„Mexican Suitcase“, филм за Шпанската граѓанска војна

21.02.2013 09:23
„Mexican Suitcase“, филм за Шпанската граѓанска војна

Повеќе од четири и пол илјади негативи исчезнати за време на Шпанската граѓанска војна (1936-1939) повеќе од седумдесет години стоеле во еден плакар во Мексико Сити. Во 2007 ги откри режисерката Триша Зиф и потоа го сними документарниот филм „The Mexican Suitcase“, кој се занимава со војната низ објективот на Роберт Капа, Герда Таро и Дејвид „Чим“ Сејмор, познатиот фотограф чии дела го документираат херојството и идеализмот. Овој документарен филм, прикажан минатата година на Берлинскиот фестивал, деновиве е вистински хит на интернет, благодарение на емитувањето на неколку големи ТВ мрежи.

Освен што говори за несомнената уметничка и историска вредност на фотографијата, филмот на Триша Зиф се занимава со историското наследство и колктивната меморија на Шпанија. Во филмот се појавуваат учесници во граѓанската војна - и тие кои останале во Шпанија и тие кои побегнале, нивните противници, млади луѓе кои малку знаат за војната, а сакаат да го дознаат она за што се молчело со децении.

Останатите учесници во филмот „Mexican Suitcase“ (познати фотографи, кустоси, роднини и пријатели на тројцата фотографи) се прашуваат што ни кажуваат тие слики, што благодарение на нив може да дознаеме и што е тоа што ги прави толку посебни. До тогаш обично фотографите оделе во други земји зафатени од војна, додека Капа, Таро и Чим биле во својата земја и со самото тоа донеле нешто ново, поинакво и непретенциозно развиле свој стил, вели фотографот Лорна Аројо. Додека фотографирале, тие тројца секогаш биле во жариштето на битките, во акција, близу рововите. Герда Таро трчала среде битка од едно место на друго за да направи што подобра фотографија. Ако ја погледнеме историјата на воената фотографија, ќе видиме дека Капа, Таро и Чим се првите кои така и’ пристапуваат на фотографијата, за разлика од нивните претходници кои главно фотографирале пред или по битките.

Клучното прашање за целта и моќта на фотографијата го поставува фотографката Сузан Меиселас - како да се фати мигот, сликата, а истовремено да се говори за неправдата, како да се забележи слоевитоста на фотографијата, како да се донесе детаљот кој во себе носи цела приказна. Воените фотографи не поставуваат сцена, туку пренесуваат реален момент, а тие кои ги гледаат фотографиите како „аутсајдери“ треба да го почувствуваат тој момент.

Шпанската граѓанска војна е прва во Европа во која масовно се убивани цивили и се бомбардирани големи градови. Загинале околу 500.000 луѓе, а 200.000 побегнале од земјата, главно во Мексико. Оние кои останале во Шпанија и биле противници на диктатурата на Франко, по војната се затворани, мачени и убивани. За тие злосторства никој не одговарал, ниту кому било е судено, дури ниту 36 години од крајот на диктатурата.

Герда Таро е убиена во Шпанија во 1937 година, Капа загинал згазнувајќи мина во Индокина во 1954, а Чим е убиен 1956 година во Суец. Сите тројца загинале фотографирајќи во воени зони.

Нивните негативи се пронајдени седум децении подоцна во Мексико, во еден плакар, популарно наречениот „мексикански куфер“. Семејството на Роберт Капа во 1979 се обидело да дојде до негативите, но безуспешно. Куферот чекал да биде откриен од Триша Зиф на почетокот на XXI век и да потсети на времето за кое се знае малку, а во кое почнал фашизмот, од кој сè уште мора да се браниме.

Извор: e-novine

Слични содржини

Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото