Структурата на хоророт

19.02.2013 14:16
Структурата на хоророт

еден не е половина два. Два се половини од еден
-Е.Е. Камингс

Мистичните стихови на мистичниот поет можеби ни зборуваат за љубовта или религијата, а можеби за поединецот и општеството. Ми се чини дека тие не пропагираат стопувачка хомогеност (тоталност на истото), туку во идеалот на Едното ја афирмираат неделивоста на тоа Едно. Неделивоста, пак, на Едното, можеби ја воспоставува неговата слобода, но и неговиот копнеж, да не биде Едно.

Слично е, ми се чини, со партиите и политиките. Една партија не е половина од две. А двете заедно се само половинки од недостижниот идеал на Едно (општество, мислење, сакање...).

Затоа понекогаш единството е толку важно, до степен на пресудност. Зашто единството не е прост збир на одделни волји, туку некаков речиси мистичен квалитет, нешто што ги трансцендира поединечностите. Единството најчесто се втемелува во водачот, нацијата или заедницата. Но, единството може да се втемели и во омразата, во отпорот. Македонците, ми се чини, имаат што да кажат на таа тема: можеби не знаеме кои сме и што сакаме, но многу добро знаеме кои не сме (Бугари, Срби, Грци). Таа приказна трае барем 150 години.

Зборот ми е: цело СДСМ може да се пресели во ВМРО - омразата кон груевистичкото ВМРО ќе остане како клучен легитиматор на која било следна власт. Дотолку, ми се чини дека омразата кон одвратниот режим е најважниот залог за некоја идна, понормална, подобра Македонија, сосема спротивна од сегашнава „морница меѓу народите“.

Во психоаналитичарска смисла, ВМРО е националното un/heimlich. На тој необичен германски збор Фројд му посветил обемна расправа, тргнувајќи од еден расказ на Хофман: unheimlich значи несродно, далечно, туѓо, вознемирувачко... Зборот е парадоксален и личи на сопствената сенка, на антонимот со спротивно значење: heimlich. Меѓу многуте нијанси на значења, heimlich ја содржи и онаа што се поклопува со спротивниот збор, unheimlich. Она што ни било блиско, кон што сме трчале со симпатии, се преобразува во обеспокојувачко, потресно - пишува Фројд во својата расправа од 1919 година.

Сигурни Вивер, во ликот на Рипли, во филмот „Алиен“, низ односот кон сопственото чудовиште-дете блескаво ја долувува напнатоста на un/heimlich. Тука лежи, ми се чини, и тајната на перверзниот однос меѓу македонската нација и ВМРО - внатрешниот паразит, одметнатото чудовиште, блудниот син, близок како казна, раѓање и смрт, сошиен како франкенштајновска крпеница во трансвременските лаборатории на националниот дух.

Heimlich, односно Heimlichkeit, означува некаква доверлива интимност, блискост, припаѓање, сигурност, втемеленост, т.е. скуќеност. Das unheimliche е директна негација на тоа и значи обезтемеленост, туѓост, морничавост... Но, таа морничавост никако не е, ниту може да биде, некаде на друго место. Таа секогаш е тука. Малограѓанскиот поредок (оној од Твин Пикс, на пример) го претставува патријархалното и потенцијално злосторничко лице на unheimliche. Помеѓу heimlich и unheimlich, значи, нема голема разлика; un- е симптомски знак од несвесното кој битно учествува во создавањето на она што сме. Накусо, според Фројд, unheimlich е несвесното и потиснатото.

Ако согледувањава ги префрлиме на полето на политичкото, можеби ќе ни стане појасно од каде мрачните идеологии ја црпат својата сила и зошто луѓето во несигурни времиња често избираат самоубиствени водачи. Зошто гласаат за сопствената пропаст. Зошто трчаат во пресрет на она од што треба да бегаат. Зошто опасното им заличува на присно и топло.

Филмскиот критичар Робин Вуд објаснува дека структурата на хоророт се состои во тоа да се враќаме кон она од што бегаме. Драматургијата на нашата траума суштински е поврзана со амбивалентноста што ја чувствуваме кон монструмот; страшното едновремено е и привлечно. Домот, огништето, топлината, утробата, на некој чуден начин знаат да се извртат во нешто сосема спротивно: туѓо, несфатливо и заканувачко.

Лиланд Палмер, пореметениот татко во серијата „Твин Пикс“, поради својата патријархалност и злосторничка несвесност, можеби е уште попрецизен симбол за Фројдовото un/heimlich. Лиланд всушност го симболизира целото мрачно место, Твин Пикс. Тој цело време глуми угледен и морален граѓанин, иако ја силувал и убил сопствената ќерка. Дури и на крајот, низ маглите на себесогледувањето, насетувајќи ја сопствената монструозност, Лиланд ја негира својата злосторничка природа (низ него дејствувала мрачната сила наречена Боб) и со насмевка му вели на агентот Купер: „Јас не убив никого“.

Фотографиите се од серијата Twin Peaks (David Lynch, Mark Frost, 1990/91)

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото