Не градете џамии за да не ги рушиме

20.02.2013 10:35
Не градете џамии за да не ги рушиме

Во гробната тишина на западната цивилизација на северот на Европа, полека откривам што ми недостига. Натпреварот во децибели на звучниците низ Сараево, особено оној на Алипашината џамија и оној во Магриби, како и камбаните на католичката катедрала во Мариин-Двор. Ако имаше во близина и православна црква, тогаш будењето би било мултинационално комплетно.

Кога ќе го посетам Сараево, сонувам за мирните ноќи и зори на брегот покрај Голфската струја. Со измачено тело, поспана душа и дотраени нерви ги проколнувам оние што ги измислиле звучниците и ги создале камбаните. Споменувам религии и вери. Наутро, низ градските улици им се восхитувам на луѓето полни со енергија. Се прашувам како може да бидат толку одморени покрај ритамот на стрес што доаѓа од врвовите на светите куќи. Мора да имаат ѕидови со звучна изолација или чепови во ушите.

За нас, туристите носталгичари во градот на никогаш изгубените сеќавања, сепак, бавно бледнеат сликите на оние тивки или доволно гласни џамии или тешките ѕвона. Тогаш, им годеа и на верниците и на неверниците. Денес, тоа е какофонија од деформирани гласови и ѕвон впрегнати во борба за престиж и доминација. Не можам да разберам како некои религии или вери може да станат поголеми и поважни, ако се побучни. Со моќните децибели си го означуваат својот терен, луѓе и живот. Со звучните удари во изгревањето на зората, нè тераат да се запрашаме дали сме свои на своето, или луѓе без татковина, идентитет и лична слобода. Потоа, забораваме на црквите и џамиите сè до следното утро.

После секој (колку да се рече) одмор во Сараево, се заколнувам дека родната чаршија веќе нема да ме види. Луто заклучувам дека со значително помалку пари би можел подобро да поминам во некои бисери на Медитеранот или на тиролските висови. Таму би уживал во рајаскиот мир и би ги чувал нервите за претстојната година. За среќа или не, тоа трае два-три дена и веќе почнувам да копнеам по градот на емоциите во којшто автотиранијата станува сè пожестока.

Кој знае колку пати сум претрчал покрај големата џамија на влезот на Амстердам. Ми се чини дека има две минариња со многу звучници на нив. Никогаш не сум слушнал каков било звук што излегува од нив. Или можеби, авторадиото ми било погласно. Беше тивко и при неодамнешната посета на еден пријател којшто живее во мамутска станбена зграда. Најголем дел од станарите на таа бетонска кошница луѓе, како што е и вообичаено на периферијата на големите западноевропски градови, имаат автохтоно потекло. Влечат корени од сите меридијани. Со себе ги донеле својата култура, обичаи, религија. При изградбата на исламските верски објекти, со коишто и Сараево и Истанбул би се гордееле, најмногу помогнале верниците што живеат во ваквите „мамути“. Џамијата им е преку улица, како и во земјите од коишто дошле.

Седиме со часови. Низ прозорецот се гледа едно од минарињата. Пред очи ми излегува Рајвоса. Секој момент го чекам металниот глас од минарето. Онака, како од немукает. Вклучувајќи го лаптопот, ја отворам интернет страницата moskne.nl (џамии-не). Под развлечениот наслов што предупредува, никој друг, туку Геерт Вајлдерс. Најголемиот исламофоб во Европа, пред да тргне на февруарска турнеја низ Австралија за и таму да ги испровоцира христијаните, Евреите и останатите против „мухамединците“, запали уште еден оган на нетрпеливоста и омразата. Човекот којшто во последните години ја наруши светски познатата рамнотежа на различните култури и религии во земјите на Бенелукс, по изгубената битка против ЕУ за укинувањето на еврото, верува дека со оваа акција, неговата политичка ѕвезда повторно ќе засвети. Особено ако успее да ја раздвижи, главно, уште неполитичната холандска јавност, со тврдењето дека во земјата веќе има 450 џамии и дека конечно дојде времето да се запре никнувањето на такви објекти.

