Ноќна прошетка

19.02.2013 09:12
Ноќна прошетка

Поминав уште една вечер кај Вера. Кога дојде полноќ веќе беше време да си заминам; следниот ден таа требаше да стане порано за да заврши некои работи во банка пред да оди на работа. Ме испрати до вратата, се бакнавме и јас излегов од нејзината куќа. Вечерта беше невообичаено топла за февруари, па наместо со такси решив да се враќам дома пеш. Ми претстоеше еден час пешачење. Погледнав во чистото небо на кое се оцртуваше еден мал дел од вселената и тргнав, задоволно свиркајќи со устата. Чувствував необјаснива радост поради нешто што ни самиот не можев да го определам.

Вера живееше на самиот крај од градот, веднаш до автопатот. Понекогаш, кога останував да преспијам кај неа, наутро ме будеше сообраќајот кој речиси никогаш не престануваше. Овојпат, напротив, автопатот беше тивок. Повремено ќе поминеше некој огромен и долг камион натоварен со стоки и производи кои требаа да бидат доставени пред почетокот на работниот ден. И воопшто, целата населба беше тивка. Луѓето спиеја во своите домови; само јас, како некое сениште, чекорев по празната улица и го нарушував нејзиното спокојство. Откако ја оставив зад себе, сега еден дел од најкраткиот пат до дома требаше да го минам чекорејќи напоредно со автопатот. Во далечината светкаше една бензиска станица. Малку пред неа, еден полициски автомобил беше паркиран во мракот. Кога му се доближив, двајца припадници на сообраќајната полиција со досада разговараа за некој фудбалски натпревар. Ме погледнаа со одредена сомничавост, а кога ги одминав, сопреа еден бел автомобил кој во далечината се појави со огромна брзина. Ја одминав и бензиската станица во чиј состав работеше и ресторан во кој неколку ноќни патници вечераа додека нивните возила одмораа по долгиот пат. Сега од мојата лева страна се наоѓаше автопатот, а од десната урнатини од некои стари куќи. Наскоро тие остатоци од некој минат живот ќе бидат исчистени за на нивно место да никнат високи современи згради. Се обидов да си ги замислам зградите, и не знам зошто, сите наликуваа на онаа во којашто живеев. Едно мало црно кученце се појави меѓу ѕидовите и почна да ме следи. Беше слабо и изнемоштено. Пребарав низ џебовите со надеж дека ќе најдам нешто за јадење, ама без успех. Се обидов да го помилувам, но кучето претпазливо стоеше на неколку чекори од мене и не реагираше на моите повикувања. По неколку обиди се откажав од намерата и му го завртев грбот, продолжувајќи со чекорењето.

 

