Кој уште се сеќава на Косово

20.02.2013 09:30
Кој уште се сеќава на Косово

Кој уште се сеќава на војната во 1999, кога НАТО ја бомбардираше Србија? Подоцна беа испратени меѓународни сили, КФОР, и воспоставен е протекторат под закрила на ОН. Па потоа на 17 февруари 2008 е прогласена независна држава која од тогаш ја признаа речиси сто земји. Набргу потоа ЕУ ја презеде улогата на ОН и ја создаде најголемата цивилна мисија во историјата на Европа - ЕУЛЕКС. Во септември 2012, истече меѓународниот протекторат на Косово.

Вака изложено, ова личи на линеарна приказна за еманципација. Но, повнимателното согледување на деталите го менува тој впечаток. Кога ќе го отворите новиот косовски Закон за кривична постапка, на него ќе го пронајдете амблемот на американскиот Стејт департмент.

Како што видовме во Авганистан и Ирак, одржувањето на мирот е многу покомплицирано од добивањето на војната. И на Косово опстојува горливото прашање за изградба на нацијата, и покрај сите вложени средства: повеќе од 600 милиони евра за 5 години од мисијата на ЕУЛЕКС.

Колку чинат и повеќе од потребните стабилност и мир, по крвавите војни во деведесеттите? Постои сомнеж дека ЕУ можеби одлучи да замиже пред корупцијата и криминалот во регионот.

Приоритет е дијалогот помеѓу Косово и Србија, кој е започнат во 2011. „Сите, од државата до локалните власти, се однесуваат како да се разочарани од ЕУЛЕКС“, вели Словенецот Самуел Жбогар, специјален пратеник на ЕУ во Приштина, „Но погрешно е уверувањето дека правосудството и полицијата се доволни за брза промена на косовското општество. Тоа ќе потрае.“

Како што минуваа годините, така дебатата стануваше сè погласна. Есента 2012 Европскиот ревизорски суд објави извештај во кој ги критикува резултатите на ЕУЛЕКС. Извештајот е објавен по забелешките на германскиот министер за одбрана Томас де Мезиер, кој го скрши дипломатското табу велејќи дека на мисијата на Косово и’ се потребни „нов почеток, ново име, нова структура и нови луѓе“. На Берлин не му одговара присуството на силите на НАТО на Косово, т.е. 5.500 припадници на КФОР, од кои една четвртина се германски војници.

Најголемиот проблем на ЕУЛЕКС е фактот дека тој е политички слаб: треба да и’ помогне на држава која не е признаена од пет членки на ЕУ. Вториот проблем е територијален. Мисијата не може ефикасно да работи во општините на северот на Косово населени со Срби. Автомобилите на ЕУЛЕКС често не можат да ги преминат барикадите. Сведоците се заплашени или непријателски расположени кон мисијата. Двојните институции создадоа хаос. И како да се почитува законот, ако никој не знае кој закон да го примени?

На крајот, тука се конкретните прашања поврзани со изградбата на државата. Службениците на ЕУЛЕКС, инаку добро платени (во просек по 8.000 евра месечно) повеќе им служат на своите матични држави отколку што одговараат на хиерархијата во самата организација. Нивниот ангажман на Косово е прекраток - една или две години - за да ги сфатат локалните прашања и менталитетот, иако многу од нив веќе работеле за УНМИК, мисијата на ОН за Косово.

Нивните косовски колеги сè уште не се подготвени да ги преземат нивните задачи. Повеќе од 80% се школувани во поранешниот југословенски режим, па потоа со години биле неактивни. По намалувањето на персоналот за една четвртина во 2012, идејата за реформирање на ЕУЛЕКС е одложена. Крајот на мисијата е планиран за јуни 2014. Меѓутоа, нема многу изгледи дека тоа ќе оди според планот. Косовскиот правосуден систем нема ниту слобода ниту компетенција да преземе одговорност за најчувствителните истраги.

На Косово во моментов течат два процеса. Првиот, под закрила на ЕУЛЕКС, е воведување на владеење на правото - што е иницијатива која ќе бара повеќедецениски труд. Вториот, со поддршка од Брисел, е нормализација на односот Белград - Приштина, која еден ден ќе ги воведе двете држави во ЕУ. Тие процеси се непомирливи. Доказите за корупција и крупни криминални активности меѓу косовската политичка елита се скриени во досиејата на ЕУЛЕКС и западните тајни служби. А токму оваа политичка елита, собрана околу премиерот Хашим Тачи, треба да ја преземе работата за нормализација на односите. Со оглед на оваа состојба, многу е тешко да не се повлече паралела со ситуацијата во Авганистан, претседателот Карзаи и неговиот клан.

„Локалните судии се под притисок на политичарите, а ЕУЛЕКС е под притисок на Брисел“, објаснува Шпенд Курсани, косовски истражувач од институтот КИПРЕД, автор на извештајот за европската мисија. „Ако истрагите ги загрозуваат стабилноста и текот на дијалогот, тогаш кабинетот на бароницата Ештон (висока претставничка на ЕУ за надворешни работи) би требало да го сигнализира тоа “. Во недостиг на подобри опции, Хашим Тачи е човекот кој ужива поддршка од Западот.

Ситуацијата дополнително ја усложнува недостигот од политички кадар. По војната, повисоки ешалони на ОВК, сè уште млади, ја презедоа власта. Владеењето на правото и стандардот на населението останаа само апстракции.

„Само ситните риби одат во затвор, а не ајкулите“, тврди Аљбин Курти, водач на националистичкото движење Vetëvendosje. Тој сака во земјата да се донесат европски професори и лекари, а не судии и полицајци. Авин Зогиани од антикорупциската невладина организација ЦОХУ, ги дели сомнежите околу прашањето за мотивите на ЕУЛЕКС: „Им ги проследивме доказите. Тие спроведоа истрага, а не се покренати обвиненија. ЕУЛЕКС одлучи да им даде имунитет на послушните припадници на елитата“.

Извор: Le Monde

ОкоБоли главаВицФото