Реакција на годишната програма на Министерството за култура

15.02.2013 11:55
Реакција на годишната програма на Министерството за култура

Јадро - асоцијација на независната културна сцена, после начелна анализа на објавените резултати од конкурсот за финансирање на проекти од областа на културата, кој е насловен како „Годишна програма за остварување на националниот интерес во 2013 година“, реагира врз основа на првичните сознанија. Со голема загриженост укажуваме на нетранспарентност и проблематичност во однос на неколку точки:

1. НЕМА јасни критериуми според кои одредени проекти се прогласуваат за содржини од национален интерес а други не;

2. НЕМА образложение, аргументирано согласно критериумите (кои, патем се општи, без специфика за одделните области), за добиените и за одбиените проекти;

3. Финансиска нетранспарентност;

4. Немање прецизни, достапни и видливи информации на комисиите (надворешните и внатрешните членови) кои одлучуваат;

5. Присутност на самото Министерство за култура како имплементатор на проекти и добитник на средства за реализација на истите;

Воедно, би сакале да укажеме дека годинава најмногу е воочлива тенденцијата која е погубна за развојот на културната продукција во Македонија. Се забележува огромна расцепканост и нестратешки основана поддршка на мноштво уметници, културни работници, институции, сите ставени речиси во ист кош без да се направи сублимација според јасни и специфични критериуми. Ваквата културна политика упатува на калкулантски манир правејќи обид да се задоволат што повеќе актери на културната сцена.

Иако резултатите се јавно објавени, никако не е јасно што всушност ќе се финансира. Еден месец по објавувањето на резултатите никој не располага со детали околу добиените средства. Организациите и проектите кои се вклучени во годишната Програма за 2013 деновиве се само писмено известени дека се дел од програмата, но голем дел од нив (оние кои ги контактираше Јадро) немаат идеја колку средства добиле и кога тие средства ќе им бидат на располагање. Оние што се одбиени, имаат образложенија кои се засноваат на критериуми кои не биле претходно никаде наведени, запишани или пак зацртани.

Согласно законот за култура, од член 64, 65 и 66, најголемата моќ на одлучување е сконцентрирана во министерот за култура, кој според препорака на експертските тела ја носи конечната одлука во валоризацијата на проектите. Со овој метод на функционирање на Министерството сметаме дека не постои никаква транспарентност при трошењето на јавните пари бидејќи Министерството никогаш јавно не ги објавува сумите (кој и колку и за што добил или потрошил на крајот на годината). Со години се објавуваат само списоци на имињата на организациите и поединците без разлика дали им се одобрени 1000 или 10.000.000 денари. Со оглед на ова, отворено прашуваме дали јавните пари се трошат тајно и дали годишната програма Министерството навистина ја исполнува?

Како Асоцијација на независната културна сцена, прашуваме:

До кога Министерството ќе ги води сите институции (од Национални установи до локални здруженија) во ист кош и според исти критериуми? Дали Министерството планира некогаш да направи категоризација на конкурсите и конечно однапред да ги подели средствата за јавните, локалните и независните институции?

Сметаме дека одговорот на овие прашања ќе воведе барем малку ред и отчетност при трошењето на јавните пари.

Особено сакаме да истакнеме дека здруженијата на граѓани како и интердисциплинарните проекти кои се во сферата на независниот културен сектор, се најзапсотавениот и најнетранспарентно третираниот дел од овој Конкурс. Сосема е нејасно како се одлучува по овие проекти, кој одлучува и колкави буџетски ставки се одвојуваат?

По повод овие случувања, но и по повод крајната негрижа за постоечките културни капацитети и уметнички вредности, ЈАДРО повикува на јавен дијалог помеѓу сите надлежни, стручни и заинтересирани страни, за отпочнување на процес во кој ќе дојдеме до решенија во полза на културата во Македонија. Како Асоцијација на независната културна сцена, ја известуваме јавноста дека сме подготвени да придонесеме во јавна дебата, квалитативно и логистички, но и дека очекуваме стручната јавност и надлежните институции да се вклучат во оваа конструктивна инцијатива.

www.jadroasocijacija.org.mk

 

ЈАДРО – Aсоцијација на независната културна сцена е непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа која се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократицација во културата и пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор. Главните активности на оваа платформа, во која се здружуваат организации, поединци и неформални групи, ќе бидат насочени кон обезбедување поширока видливост и општествена релевантност на независниот културен сектор преку континуирана застапеност на програмски активности, застапување за стабилен развој на секторот, јакнење на неговото влијание во социо-културниот контекст, развој на алтернативни културни практики на национално, локално и регионално рамниште.

 

 

ЈАДРО има цел да прерасне во про-активен учесник во социо-културнитe процеси и ќе придонесе во пошироката развојна динамика на демократизација на општеството и на јавната сфера. Преку платформата ќе се стимулира културата како постојан процес на динамични, хетерогени идеи, идентитети и формати на уметничко изразување.

ОкоБоли главаВицФото