Повремено ќе се свртев и ќе го видев како сè уште ме следи. Одредено време го чувствував неговото присуство зад грбот, а потоа, наеднаш престанав. Кога се свртев, го немаше. Најверојатно се откажало од моето следење. Кај железничкиот мост што минуваше над автопатот почнав да чувствувам друго присуство, на некое поголемо суштество. Се свртев и зад себе здогледав едно дете во црна јакна. Чекореше во ритамот на мојот ôд. Кога застанав во место, застана и тоа. Во близина имаше уште една бензиска станица, па затоа не се чувствував загрозено, иако често во весниците наидував на статии во кои пишуваше за ограбени граѓани од момчиња вооружени со нож или со пиштол. Сепак, се чинеше дека детето што ме следи е далеку под возраста кога се појавува таквата дрскост. За секој случај, пред да продолжам, едната рака ја стиснав во тупаница и ја ставив во џебот. Помина еден камион кој со своето свирење како да сакаше да ме поздрави. Од мојата десна страна сега се протегаше огромното и долго здание на железарницата која деноноќно го труеше градот. Во далечината светкаа прозорците на зградите од најблиската населба. По неколкуминутно одење се свртев, но зад мене го немаше детето во црна јакна. Сега повторно ме следеше кученцето, кое неочекувано се појави, одржувајќи одредено растојание. Овој дел од градот беше послабо осветлен, а згора на тоа, не работеа неколку од уличните светилки, па затоа го забрзав чекорот. За кратко време изминав огромно растојание и веќе се најдов до една крајпатна кафеана која ја навестуваше населбата со високи згради кои до пред малку ги гледав во далечината. Низ осветленото стакло ги видов последните пијани гости кои одбиваа да станат иако музиката беше стишена, а келнерите со нељубезни изрази на лицата ги раскреваа масите. Конечно, го оставив автопатот далеку зад себе и сега чекорев по полуосветлените улички меѓу зградите. Веќе имав изминато половина пат. Погледнав на рачниот часовник: беше дванаесет и пол. Се свртев, повеќе од навика отколку од потреба, а зад мене повторно се наоѓаше детето во црна јакна кое се сепна и претпазливо застана кога забележа дека престанав да одам. Во полутемнината можев само да ги разликувам основните контури на неговата фигура. Сакав да му се обратам, да го прашам зошто ме следи, но потоа се сетив дека во близина има еден надвозник под кој во картонски привремени живеалишта живеат неколку бездомни семејства, па веројатноста дека детето оди таму не требаше ја исклучам. Ја олабавив стисната тупаница и спокојно му го завртев грбот, продолжувајќи со одот. Патот ме водеше меѓу мноштво згради. Никаде луѓе, и таа празнотија на улиците, на детските игралишта и на малите паркчиња, оставаше некаков злокобен и сенишен впечаток. Не ми беше првпат да се враќам пеш од кај Вера, но оваа вечер радоста што ја чувствував кога излегов од нејзиниот дом сега се замени со некое тревожно чувство, и едвај чекав да стасам во својот стан. Пресеков низ еден поголем парк; на плочникот во неговата средина имаше многу скршени стакла од шишиња пиво што укажуваа на ноќните дивеења на некои млади луѓе. Малку подолу, сите клупи беа превртени, а кантите за отпад расфрлени низ тревникот. Со одредена згрозеност излегов од паркот и се најдов пред една раскрсница. Тогаш се свртев. Зад мене се наоѓаше црното кученце кое душкаше една од кантите. Помислив на тоа дека детето се вратило кај своите родители и во овие мигови им раскажува за некој непознат човек што постојано се вртел зад себе, мислејќи дека е следен. Следеше најтешкиот дел од патот зашто тој водеше по улицата што се искачуваше по ридот пред мене на кој се наоѓаше населба со куќи и ниски згради. Доколку се искачев, заштедував дваесетина минути. Имав и втора опција – да појдам по улицата што кружеше околу ридот – но мене сега ми се брзаше да стасам дома. Погледнав на часовникот, а потоа тргнав. Зад себе го чувствував присуството на кучето. Размислував за тоа како природата ретко ни подарува вакви прекрасни зимски ноќи и за тоа како добро сторив што тргнав пеш. Кога конечно го искачив ридот, се најдов пред една продавница која сè уште работеше. До неа беа паркирани неколку такси возила, а нивните возачи стоеја покрај нив и набрзина јадеа додека не го добиле следниот повик. Влегов во продавницата. Под внимателните погледи на мажот и жената што стоеја зад касата, кои најверојатно беа и сопствениците, ги разгледав полиците и на крајот купив една кифла бидејќи изборот се беше намалил по пристигнувањето на таксистите. Кога излегов, кучето го немаше. Пребарав наоколу со погледот, но тоа не се појавуваше. Помислив на тоа дека сигурно заталкало некаде помеѓу зградите. Почекав една минута, а потоа тргнав. Каснав еднаш од кифлата, но таа беше толку бајата што веднаш плукнав на страна. Ја ставив во кесата и ја пикнав во џебот: можеби кученцето повторно ќе се појави, па ќе му ја подадам во знак на пријателство. Продавницата остана зад мене, и јас се најдов меѓу куќите слични на оние од населбата во која живееше Вера. Гледав во нивните средени дворови; воопшто, од секаде зрачеше беспрекорноста, одлика на нивните сопственици. Се обидов да си ги претставам во мислите: убави, среќни луѓе кои знаат што сакаат од животот и кои ги живеат своите соништа за разлика од многумина други. Помина еден автомобил кој ја осветли улицата пред себе. Потоа се изгуби; беше проголтан од некој двор. Тишината повторно се спушти. Слушнав тивки чекори зад себе; кога се свртев, детето во црна јакна ми се доближуваше од огромна далечина. Застана на определено растојание и целата негова фигура оддаваше некакво исчекување. Што сака тоа од мене? И дали сака нешто? Му се обратив, но не добив одговор. Потоа се повлече неколку чекори наназад и повторно застана во истата положба на исчекување. Немав избор, па продолжив напред. Наскоро стасав до делот на улицата каде што таа почнуваше да се спушта надолу, од другата страна на ридот, и водеше кон еден друг, помал рид, населен само со куќи. Помалку од петнаесет минути ме делеа од дома. Почнав да се спуштам. Некаде на половина пат, престанав да го чувствувам присуството на детето. Се свртев, и овојпат зад мене одеше кученцето. Ја извадив кифлата од џебот и ја оставив на тротоарот. Потоа се оддалечив. Кучето претпазливо се доближи до неа и ја помириса. Кога помислив дека ќе ја изеде, тоа ја тргна муцката од неа и погледна кон мене. Се насмевнав во себе. Види го ти него, си помислив, ај што е гладно, па и пребира. Ама не можев да му се лутам: толку бајата кифла никој не би сакал да изеде. Продолжив да се симнувам.

