Бугарската влада падна по протестите!

20.02.2013 10:04
Бугарската влада ќе поднесе оставка по протестите!

Бугарскиот премиер Бојко Борисов и сите негови министри најавија дека денес во парламентот ќе поднесат оставки, во момент кога земјата ја тресат протести.

„Имаме достоинство и чест. Народот ни ја довери власта, ние денес му ја враќаме“, изјави Борисов пред бугарските пратеници, додавајќи дека нема да учествува во влада под која полицијата го тепа народот.

Исто така, Борисов рече дека нема да учествува во преодната влада пред парламентарните избори планирани за јули. Владејачката партија на Борисов, која победи на изборите во 2009 година, ја изгуби поддршката поради лошата економска состојба, најлоша во последните десет години.

Бугарските пратеници денес би требало да се изјаснат за реконструкција на кабинетот која ја предложи Борисов, како и за оставките на министерот за финансии и заменикот на премиерот, Симеон Џанков. Него би требало да го замени Томислав Дончев. Сепак, како што јавува Ројтерс, наместо реконструкција, владата целосно ќе се повлече.

Во антивладините демонстрации, кои синоќа беа одржани во Софија, беа повредени 11 луѓе, меѓу кои и шест демонстранти, кога дојде до пресметка со силите за разбивање на демонстрациите, соопшти полицијата.

„Пет полицајци и шест демонстранти се повредени, но никој не е сериозно ранет“, изјави шефот на полицијата во Софија, Валери Јорданов. Поради хулиганизам и уништување згради и возила во притвор се наоѓаат 11 луѓе.

Помеѓу 1.500 и 2.000 луѓе протестирале пред бугарскиот парламент кога дошло до судири помеѓу полицијата и демонстрантите, кои фрлале камеа кон зградата на парламентот и исршиле неколку прозорци. Припадниците на жандармеријата набрзо стигнале за да ги растераат собраните граѓани, кои се поместиле и со часови стоеле во блиските централни улици.

Државната телевизија БНТ прикажа снимки на кои се гледаат полицајци кои бркаат и тепаат помала група демонстранти. Медиумите во јужниот град Пловдив јавуваат дека демонстрантите запалиле четири возила кои и’ припаѓаат на австриската компанија ЕВН, која заедно со чешката компанија CEZ и Енерџи-про ги зголеми цените на електричната енергија што беше иницијална каписла Бугарите да излезат на улица и да побараат оставка од владата.

Бранот протести кој во најсиромашната земја во ЕУ почна пред околу една недела, од дена на ден собира сè повеќе незадоволни граѓани, кои тврдат дека сметките за електрична енергија ги надминале реалните цени за потрошената струја за околу 120%.

Според бугарскоот економски неделник Капитал, со минималната плата која во бугарија изнесува околу 130 евра, може да се купи 10 пати помалку електрична енергија отколку со мининалната плата во Франција. Потпретседателот на бугарската влада и министер за финансии, Симеон Џанков, поднесе оставка, што се доведува во директна врска со бранот незадоволство на градските улици.

Демонстрантите веднаш истата вечер реагираа со порака: „Џанков си отиде, на ред е Бојко“, мислејќи на премиерот Борисов.

Европската комисија минатиот месец соопшти дека ги пријавила Бугарија, Британија и Естонија пред Европскиот суд на правдта во Стразбур, затоа што тие земји не ги усвоиле целосно правилата на ЕУ за либерализација на енергетскиот пазар.

Бугарија ја делат пет месеци од изборите, а истражувањата на јавното мислење покажуваат дека поддршката на владата е опадната на 22%, а во иста мера граѓаните ја поддржуваат и опозициската Социјалистичка партија.

Во меѓувреме, социјалистите побараа распишување предвремени парламентарни избори.

Извор: B92