Новиот интернет-прогон што го спроведуваат Геерт Вајлдерс и неговата ултрадесничарска партија PVV, а коишто на минатите избори ги засенија речиси сите противници со тврдиот популистички јазик, е само продолжение на акциите започнати пред две години. PVV е позната и по тоа што ги прогонува странците и шири омраза кон работниците што доаѓаат од новите членки на ЕУ. До минатата година, Вајлдерс се гордееше со неговата интернет страница на којшто граѓаните на Холандија може да ги објават своите жалби и поплаки од работниците од Полска коишто легално работеа на тлото на Холандија. Таа омраза кон дојденците од источните земји особено се рашири меѓу пониските слоеви на општеството, каде што е раширена фамата дека Полјаците им го земаат лебот и работните места. Поради сето ова, незапирливо ескалира дискриминацијата на работниците.

Овој пат се игра на уште посилна карта. Се шират тврдења дека џамиите се симболи на идеологијата на омразата, насилството и понижувањето. Се повикува на борба за зачувување на христијанството пред бранот исламизација којшто ѝ се заканува на цела западна Европа. Веќе стигнаа паничните реакции од жителите на градовите Еншеде, Алмере и Зетмеер, во коишто се наѕира паничниот страв од градење исламски верски центри. Иако не само во Холандија, џамиите се поврзуваат со последните пискави медиумски прилози за зачестеното регрутирање млади муслимани за борбите во Сирија. Младите мажи, родени во земјите каде што христијанството е доминантно, по битките се враќаат дома индоктринирани од џихадот и воено обучени. Низ Германија, Белгија, Луксмбург загрижено се прашуваат за какви тоа задачи се спремиле во борбите протв Асад? Зошто, иако најголем дел голобради и со удобен живот на Запад, го оставаат тој живот поради повиците „Алах екбер“ низ сириските боишта?

На интернет страницата џамии-не, има совети како да се спроведе акција за забрана на никнувањето нови минариња. Се пренесуваат искуствата од Англија, каде што група противници на објектите што го симболизираат исламот изгуби само еден од 17 судски спорови. Се разбира дека акцентот е на користењето на сите правни средства што стојат на располагање. Како противтежа на PVV, се појави интернет страницата вајлдерс-не. Читајќи ги коментарите на двете страници лесно е да се заклучи дека се води уште една жестока крстоносна војна. За среќа, на дигитално поле.

Човекот којшто од маргинален политичар стана светска медиумска ѕвезда благодарение на неконтролираните искази против Мухамед и Куранот, помпезно изјавува дека нема ништо против луѓето што се нарекуваат муслимани. Тој е уверен дека тие набрзо ќе се ослободат од јаремот на исламот. Притоа, нагласува дека неговите дејства се насочени исклучиво против џамиите, симболот на омразата.

Исплашено го исклучувам компјутерот на пријателот. Од почените негодувања против дисхармонијата што иритира на сараевските одмори, доаѓам до сознанието колку малку е потребно да се наруши рамнотежата на различните култури. Исто како што јас, и многу други, си го сакаме утринскиот мир во родниот крај, така и милиони припадници на различни раси, бои и религии го бараат своето уставно загарантирано право на вероисповед. Децении наназад, во земјите со високоразиена демократија, таа рамнотежа беше на завидно ниво. Но, кога ќе почнат надгласувањата и натпреварувањата, се засилува чувството на загрозеност и лесно испливуваат сејачите на омразата. Од ситниците коишто бараат малку повеќе внимание и уважување, се тркалаат големи грутки што кога ќе се развијат во лавини, ќе биде тешко ќе се сопрат.

Извор: Oslobođenja

ОкоБоли главаВицФото