Марихуана без „напушувачко“ дејство

18.02.2013 10:29
Марихуана без „напушувачко“ дејство

Израелски научници развија медицинска марихуана која ги ублажува симптомите на некои болести, а пациентите притоа не се чувствуваат „напушено“.

Канабисот има повеќе од шеесет хемиски соединенија кои се викаат канабиноиди. Најверојатно најпознат од нив е ТХЦ, помалку поради своите медицински благодати, а повеќе поради психоактивните својства кои им даваат на луѓето чувство на „напушеност“.

Но, канабисот содржи и канабидиол или ЦБД, супстанца за која некои научници велат дека дејствува против болки. За разлка од ТХЦ, ретко се врзува за рецепторите во мозокот и поради тоа може да функционира без дрогирање на пациентот.

Израелскиот одгледувач на медицински канабис, Тикун Олам, го започнал своето истражување во 2009 година и пред отприлика шест месеци ја осмислил Авидекел, вели Зак Клајн, раководител на одделот за развој во компанијата.

„Понекогаш да се биде напушен не е она што им е потребно на луѓето. Понекогаш тоа е и несакана последица. На некои луѓе не им е пријатно“, вели Клајн. Во Израел Марихуаната е легална дрога чие користење во медицински цели прв пат е одобрено во 1993 година.

Според Министерството за здравство денес канабисот во Израел се користи за лечење на 9.000 луѓе кои боледуваат од рак, Паркинсова болест, мултиплекс склероза, Кронова болест и ПТСП.

Клинички испитувања

Компаниите за производство на лекови исто така покажаа интерес за канабисот како лек. Британската GW Pharmaceuticals заедно со Bayer и Almirall го продаваат спрејот Sativex кој се користи под јазикот, а направен е со цел да ја намалува „дрогираноста“ манипулирајќи со нивото на активните состојки.

Рафаел Мекхаулам, професор по медицинска хемија на Еврејскиот универзитет во Израел, вели дека Авидекел би требало да биде прва канабис билка збогатена со ЦБД, а без ТХЦ, одгледувана во Израел.

„Можно е нивото на ЦБД во однос на ТХЦ во Аведекел да е најголемо меѓу видовите медицинска марихуана од компаниите кои се занимаваат со нивно производство, но индустријата не е добро организирана па не може да се следи што работи секоја компанија “, вели Мекхаулам.

Иако до сега немало клинички испитувања врз луѓе, Мекхаулам, водечкиот истражувач на канабиноиди, вели дека Авидекел покажува ветувачки својства против болки. Клајн вели дека моментално десетина пациенти го користат новиот вид марихуана.

Професорката Рут Галили, исто така од Еврејскиот универзитет, која работи за компанијата, го проучувала ЦБД повеќе од дванаесет години и вели дека открила дека супстанцата има импресивно дејство против болки. Таа ги тестирала ефектите на канабисот збогатен со ЦБД на глувци и очекува клиничките тестирања да започнат за неколку месеци.

„Канабисот збогатен со ЦБД може да се користи за лечење болести како што се ревматоиден артритис, колитис, воспаление на црниот дроб, срцеви болести и дијабетес“, вели Галили, додавајќи дека нема никакви штетни ефекти.

Извор: geek.hr