 

Кога се доближив до првите куќи, залајаа неколку кучиња кои го насетија моето приближување. Црното кученце застана и ги начули ушите. Фркна еднаш, како да сакаше да укаже на баналноста на тие лаежи во ноќта, со што јас сосем се согласував. Набрзо излегов на последната раскрсница што ме делеше од зградата во која живеев; за помалку од пет минути ќе лежам во својот кревет и ќе тонам во слатките, но опасни води на сонот. Почекав да се вклучи зеленото светло, па ја преминав улицата. Кученцето ме следеше. Овде уличното светло беше посилно, и можев поубаво да го разгледам. Се гледаше дека некогаш било убаво и расно, пред да биде напуштено од својот сопственик. Решив да го земам со себе, се разбира, ако успеам да го фатам. Веќе испланирав да го избањам, да го однесам следниот ден на ветеринар и постепено да го навикнувам на живот со мене. Ете, се најдов на последната улица што требаше да ја изминам вечерта. Се свртев. Кученцето не беше зад мене. Со разочарување утврдив дека повторно некаде заталкало. Во далечината се слушнаа неколку истрели од пиштол. Потоа се слушна и чкрипење на автомобилски гуми, и брмчењето на моторот на некој стар автомобил. Побрзав кон зградата, и кога стасав пред нејзиниот влез, слушнав како некој автомобил влегува во улицата што водеше кон него. Не сакав да се свртам, и токму кога сакав да исчезнам во внатрешноста на дванаесеткатницата, зад себе слушнав звук на тап удар, кучешко квичење и кратко кочење на автомобил. Се свртев, а автомобилот забрза, сврте десно по улицата и се изгуби во мракот. Во сета таа брзаница не успеав да ги запаметам неговите регистерски таблички. На улицата се црнееше нечие мало и неподвижно тело. Со трчање се доближив до него и со ужас сфатив дека тоа е истото дете кое ме следеше цела вечер. Не дишеше. Од блиската зграда истрчаа двајца мажи, а неколку љубопитни глави ѕиркаа од прозорците. Едниот од нив рече дека пријавиле во полиција и дека се јавиле во службата за итна помош. Другиот ме праша дали го запомнив автомобилот. Не му одговорив. Сè уште бев замелушен од она што се случи. Болничарите пристигнаа брзо, но сепак беше доцна; можеа само да ја потврдат смртта. Дојде и полиција. Направија записник, ни зедоа изјави, мереа, фотографираа и заминаа заедно со болничарите кои го зедоа детето. Останавме само ние тројцата. Стоевме и молчевме. Кутрото дете, тажно рече едниот од нив. Со мачнина во гласовите си посакавме добра ноќ и се разделивме, секој брзајќи кон својот дом.

Слики: Meghan Howland

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Ѓорѓи Крстевски
Пандалф Вулкански
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото