно, кога пред неколку години запознал средновечна Словенка на летување во Кварнер. Поминале неколку дена заедно и откако си заминала, му оставила плик на рецепција. Наместо проштално писмо, во него оставила пари. Марио бил изненаден, но нималку навреден. Напротив, сфатил дека тоа би можело да му биде идеален дополнителен извор на приходи.

Марио е еден од десеттината жигола со коишто се сретнав – а телефонски и по електронска пошта контактирав со многу повеќе – за време на едномесечното истражување на машката хетеросексуална проституција во Хрватска, што го покренав откако на странските интернет страници наидов на податокот дека Хрватска е една од топ дестинациите за женскиот сексуален туризам во Југоисточна Европа.

Дека има работа во проституцијата и за мажите што нудат услуги исклучиво на жени, потврдува податокот дека приближно 600000 жени од Западот имале искуство со сексуалниот туризам во последните 25 години. Многу од нив како редовни посетителки на топлите краишта – најчесто Карибите и Африка – и тамошните достапни, најчесто сиромашни мажи. Тоа вообичаено се нарекува „романса“ кога се работи за жени. Но, и покрај славата на интернет, Хрватска не се наоѓа на таа тура. За да најдете професионален жиголо во Хрватска, мора да вложите многу труд. Не постојат места, кафулиња или клубови за коишто се знае дека таму жените може да изнајмат Marlboro man, што е еден од бројните еуфемизми за машките (хетеро)сексуални работници. Меѓу огласите на интернет што ги објавуваат агенциите за придружнички во Хрватска за странските клиенти не може да се најде ниеден маж. Дури и да наидете на некој оглас за придружник, тој е наменет за геј мажите. Во цела Европа, проституцијата и понатаму е доминантно женска бранша. „Во 99% од случаите во Хрватска, со проституција се занимаваат жени“, вели Златко Коштиќ, полициски службеник што со години работи на случаите на организиран криминал. Според податоците од МВР, меѓу 2002 и 2009 година биле регистрирани 1968 проститутки, од нив шест мажи, но само еден што се занимавал со проституција за жени.

Не постојат никакви истражувања што овозможуваат податоци за хетеросексуалната машка проституција во Хрватска. Од ретките здруженија што ги снабдуваат проститутките со кондоми, како здружението Let од Загреб и Help од Сплит, велат дека никогаш не се сретнале со мажи проститутки. Ист одговор добив и од лекарите што во различни здравствени институции со години се занимаваат со сескуално преносливи болести.

За споредба, од вкупниот број сексуални работници во Европа, 87% се жени, 7% мажи и 6% трансродни лица. Најголем дел од машките сексуални работници во Европа (10%) се наоѓа во Јужната регија, а тука спаѓа и Западен Балкан. Во Полска има дури 15% машки сексуални работници. Франција, Грција, Белгија, Луксембург и Италија имаат висок процент трансродни сексуални работници, што изнеусва од 15 до 25%.

Но, тоа не значи дека хетеросексуалната машка проституција во Хрватска не постои.

Има изненадувачки многу мажи коишто се спремни за кариера на жиголо. Само во првите два дена откако на интернет го објавив огласот дека барам жигола, и тоа во лето кога луѓето не се пред компјутер, се јавија педесеттина заинтересирани. Добивав понуди од цела Хрватска, па и од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Белград, што продолжија да пристигнуваат и претстојните седмици.

За чудо, најголем дел од нив ми изгледаа сериозни; во повеќекратна преписка наведуваат разработен ценовник според услугите, личен опис, често приложуваа и фотографии, со телефонски контакти и објаснувања на што би се согласиле, а на што не. Главно ограничувањата се сведуваа на ЅМ и „страста број 2“. Ретко кој од нив не сакаше жени со повеќе од 55 години или со повеќе од 90 килограми телесна тежина. Само еден не сакаше омажени жени, затоа што „не сака да се меша во Божјата работа“. Со нив се сретнав и во живо. Излезе дека нивното искуство главно се сведува на понекоја летна авантура, слична на онаа на Марио, на масажа „со отворени можности“ или снимање нискобуџетни порно филмови во Србија. Имаше секакви приказни; студент од мало место, оженет маж со сериозна работа, професор во училиште на којшто му истекува работниот договор, долгокос туристички водич којшто изгледа како скејтер...Никој од нив не се одлучил на таа работа затоа што бил сиромашен, иако парите не им се вишок. И никому не ми се чинеше дека во тоа има нешто деградирачко. Гледаат на тоа повеќе низ призма на „American gigolo“ отколку „Midnight Cowboy “.

