Дневен ред на седница на руската Дума

19.02.2013 10:24
Дневен ред на седница на руската Дума

Дневен ред: да се забрани сè.

Да се забрани посвојување на руски деца од страна на граѓани на Америка, затоа што меѓу Американците коишто посвојуваат се забележани крвници.

Да се забранат семките за грицкање, затоа што некогаш одамна некои од оние што грицкале семки биле и мршојадци.

Да се запре слободната продажба на сапун, затоа што со тоа се пропагира самоубиство.

Да се забрани акварелот, затоа што таа сликарска техника ја користел Хитлер, а сите многу добро знаеме што се случи потоа.

Не, ова не е крај. Нема сопирање! Одиме понатаму, со исто темпо и не го исклучувајте печатачот. На народот секојдневно му се потребни нови, свежи закони.

Да се ограничат правата на хомосексуалците, затоа што забележано е дека меѓу нив има и педофили.

Да ги заштитиме нашите деца! Да им забраниме на хомосексуалците да живеат заедно, да склучуваат бракови и меѓусебно да наследуваат имот. А каква врска има ова со децата? Па и нема, туку зошто да не – за секој случај. Да не испадне дека тие први се сетија.

Штета што меѓу педофилите има толку малку лезбејки. Но, не смееме да дозволиме тоа да нè сопре. И затоа, во името на Христа – прогонувајте ги и нив заедно со педерите.

Нема сопирање! Забележано е дека има педофили и меѓу хетеросексуалците. Милиони дрски хетеросексуалци живеат заедно и се преправаат дека сè е во ред. А всушност, тие раѓаат деца и само го чекаат првиот погоден момент за да ги обесчестат. И затоа...

Да се затворат матичните служби и да се ограничи наталитетот.

Колку помалку има деца, толку потешко ќе биде за педофилите. Исцрпувањето е нашето најсилно оружје и ќе го користиме до нашата конечна победа!

Покрај тоа, нели Чикатило беше наставник по физичко образование? Леле, каков пропуст! Веднаш да се забрани физичкото образование во училиштата, да се уапсат сите наставници по физичко образование, да се запечатат училишните спортски објекти, а Лесгафт да се казни со парична казна. Подобро сега, отколку после.

140 мртви пијани руски граѓани не успеале да го совладаат патот од Божиќ до Водици. Мразот ги дотепал. Итно да се уапси цело раководство на Хидро-метеоролошкиот завод.

Самоубиец скокнал од мост – да се сруши мостот!

Мацујев засвири на клавирот и промаши b-moll – да се отпушти оркестарот и да се отстрани споменикот на Чајковски. Всушност, во врска со борбата со педофилијата, на ова второто можевме и порано да се сетиме. Го знаеме ние тој „Детски албум“...

Нема сопирање! Само напред, побрзо! И да не се оддалечуваме од темата. Петмина загинати во сообраќајна несреќа. Тројца од нив претходно јаделе пица, а двајца рижото со печурки. И зошто италијанските ресторани уште не се затворени, а печурките забранети? Каде е Онишченко? Ние дојдовме овде за да работиме или да се проѕеваме? Зошто Иља Резник уште е на слобода? Па, зарем тој поет и пејач и понатаму се служи со оние букви со коишто лесно може да се напише зборот „к....“ или „Путин во пензија“?

И на крајот, за смрдеата. Граѓаните на Руската федерација вршат нужда по влезовите и го нарушуваат јавниот поредок по ѕидовите и оградите. А Думата не е учкур, па да се протегне низ целата татковина и да постави по еден Наришкин во секој влез. Но, проблемот е многу значаен и затоа веднаш мора да се реши. На молба од трудбениците, мокрењето најстрого да се забрани. Тие веќе молат. Тие плачат и молат!

Проблемите мора да се решаваат од корен. И нема сопирање сè до конечната победа на безумието. Не смее да им се дозволи на луѓето да дишат, затоа што и Хитлер дишеше, а сите многу добро знаеме што се случи потоа.

Што мислите, дали ова е доволно за една седница? Или да предложиме уште нешто, што ќе го прифатиме уште на прво читање? Додека печатачот не експлодирал?

Извор: newtimes.ru
Фотографии: Алексеј Василев