ВМРО-ДПМНЕ ќе формира СДСМ-Вистинска?

19.02.2013 12:32
ВМРО-ДПМНЕ ќе формира СДСМ-Вистинска?

ВМРО-ДПМНЕ е толку загрижена за состојбата во СДСМ, што ќе формира СДСМ-Вистинска.

По бојкотот од страна на опозициската СДСМ, во штабот на ВМРО-ДПМНЕ се вклучи портокаловото светло. Од извори блиски на кумашинката на братучедот, дознаваме дека бил одржан итен состанок на потесната фамилија и партиските калфи и чираци, на кој биле разгледувани предлози како да се надмине кризата по опозицискиот бојкот на локалните избори.

На маса биле разгледувани следниве предлози:

1. Да се направат сто генетички реплики на Стеван Јакимовиќ во тајните лаборатории на МАНУ-САНУ и истите да се кандидираат во сите општини како претставници на Српската напредувачка странка. Да се подготви изборна програма со наслов „Србин за 1 минута“, по урнек на преродбеничката библија „Менаџер за 1 минута“.

2. Да се распише дополнителен оглас за социјал-демократски против-кандидати во сите општини како претставници на Социјалдемократската унија и Социјалдемократската партија на Македонија, каде што предност ќе имаат кандидати со имиња како Рада Шеќерова, Бране Георгиевски, Тито Петровски, и сл.

3. Да се формира нова СДСМ-Вистинска, предводена од исклучени СДСМ-овци.

Дознаваме дека најмногу се разговарало за првиот оригинален предлог, но дека истиот бил отфрлен откако членовите на ургентниот тим на МАНУ-САНУ се испотепале кој ќе ја уредува брошурата „Србин за 1 минута“. И вториот предлог бил отфрлен, иако постоело расположение кај дел од најверните членови на ВМРО-ДПМНЕ да си ги променат дури и личните имиња, за партиската кауза. Сепак, на крајот било одлучено да се подготвува јавноста за формирање на нова социјалдемократска партија, со работна верзија „СДСМ-Вистинска“.

Имајќи предвид дека списокот на кандидати за лидер на СДСМ-Вистинска од ден на ден станува сè поголем, било одлучено идниот лидер да биде избран на следниот состанок на фамилијата, по демократски пат, со тајно гласање.