Александар Штулхофер, социолог на телесноста од Филозофскиот факутлтет во Загреб, ова го објаснува упатувајќи на статусот што го уживаат машките (хетеро)сексуални работници во хрватскиот јавен дискурс и којшто е поинаков и помалку стигматизиран отколку оној на жените што се занимаваат со проституција. „Слично е и во најголем дел од земјите со силна патријархална традиција и мачоистичка идеологија“, вели Штулхофер.

Сепак, Марио не сака на сопствена кожа да го почуствува општественото мислење за жиголата. Иако тврди дека би можел да живее од тоа, затоа што „му оди со жени“ и пријателите му велат дека поради него „Казанова не може да почива во мир“, тој работи пристојно платена работа во државна фирма и има само неколку редовни клинетки. „Тоа се омажени жени во четириесеттите години, чиишто мажи постојано работат, па тие се чувствуваат запоставени. Јас им угодувам, им праќам нежни пораки, ги слушам, иако тоа ми влегува од едното уво и излегува од другото. Со жените е едонсавно“, самоуверено вели тој. Истото го тврди и за партнерката со којашто живее, а која, како и останатите, нема никаква идеја за тоа на кој начин тој дополнително заработува за домашниот буџет. „Таа не може да се посомнева, десет години се занимавав со бокс, јас сум мачо тип, па не може да бидам некој што ќе го плаќаат жени“.

За да ја задржи во тајност својата дополнителна работа, Марио не сака да работи за никој, што инаку е честа пракса во машката проституција. Тие многу поретко имаат свои сводници, за разлика од жените, затоа што работата им е помалку ризична, па не им треба заштита.

Но, Иван (26) и Лео (27) работат во Загреб во агенција за придружници, што на интернет објавува огласи под различни имиња и ветува „елеганција, префинетост, убавина, љубезност, добро однесување и дискреција“. Но, сето тоа е наменето за машките клиенти. Во понудата никаде не се отркива дека вклучуваат и мажи. Сепак, тие доаѓаат во вашиот простор за 1000 евра во текот на денот каде било во Хрватска или за 200 евра на час во Загреб, според телефонските известувања од нивниот „претставник“. Иван работи како модел, а Лео како телохранител, а со придружбата си го дополнуваат буџетот. Од тие 200 евра на час, тие добиваат половина, а другата половина оди кај агенцијата. Тие се задоволни од условите за работа, велат дека можат и да одбијат некој муштерија ако не им се допаѓа, затоа што „секогаш ќе се најде некој друг што не бира многу и може да заврши секаква работа“. Никој не ги споменува зборовите „сводник“ или „проституција“. Двајцата се симпатични, пристојни и насмеани. Делуваат како момци што би можеле да ги донесете со себе на семеен ручек. На морализаторското прашање за тоа како реагираат пријателите на нивната работа, тие велат дека им завидуваат. „Се сексаме со згодни жени и уште ни плаќаат за тоа!“ Лео уште се сеќава на сексапилната адвокатка што ја посетил пред два месеци и се надева дека повторно ќе го повика. Всушност, нејзиниот сопруг, таа не. Затоа што, нив најчесто ги ангажираат мажи за своите сопруги, додека тие гледаат или снимаат. Никаков хомосексуален однос не доаѓа предвид. Нивните клиенти главно се добро ситуирани парови во триесеттите и четириесеттие години, коишто сакаат да ја разбијат монотонијата, да пробаат нешто ново или да остварат некаква фантазија. Чија фантазија – на мажот или на жената? По кратко размислување, Иван се откажува: „Не знам. Всушност, никогаш и не сум размислувал за тоа“. Но, нивното искуство не е исклучок.

Тони веќе шест години работи во Загреб исклучиво како жиголо. Секој ден има по три или четири часа работа, освен недела, тогаш не се работи. „Еден ден во седмицата треба да го поминете со семејството“, сериозно го објаснува своето кредо. И неговите клиенти се парови – меѓу 22 и 55 години, наведува тој прецизно – и бидејќи има сè поголема побарувачка одлучи уште некого да вклучи во својата работа. Не сака да ангажира никој што има повеќе од 27 години, иако и самиот е во доцните триесетти. Меѓу стотиците огласи на жени коишто нудат разни сексуални услуги, во Синиот огласник неговиот беше единсвен за машка придружба. Цената не е висока, 400 куни на час. Плаќаат мажите откако Тони ќе ги задоволи нивните сопруги. Така излегува дека во Хрватска, клиенти на хетеросексуалните жигола се всушност мажите.

„Секако дека тоа е интересен податок. Не би се впуштал во интерпретирање, но претпоставувам дека за мажите е поедноставно да ги платат услугите на тајниот пазар на машки сексуални услуги, од различни причини, вклучувајќи ги и оние културолошките и финансиските“, вели Александар Штулхофер. Тој не смета дека традиционалниот сексуален морал е главната причина поради којашто во Хрватска нема развиена машка проституција наменета за жени.

„Истражувањата укажуваат на широкораспространета сексуална пермисивност, особено меѓу младите генерации на урбани жени во Хрватска, што се споредува со податоците добиени во западноевропските земји“, објаснува Штулхофер. Како една од можните причини поради којашто мажите им плаќаат жигола за своите сопруги, тој наведува дека бројот на самици коишто може да си дозволат таква услуга во Хрватска сè уште е релативно мал, што се одразува и на фактот дека тука популарната култура ретко, ако воопшто и некогаш реферира на машки стриптизери или сексуални работници. И навистина е така. Сè што во Хрватска игра на картата на сексуалноста – од мејнстрим индустријата на објавување огласи до илегалната сексуална понуда – сето тоа е наменето за машките конзументи. Се чини дека на жените да им се одзема можноста за финансиска моќ и сексуална желба. Особено во комбинација.

Меѓу оние што имаат и пари и желба е Стефани (44) од Швајцарија, којашто повремено работно доаѓа во Хрватска: „Уште откако почнав да доаѓам пред неколку години, се обидувам да најдам некој за платени средби. Од генерацијата на мојата мајка ги слушав приказните за веселите летувања на Јадран, а и ми се допаѓаат овдешните мажи. Кога на интернет не успеав да најдам никаква понуда, почнав индирекно да се распрашувам, особено кај хотелските рецепционери затоа што обично тие ги знаат ваквите нешта. Сите ми рекоа дека такво нешто не постои и дека хрватските мажи не се продаваат“.

Така, Стефани ги поминувала загрепските ноќи менувајќи телевизиски канали во хотелска соба. Таа работи просечно 55 часа седмично и барем 10 часа месечно ги поминува на пат. Никогаш не стапила во брак, нема деца и одамна изгубила волја да излегува и да запознава мажи. Кога пред неколку години дознала дека во близина на местото каде што живее во Швајцарија, Луган, има бордел наменет исклучиво за жени, одлучила да го посети. Сега има „постојан дечко“, како што го нарекува, којшто доаѓа кај неа еднаш до два пати седмично. „Иако проституцијата е легална во Швајцарија, општеството полиберално и жените поеманципирани, машката проституција сепак е табу тема. Стигматизирани се оние што се занимаваат со неа, а уште повеќе жените што ги користат нивите услуги“, вели таа, доведувајќи ги таквите двоструки критериуми во врска со тоа што не постои историја на женското сексуално искористување на мажите. „Едни мислат дека жените не мора да плаќаат за секс затоа што можат бесплатно да го добијат кога ќе им се присака. Но, како кога во сабота навечер сум мртва уморна од работната седмица и само сакам да останам дома и да се опуштам? А други мислат дека за жените сексот нужно е поврзан со чувствата па затоа за жиголата нема перспектива. Е тука многу се лажат!“, се смее Стефани.

Во сиромашниот домашен пазар, највидливи се стриптизерите. Во некои случаи, откако ќе ја соблечат полициската униформа како еден од омилените перформативни костими, овие забавувачи нудат и „целосна услуга“. Вообичаената тарифа е 200 евра за 30 минути стриптиз, 100 евра за секс во траење од еден час. Кога на двајца стриптизери им укажав на нелогичната разлика во цените, тие одговорија многу слично: „Па за стриптиз сепак треба нешто да знаете!“

Првата веб страница што почна со изнесување податоци за машките придружници ширум светот, gigolojobs.com се рекламира со слоганот „Аристократи на сексот со префинети манири“. И за тоа веројатно треба нешто да знаете. Но, додека не се оформи пазарот, хрватските жигола можеби нема да бидат толку висококвалификувата работна сила, но имаат волја. Тие се спреми, а жените?

Извор: voxfeminae.net

Слики: Жет ван дер Ленде

Слични содржини

Јавни Простори / Балкан / Уживање
Јавни Простори / Балкан / Екологија
Активизам / Балкан

ОкоБоли главаВицФото